From Wikipedia, the free encyclopedia
Антонија Брентано (28 мај 1780 година во Виена – 12 мај 1869 година во Франкфурт), роденa како Јохана Антониja Јозефа Едле фон Биркеншток, познатa како Тони, билa филантроп, колекционер на уметнички дела, уметнички покровител и близок пријател на Бетовен, кој ѝ ги посветил „Дијабели“ варијациите за пијано.
Антонија била ќерка на австрискиот дипломат, образовен реформатор и колекционер на уметнички дела Јохан Мелхиор Едлер фон Биркеншток (1738–1809) и неговата сопруга Каролина Јозефа фон Хај (родена 1755 година во Фулнек/Бемен; починала на 18 мај 1788 година во Виена). Таа имала три браќа и сестри, од кои двајца починале во детството:
Нејзиниот татко бил царски советник на царицата Марија Терезија и на реформистичкиот император Јосиф II. Преку неговата сопруга, тој бил зет на Џозеф фон Зоненфелс, на кој му била посветена бетовеновата пијано соната во Де-дур оп. 28 (1802). Нејзината мајка била сестра на Јан Леополд Ритер фон Хеј (1735–1794), епископ од Храдец Кралове.
Од 1782 година до 1784 година, семејството Биркеншток живеело во Франкфурт на Мајна, каде што браќата на Антонија, Константин Виктор и Јохан Едвард фон Биркеншток, биле родени и починале за време на детството. Јохан Мелхиор фон Биркеншток најверојатно се запознал со семејството Брентано во тоа време. Во Виена, семејството живеело во замок со четириесет соби во централниот градски кварт на Ландштрасе, кој се наоѓал на Ердбергасе бр. 98 (денес, Ердбергштрасе 19), и каде се наоѓала големата библиотека и уметничка колекција на Биркеншток.
Десет дена пред нејзиниот осми роденден, Антонија ја изгубила мајка си за време на епидемија и била испратена на училиште во Урсулинскиот манастир во Пресбург.
Во септември 1797 година, просперитетниот франкфуртски трговец Франц Брентано (1765–1844), полубрат на авторите Клеменс Брентано (1778–1842) и Бетина фон Арним (1785–1859), ја испратил својата полусестра Софи Брентано (1806) и својата маќеа Фридерика Брентано вон Ротенхоф (1771–1817) во Виена за да ја запознаат Антонија.[1] Франц накратко се сретнал со Антонија на крајот од 1796 година или почетокот на 1797 година. По долги преговори со таткото на Антонија, Франц и Антонија се венчале на 23 јули 1798 година во црквата Свети Стефан во Виена. Осум дена по венчавката, парот заминал од Виена за Франкфурт на Мајна. Антонија и Франц имале шест деца:
Во август 1809 година, Антонија се вратила во Виена да се грижи за нејзиниот болен татко, кој починал на 30 октомври 1809 година. По неговата смрт, Антонија останала во Виена три години за да ја среди уметничката колекција на нејзиниот татко и да ја надгледува нејзината продажба. Франц Брентано основал филијала на својот бизнис во Виена и таму ѝ се придружил на сопругата. Бетина фон Арним, во нејзиниот епистоларен роман Преписката на Гете со дете, ја опишува колекцијата на Биркеншток на следниов начин:
Многу сум задоволна од старата кула, од каде го гледам целиот Пратер: дрвја по дрвја со величествен изглед, прекрасни зелени тревници. Овде живеам во куќата на покојниот Биркеншток, среде две илјади гравури, исто толку многу цртежи, стотина антички урни, етрурски лампи, мермерни вазни, антички остатоци од раце и нозе, слики, кинески фустани, монети, колекции на минерали, морски инсекти, телескопи, безброј мапи и планови на древни закопани кралства и градови, вешто изработени стапови, вредни документи и на крај мечот на императорот Карол. Сето ова нè опкружува со весела конфузија и само треба да се доведе во ред, така што нема што да се допре или да се разбере, и со костенската уличка во полн цут и бурниот Дунав кој нè носи на грб, едвај се издржува Галеријата на уметноста.[5]
Семејството Брентано се запознало со Бетовен и Гете во тоа време, во 1810 и 1812 година соодветно, и Бетовен последователно станал близок семеен пријател и редовен посетител на домот на семејството Брентано додека тие сè уште живееле во Виена. Бетовен евентуално посветил едно од неговите најуспешни дела на Антонија, „Дијабели“ варијациите за пијано; а уште две дела посветил на нејзината ќерка Максимилијана, вклучувајќи ја и неговата претпоследна соната за пијано.[6]
Американскиот психолог Мејнард Соломон, во неговата книга за животот на Бетовен од 1977 година, изнел повеќе аргументи според кои писмата на Бетовен за „Бесмртната возљубена“ биле наменети за Антонија, наведувајќи познати факти кои го поддржуваат неговото тврдење дека Брентано и Бетовен биле интимно вмешани до крајот на летото од 1812 година. И покрај успехот во наведувањето на многу научници да ја прифатат неговата хипотеза како факт, Соломон напишал: „Јасно е дека тука не постои можност за апсолутна сигурност и истражувачот не треба да ги исклучи дури и најневеројатните можности.“ Оставајќи ја отворена можноста за појава на контрадикторни докази во иднината, Соломон, побиен од некои научници[7][8] и сè уште поддржан од други,[9] тврди дека по 42 години најверојатниот кандидат за Бесмртната возљубена на Бетовен останува Антонија Брентано.[10] Мислителите кои се противат на неговото тврдење единствено наведуваат дека Антонија не само што била омажена, туку најверојатно бремена во времето на наводната средба во Карлсбад во 1812 година, а Бетовен, според негово признание, бил верен пријател на Антинија, на нејзините деца и нејзиниот сопруг, и бил сосема чесен човек.[7]
Откако семејството Брентано се враило од Виена, Франц бил избран за сенатор на Франкфурт (1816). Антонија била позната како „мајката на сиромашните“ поради нејзината добротворна дејност собирајќи средства за сиромашните и обесправените граѓани на Франкфурт. Таа основала и водела неколку добротворни организации.[11] Антонија исто така била една од најистакнатите културни фигури во Франкфурт и помогнала во формирањето на неговото салонско друштво. Семејството Брентано ги забавувало познатите личности на времето како Гете и браќата Грим, како во нивната куќа во Франкфурт така и во нивната викендичка Винкел близу Рајнгау.[12]
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.