Версајски договор
From Wikipedia, the free encyclopedia
Версајскиот договор бил мировен договор со кој и формално завршила Првата светска војна помеѓу силите на Антантата и Германија. Бил потпишан на 28 јуни 1919[1], точно 5 години по убиството на Надвојводата Франц Фердинанд во Сараево, што бил повод за почетокот на војната. Иако примирјето со кое прекинала војната било склучено на 11 ноември 1918, биле потребни уште 6 месеци на преговори за да се склучи мировниот договор. Најважни одредби од договорот биле дека Германија во целост ја прифаќа одговорноста за предизвикување на војната, се согласува да отстапи територии, да се разоружа и да плаќа воена отштета на одредени земји од Антантата.
Договорот не ја постигнал основната цел, а тоа било обезбедување на траен мир во Европа: поради понижувачките услови кои Германија била принудена да ги прифати, само неколку години подоцна дошло до појавата на нацизмот кој потоа постепено ги отфрлил обврските од договорот, а ја предизвикал и Втората светска војна.