Господарот на прстените (книга)
From Wikipedia, the free encyclopedia
Господарот на прстените (англиски: The Lord of the Rings) — најважното епско [1] и најпродавано дело[2] во Толкиновиот Легендариум, но и едно од најпознатите дела на светската литература од XX век. Своевидно продолжение на неговото претходно дело Хобитот, Господарот на прстените претставува раскажана сага во која се забележани настаните и пресвртите во еден свет во еден, за него, мрачен период. Пишувана долга низа години (1937-1949), а конципирана веројатно и многу порано, оваа книга е издадена во три тома во периодот 1954-1955:
![Thumb image](http://upload.wikimedia.org/wikipedia/mk/thumb/6/62/Jrrt_lotr_cover_design.jpg/320px-Jrrt_lotr_cover_design.jpg)
- Том 1: Дружината на Прстенот (The Fellowship of the Ring)
- Том 2: Двете кули (The Two Towers)
- Том 3: Враќањето на кралот (The Return of the King)
Некои претпочитаат томовите да ги нарекуваат делови, на што се противел и самиот Толкин, зашто книгата била обмислена како единствено, а не поделено дело. Книгата е издадена во три тома само поради недостигот на хартија во повоените години и пониската цена на секој том посебно. Подоцна, книгата излегува онака како што и е замислена: како единствено дело.
Во изданието на третиот том, Враќањето на Кралот, се вклучени и „Додатоците“ (The Appendices), каде се дадени сите потребни појаснувања со цел темелно и точно да се разбере текстот.
Настаните и ликовите од книгата се плод на фантазијата на авторот, но се засноваат на митологиите на повеќе народи, меѓу кои: англиската, прагерманската, грчката, па дури се среќаваат и елементи од христијанството.
За Господарот на прстените (секако и за останатите дела на Толкин) се врзани неколку многу битни факти; имено, за своите потреби, Толкин буквално создава (конструира) сопствен свет со повеќе раси и јазици, митологија, различни цивилизациски и општествени норми и вредности, степени на развиеност, и најважно од сѐ: свет со сопствена, многу добро елаборирана и усогласена историја.
Ова многу популарно дело има големо влијание во светски рамки. Доказ за тоа е и трилогијата снимена според ова дело: Господар на прстените (филм).