Девизен курс
From Wikipedia, the free encyclopedia
Девизен курс (англиски: exchange rate) претставува непосреден сооднос меѓу вредноста на домашната валута и странските валути. Во поширока смисла, девизниот курс се однесува на вредносниот сооднос на домашната валута и валутата на која гласат краткорочните побарувања. Следствено, валутниот курс претставува цена на една единица странска валута изразена во домашни пари. Според тоа, секоја странска валута односно краткорочно побарување кое гласи на странска валута, на домашниот пазар претставува девиза и има своја цена т.е девизен курс на домашниот пазар.
Националните парични единици ги извршуваат функциите на пари внатре во рамките на сопствените национални економии. Од тоа следува дека македонскиот денар служи како национaлно платежно средство за плаќање во границите на Македонија, хрватската куна служи за плаќање во рамките на Хрватска, швајцарскиот франк е средство за плаќање во Швајцарија итн. Меѓутоа, секоја земја реализира голем број меѓународни економски трансакции со бројни други земји. При увоз на добра и услуги од САД, не е возможно плаќање во валутата на земјата-увозник, туку неопходно е плаќање во валутата на земјата извозник или во случајот за увоз на добра и услуги од САД, се плаќа во долари, т.е националната валута на САД. За извршување на ваквите трансакции се врши размена на валути на девизниот пазар по цената по која што се разменуваат валутите.[1]