Базилика Свети Петар
From Wikipedia, the free encyclopedia
Папска базилика „Свети Петар“ (латински: Basilica Papale Sancti Petri) — соборна црква во Ватикан, посветена на апостол Петар и е најголемиот христијански храм во светот, кој може да собере и до 60.000 верници.[1] Базиликата претставува „мајка-црква“ на Римокатоличката црква и се смета за едно од најсветите христијански места во светот. Во христијанскиот свет, таа е опишана како седиште на сите цркви и како најголема од сите цркви во христијанството.[2][3][4] Според католичкото верување, во базиликата е погребан апостол Свети Петар, еден од дванаесетте апостоли на Исус Христос, и според традицијата тој се смета за прв епископ на Рим, односно во подоцнжената традиција и прв папа на Римокатоличката црква.
Базилика Свети Петар Basilica Sancti Petri | |
---|---|
Внатрешноста на базиликата Свети Петар од Џовани Паоло Панини | |
Основни податоци | |
Место | Ватикан |
Координати | 41°54′8″N 12°27′12″E |
Припадност | Римокатоличка црква |
Осветен | 1626 |
Духовно-организациски статус | базилика |
Мреж. место | Официјално мрежно место |
Архитектонски опис | |
Архитект(и) | Донато Браманте Антонио да Сангало Помладиот |
Архитектонски стил | ренесанса и барок |
Поставен темел | 1506 |
Завршен | 1626 |
Особености | |
Сместивост | 60.000 + |
Должина | 220 м |
Ширина | 150 м |
Според христијанските верувања, во базиликата се наоѓа гробот на Свети Петар, непосредно пред олтарот во базиликата. Поради оваа причина, многу од папите биле погребувани на тоа место уште од времето на раното христијанство. Првата градба на црквата била изградена во текот на 4 век, односно во времето на Константин Велики. Целосната реконструкција и скоро целиот денешен изглед, базиликата го добила во периодот од 18 април 1506 до 18 ноември 1626 година.[5]
Базиликата е позната како место за поклонение. Таа е посетувана од страна на милиони христијански верници од целиот свет. Врз базиликата работеле едни од најголемите уметници меѓу кои најпознат е Микеланџело Буонароти. Како архитектонска конструкција, базиликата се сметала за најголема зграда во времето кога била изградена.[6] Треба да се напомене дека објектот посветен на Свети Петар не е катедрала ниту пак седиште на епископ. Како правилно определување се смета дека таа претставува папска базилика.