Витачево
висорамнина во Македонија / From Wikipedia, the free encyclopedia
Витачево — висорамнина во Тиквешијата, во јужниот дел на Македонија. Се протега во правец југозапад-североисток, во должина од 15 км, меѓу реките Бошава на југ и исток, Тиквешкото Езеро на р. Црна на запад и Тиквешката Котлина на север. Зафаќа површина од 122 км2, со средна надморска височина од 800-1.000 м, издигајќи се 500-600 м над околните предели.[1]
Висорамнината настанала со напластување на вулкански материјал (обично туфови) од избувите на вулканизмот на Кожуф.
Жариштето на поранешниот вулканизам се наоѓало од западната страна на Кожуф, долж денешната граница со Грција, кајшто се зачувани повеќе вулкански купи. Подрачјето се одликувало со кисел и избувен вулканизам со поголем обем на исфрлени андезитско-дацитски лави и пирокластичен материјал. Значителен дел од наталожениот материјал е однесен во поново време, а површината на некогаш многу попространата висорамнина е значително намалена. Поради неотпорноста на туфовите и оголеноста, Витачево е под многу силна ерозија, со бројни долчиња, долови, свлечишта (на пр. Градот) и други.[1]