Афера ТАТ
From Wikipedia, the free encyclopedia
Аферата ТАТ — најголема пирамидална финансиска измама во историјата на Македонија, во која биле оштетени околу 13.000 граѓани за износ од над 60 милиони евра. Иако постојат основани сомневања, истакнати и од тогашниот премиер на Македонија Бранко Црвенковски дека позади аферата стојат лица од тогашната власт, виновниците за аферата досега не се пронајдени и казнети, освен директорката и сопственичка на штедилницата ТАТ Соња Николовска, која била осудена на затвор во траење од 3,5 години за даночно затајување.
Аферата оставила длабоки траги во економијата на Македонија, особено во регионот на Битола кајшто било седиштето на ТАТ. Штедачите на ТАТ останале без своите заштеди. Се смета дека над 100 самоубиства на поранешни штедачи на ТАТ се директна последица на аферата, а покрај тоа и наталитетот во Битола во годините по ТАТ опаднал. Граѓаните ја загубиле довербата во банкарскиот систем и ги повлекле своите заштеди од банките, што ја нарушило стабилноста на банкарскиот систем на Македонија, и ја зголемило цената на кредитите на подолг рок.