From Wikipedia, the free encyclopedia
Абрахам Линколн (англиски: Abraham Lincoln, роден на 12 февруари 1809 - починал на 15 април 1865 ) — шеснаесеттиот Претседател на Соединетите Американски Држави и првиот Претседател од Републиканската партија од март 1861 до неговиот атентат во април 1865 година. Линколн бил претседател на САД во чие време започнала Американската граѓанска војна како најкрвава војна и можеби нејзина најголема морална, уставна и политичка криза[1][2]. Притоа, тој ја сочувал Унијата, го отворил патот за укинување на ропството, ја зацврстил федералната влада и ја модернизирал економијата.
Абрахам Линколн | |
---|---|
Абрахам Линколн во 1863 година | |
16-ти Претседател на САД | |
Потпретседател | Ханибал Хамлин (1861–1865) Ендру Џонсон (1865) |
Претходник | Џејмс Бјукенан |
Наследник | Ендру Џонсон |
Член на Претставничкиот дом на САД Претставничкиот дом од на Илиноис Илиноис | |
Претходник | Џон Хенри |
Наследник | Томас Л. Харис |
Лични податоци | |
Роден(а) | февруари 12, 1809 Хоџенвил, САД |
Починал(а) | април 15, 1865 56) Вашингтон, САД | (возр.
Партија | Партија Винг (1834–1854) Републиканска партија (1854–1864) |
Други припадности | Национална Унија (1864–1865) |
Сопружник | Мери Тод |
Деца | Роберт Линколн Едвард Линколн Вилијам Линколн Тед Линколн |
Родители | Томас Линколн Нанси Линколн |
Професија | правник, политичар |
Потпис | |
Воена служба | |
Припадност | United States of America Илиноис |
Род | Илиноис Милиција |
Траење | 3 месеци (21 април 1832 – 10 јули 1832) |
Роден во Хоџенвил, Линколн пораснал на западната граница во Кентаки и Индијана. Во голема мера самообразован, тој станал адвокат во Илиноис, водач на партијата Виг, и бил избран во Претставничкиот дом на Илиноис, каде што работел осум години. Избран во Претставничкиот дом на Соединетите Држави во 1846 година, Линколн промовирал брза модернизација на економијата и се спротивставил на Мексиканско-американската војна. По еден мандат, се вратил во Илиноис и ја продолжил својата успешна правна практика. Повторно се вратил во политика во 1854 година, станувајќи водач во градењето на новата Републиканска партија, која имала мнозинство во државата во Илиноис. Како дел од кампањата од 1858 година за американскиот сенатор од Илиноис, Линколн учествувал во серија на многу публицирани дебати со неговиот противник и соперник, демократот Стивен А. Даглас. Линколн зборувал против проширувањето на ропството, но ја загубил трката со Даглас. Во 1860 година, Линколн обезбедил претседателска номинација на Републиканската партија како умерена, иако повеќето делегати првично се залагале за други кандидати. И покрај тоа што тој добил многу малку поддршка во државите на југ, тој го освоил Северот и бил избран за Претседател во 1860 година.
Иако имало обиди да се премостат разликите меѓу Северот и Југот, победата на Линколн поттикнала седум држави од југот да се отцепат од Соединетите Американски Држави и да ги формираат Конфедеративните Држави на Америка пред да се пресели во Белата куќа. Нападот на Конфедерацијата на Форт Самтер го инспирирал Северот да застане зад Унијата. Како водач на умерената фракција на Републиканската партија, Линколн се соочил со Радикалните републиканци, кои побарале построг третман на Југ. Линколн се борел повторно, спротивставувајќи ги своите противници едни против други, со внимателно планирано политичко покровителство и со апелирање до американскиот народ со своите ораторски способности[3]. Неговото Гетисбергско обраќање станало основа за поддршка на национализмот, републиканизмот, еднаквите права, слободата и демократијата. Тој го суспендираше Habeas corpus, внимателно ги надгледувал воените напори, особено изборот на генерали, вклучувајќи го и неговиот најуспешен генерал, Јулисиз Симпсон Грант. Тој донел големи одлуки во врска со стратегијата на Унијата за војна, вклучително и поморска блокада која ја затворил трговијата на Југот. Како што напредувала војната, неговите сложени потези кон завршување на ропството вклучувале Прокламација за еманципација од 1863. Линколн ја користел армијата на САД за да ги заштити избеганите робови, и го поништил Тринаесеттиот амандман на Уставот на САД, според кој трајно се забранува ропството.
Искрено политичар длабоко инволвиран во проблемите со моќта во секоја држава, Линколн им се обратил на воените демократи и успеал да ја спроведе сопствената предизборна кампања на претседателските избори во 1864 година. Предвидувајќи го заклучокот на војната, Линколн го ублажил умерениот став за реконструкција, барајќи брзо да ја обедини нацијата преку политика на великодушно помирување, во услови на долготрајна поделба. На 14 април 1865 година, пет дена по предавањето на генералот на Конфедерацијата Роберт Ли, Линколн бил застрелан од конфедералниот симпатизер Џон Вилкс Бут и починал следниот ден. Линколн е постојано рангиран и од страна на научниците[4] и од јавноста[5] меѓу најголемите претседатели на САД.
Абрахам Линколн е роден на 12 февруари 1809 година, како второ дете на Томас и Нанси Хенкс Линколн, во близина на Хоџенвил[6]. Тој бил потомок на Семјуел Линколн, Англичанец кој мигрирал од Норфолк, во 1638 година. Тој бил наречен на неговиот дедо Абрахам Линколн, убиен од Индијанците. Родителите на Линколн биле речиси целосно необразовани. Подоцна, кога станал познат, репортерите и раскажувачите често ја преувеличувале сиромаштијата и темнината во која тој се родил. Всушност таткото на Линколн бил почитуван и релативно влијателен државјанин на областа, купил семејната фарма за 200 долари.
Три години по купувањето на имотот, поради спор на сопственоста, поднесена во Окружниот суд на Хардин[7][8], неговото семејство се преместило. Томас го водел случајот, но истиот го изгубил во 1815 година. Парите потрошени во процесот довеле до проблеми во семејството. Во 1811 година семејството успеало под наем да зема 30 акри од големиот 230 акри имот во Кноб Крик, земја која се наоѓа само на неколку милји од претходниот нивниот дом, а земјата е една од најдобрите во овие места. Во тоа време, таткото на Линколн веќе бил почитуван член на локалната заедница, успешен земјоделец и столар. Најраните спомени на Абрахам се од овој имот. Во 1815 година друг тужител презел акција за отстранување на семејството од нивната земја. Вознемирени од новиот судир, татко му изгубил секаква доверба во безбедноста на законите на Кентаки, по кое одлучил да се пресели во Индијана, чија територија била под контрола на федералната влада каде правата на сопственост на земјиштето биле посигурни. Многумина историчари веруваат дека сите овие проблеми се причината подоцна Абрахам да стане адвокат и да ја брани каузата за построга контрола врз примената на законите.
Во 1816 година, кога Линколн бил на седум години, тој и неговите родители се преселиле во Спенсер Каунти, Индијана[9], како што тој подоцна споменал „делумно поради ропството“ и делумно поради економските тешкотии во Кентаки[10][11].
Во 1830 година[12], по уште еден проблем со земјиштето и економските тешкотии, семејството добило од федералната влада земјиште кај Сангамон Ривер, Илиноис. Следната зима била особено тешка и семејството речиси се вратило во Индијана. Кога татко му го преселил семејството во соседната област, 22-годишниот Линколн презел решителни дејствија на своја глава и се предвижил со кану по Сангамон и се населил во сопствена фарма во Сангамон Каунти, Илиноис во селото Њу Сејлм. Истата година бил вработен од страна на локален трговец и заедно со неговите пријатели тој превезувал стока со брод до Њу Орлеанс. Таму веројатно ја видел продажбата на робови што оставиле белег врз него во текот на целиот живот.
Линколн ја започнал својата политичка кариера во 1832 година, кога имал дваесет и три години со кампања за гласање за Генералното собрание на Илиноис. Неговата основна идеја била да се вршат подобрувања на речната навигација, за да се привлечат повеќе трговски премини по Сангамон, а тоа од своја страна ќе овозможило ретко населената и сиромашна област да се оживи и да просперира. Служел како капетан во американските доброволни чети на Илиноис и учествувал во војната на Црниот јастреб[13], а по неговиот избор напишал дека „сличен исклучителен успех во животот ми дава големо задоволство“.
Подоцна, презел голем број комерцијални и политички активности но не успеал во сите нив. Откако го прочитал вториот том од четирите тома на „Коментари на законите на Англија“ од сер Вилијам Блекстоун, започнал да студира право во 1837 година, а истата година се преселил во Спрингфилд и започнал со пракса. Тој станал еден од најпочитуваните и успешни адвокати во Илиноис. Од 1834 година, Линколн опслужувал четири последователни мандати во Претставничкиот дом на Илиноис[14]. Во 1837 година го искажал своето прво несогласување со ропството, како што кажал во својот говор дека тое е „политика која е докажано незаконска и лоша“[15].
Од 1837 до 1841 година, Линколн живеел со Џошуа Фрај Спид во Спрингфилд. Некои современи биографи ја споделуваат контроверзната теорија дека нивната врска исто така била и сексуална. Ова прашање предизвикува исклучителен интерес и во 2005 списанието Тајм објавило истражување под наслов „Меланхолијата на Линколн: Како депресијата го подложува на тест еден претседател и го распалува неговото величество“ (Lincoln's Melancholy: How Depression Challenged a President and Fueled His Greatness)[16], во кое авторот Џошуа Шенк тврди дека „да се дели едно легло со маж во средината на 19 век е толку нормално, колку и да се дели стан со маж во почетокот на 21 век“, објаснувајќи дека термините хетеросексуалност и хомосексуалност во времето на Линколн не постоеле. Не постои подобна заштита за Џејмс Бјукенан, кој на сличен начин го делел креветот со сенаторот Кинг. Напротив, се претпоставува дека неговата сексуалност е нејасна. За ваков вид толкување причина може да биде и широко распространетото мислење дека Бјукенен е најлошиот претседател на САД, додека за возврат Линколн се смета не само за национална икона, туку и за икона на Републиканската партија, позната по тоа што сè уште има тешкотии во прифаќањето на хомосексуалната еднаквост во американското општество.
Во 1841 година, тој почнал да работи заедно со Вилијам Хердон, колега од партијата Виги. Во 1856 година, тие се приклучиле на новоформираната Републиканска партија. По атентатот врз Линколн, Хердон започнал да собира раскази за претседателот од оние кои го познавале и ја објавил книгата „Линколн според Хердон“.
Според некои извори, првaта романтична љубов на Линколн била Ен Рутлејџ, која ја запознал кога првпат се преселил во Нов Салем. Овие извори покажуваат дека до 1835 година, тие биле во врска, но формално не биле во брак[17]. Таа починала на 22-годишна возраст на 25 август 1835 година, најверојатно од тифусна треска[18]. Во раните 1830-ти, тој ја сретнал Марија Овенс од Кентаки кога ја посетувала својата сестра[19].
Во 1836, Линколн се согласил да се сретне со Марија ако се врати во Нов Салем. Марија се вратила во ноември 1836, и Линколн ѝ се додворувал, но сепак, и двајцата имале други мисли околу нивната врска. На 16 август 1837 година, Линколн и напишал на Марија писмо што сугерира дека нема да ја обвини ако ја прекине врската. Таа никогаш не одговорила на писмото и додворувањето завршило[19].
Во 1840 година, Линколн ја забележил Марија Тод, која била од богато семејство со робови во Лексингтон, Кентаки[20]. Тие се сретнале во Спрингфилд, Илиноис во декември 1839 година[21] и закажале свадба следниот декември[22]. Свадбата за 1 јануари 1841 година била откажана кога двајцата ја прекинале врската на иницијатива на Линколн[21][23]. Тие подоцна повторно се сретнале на забава и се венчале на 4 ноември 1842 година во Спрингфилд[24]. Додека се подготвувале за свадбата, повторно се почувствувало вознемиреност по кое Линколн, на прашањето каде оди, одговорил: „Претпоставувам до пеколот“[25]. Во 1844 година, двојката купила куќа во Спрингфилд во адвокатската канцеларија на Линколн. Марија Тод Линколн ја чувала куќата, често со помош на роднина или низнајмена слугинка[26].
Тој бил љубезен, иако често отсутен, сопруг и татко на четири деца. Роберт Тод Линколн е роден во 1843 година и Едвард Бејкер Линколн (Еди) во 1846 година. Едвард починал на 1 февруари 1850 година, во Спрингфилд, веројатно на туберкулоза. Вили Линколн е роден на 21 декември 1850 година и починал од треска на 20 февруари 1862 година. Четвртиот син на Линколн, Томас Линколн, е роден на 4 април 1853 година и починал од срцева слабост на возраст од 18 години на 16 јули 1871 година[27]. Роберт бил единственото дете кое доживеало зрелост и имало свои деца. Последниот потомок, правнук на Линколн, Роберт Тод Линколн Бекит, починал во 1985 година[28]. Линколн бил „голем љубител на децата“[29], и Линколнови не се сметале за строги кон нив[30].
Смртта на нивните синови имала длабоки ефекти врз двата родитела. Подоцна во животот, Марија се борела со депресија поради губењето на својот сопруг и синови, а Роберт Линколн привремено ја присилил да замине во болница за ментално здравје во 1875 година[31]. Абрахам Линколн страдал од меланхолија, состојба која денес се нарекува клиничка депресија[32].
За време на неговиот мандат како претседател на Соединетите Американски Држави, Марија често знаела да готви за Линколн. Бидејќи таа била од богато семејство, нејзините способности за готвење биле едноставни, но задоволителни за вкусовите на Линколн, кои вклучувале, особено, увезени остриги[33].
Во 1846 година Линколн бил избран за еден мандат во Претставничкиот дом, како член на партијата на вигите. Како нејзин верен член, Линколн често гледал на водачот Хенри Клеј како на политички идол. Како почетник во Домот, Линколн не бил влијателен член на Конгресот. Тој го искористил својот мандат, за да се искаже против војната со Мексико, која според него е предизвикана од желбата на претседателот Џејмс К. Полк за „воена слава - ова прекрасно виножито, кое се појавува по дождови од крв".
Линколн уште од самиот почеток бил еден од главните поддржувачи на кандидатурата на Закари Тејлор за претседател на партијата на вигите[34]. Администрацијата на Тејлор му понудила функцијата гувернер за Територијата Орегон. Тој одбил и се вратил во Илиноис, каде останал активен член на партијата на вигите, но ја оддал целата своја енергија на адвокатската професија.
Во средината на педесеттите години на 19 век, Линколн веќе постигнал значителна слава во правните кругови на Илиноис, особено со учеството во правното решавање на транспортната рамка на речните баржи и железниците[35][36]. Во 1849 година добил патент за метод за вадење на бродови на површината[37][38].
Линколн ја претставил „Железници Алтон & Сангемон“ во 1851 година при спорот на корпорацијата со еден од нејзините акционери - Џејмс Барет, кој одбил да плати за ослободување на залогот на компанијата тврдејќи дека компанијата не ги исполнила обврските бидејќи бил променет начинот на трасата[39][40]. Линколн ја бранел позицијата дека статутот на компанијата може да се менува во името на јавниот интерес и дека новиот пат предложен од „Алтин & Сангемон“ има значителни предности и е поевтин, а за возврат компанијата има право да тужи г-дин Барет поради нарушени услови за плаќањето. Тој го добил ова дело пред Врховниот суд на Илиноис и потоа решението по него било цитирано и во други судови на САД.
Познато е дека Линколн работел барем по едно кривично дело, кога во 1858 година го бранел Вилијам Амстронг „про боно“, кој бил изведен пред суд по обвинението дека го убил Џејмс Пристон Метскер.[41]. Случајот станал познат по тоа што Линколн наметнал спроведување на истражен експеримент, ретка тактика во тоа време, за да ја докаже клетвата на сведокот, кој тврдел дека го видел извршувањето на убиството на месечинска светлина. Линколн искористил „земјоделски алманах“ за да ја заштити својата теза дека месечината била премногу ниска над хоризонтот, за да има доволно светлина, на која сведокот би можел да види што и да било. Врз основа на овие докази Амстронг бил оправдан.
Законот Канзас-Небраска од 1854 година[42], кој експлицитно укинува наметнати од Компромисот од Мисури граници на ропството, е причината која го вратила Линколн во политиката. Говорот против законот од 16 октомври 1854 година во Пеорија, го приклучил кон поддржувачите на слободата во тоа време[43].
Демократот Стивен Даглас, кој бил меѓу оние кои го поставуваат во Конгресот Законот Канзас-Небраска, понудил за да се излезе од ќорсокакот по прашањето за ропството, граѓаните на државите сами да одлучуваат. Сепак многу источни републиканци ја подржиле кандидатурата на Даглас за Сенатот бидејќи гледале во него водач од Северот, кој ја води опозицијата против притисокот на администрацијата на претседателот Бјукенен за усвојување на Уставот Лекомптон која овозможила Канзас да стане ропска држава.
Примајќи ја номинацијата на Републиканците за Сенатот во 1858 година, Линколн го кажал својот познатат говор, во кој се вели: „Куќа во која царува раскол не може да се задржи на своите основи“ (Исус, Евангелие на Матеј 12:25). Говорот создал трајна слика за можната поделба на ропството. Линколн бил гледан во политичките кругови како потенцијалниот кандидат против широко популарниот Даглас.
За време на неуспешната кампања за Сенатот од 1858 година, Линколн имал серијата дебати со Даглас[44], на кои се спорело за прашања од национален интерес, и кои прашања ја поделиле нацијата на две. За време на дебатите Линколн го принудил Даглас да ја предложи Доктрината Фријпорт[45] и како последица на тоа тој ја изгубил поддршката од робовладелците по кое дошло до распаѓање во редовите на Демократската партија. Иако Конгресот на Илиноис го реизбрал Даглас за Сенатот, Линколн за време на кампањата се претворил во политичка ѕвезда од национално ниво.
Линколн бил избран за кандидат на Републиканската партија бидејќи се сметало дека неговите ставови за ропството се умерени и поради неговите корени од Запад (за разлика од другиот главен кандидат - Вилијам Сјуарт кој бил од Њујорк) и поради тоа што други кандидати имаат непријатели во партијата. За време на кампањата Линколн бил нарекуван „ковач на огради“ (Rail Splitter), за да се нагласи неговото обичен потекло и блискост со народот, иако во тоа време бил доста богат поради адвокатската работа.
На 6 ноември 1860 година, Линколн бил избран за 16-тиот Претседател на Соединетите Американски Држави , победувајќи го Даглас и двајца други кандидати. Линколн е првиот претседател на Републиканската партија. Тој победил благодарение на целосната поддршка што Северот му ја понудил, за разлика од Југот, каде што победил само во 2 од вкупно 996 општини. Пред изборот на Линколн, водачите на јужните држави јасно ставиле до знаење дека ќе ја напуштат Унијата доколку дојде до негова победа. Вкупно седум држави ја напуштиле Унијата пред претседателските избори и формирале Конфедеративни Американски Држави.
Веќе како избран претседател, Линколн преживеал по обидот за атентат во Балтимор, Мериленд и на 23 февруари 1861 година пристигнал тајно и преправен во главниот град Вашингтон. Јужнаците му се потсмевале на оваа итрина, но овие безбедносни мерки би можело да се покажат како исправни. Линколн ја презел функцијата на 4 март 1861 година, опкружен со телохранители, а војската била ставена во зголемена борбена спремност за справување со немирите во главниот град.
Во својот прв говор при преземање на функцијата, Линколн каќал: „Јас тврдам дека врз основа на универзалниот закон и Уставот, сојузот на овие држави е постојан. Постојаноста се подразбира, иако не е експлицитна, во основните закони на националните влади“. Исто така додал и дека задачата на Уставот е да „формира подобра унија“, за разлика од Договорот за Конфедерацијата, чии одредби создавале една наметната постојаност, за разлика од оние на Уставот. Линколн реторички прашал: „дури и ако го прифатиме Уставот како обичен договор, дали е неопходно заемна согласност меѓу страните да го прекинат тоа?“
Во својот говор при инаугурацијата Линколн цврсто се противил на Компромисот на Критендон, кој предвидувал дозвола за ропство на териториите кои влегуваат во Мисури и Калифорнија. Макар и да имал поддршка за овие компромиси меѓу умерените републиканци и меѓу нацијата, Линколн кажал дека ако се прифати компромисот „тоа ќе биде причина за војна против секој човек, племе и држава, кои поседуваат и една педа земјиште од тука до Тера дел Фугео.“ Линколн ги отфрлил сите предлози за назначување јужнаци во неговата канцеларија.
Иако Линколн е нашироко познат по тоа што ставил крај на ропството во САД, а и неговите лични ставови биле дека ропството од морална гледна точка е зло, тоа толкување на ропството од уставна гледна точка, според него, имало посложена природа. Тој сметал дека изразот од Декларацијата за независност, дека „сите луѓе се создадени еднакви“ треба да се однесува и за црните робови и дека тоа станува ропството што не треба да се шири во новостекнатите територии. Од друга страна Линколн сметал дека федералната влада не располага со уставната власт да забрани ропството во државите каде што тоа веќе постои, а и одржува колонизациско разбирање според кое ослободените црни робови имаат премногу различен начин на живот, кој нема да им дозволи да живеат заедно, во општество со бели Американци.
Линколн често се обвинува за ослободувањето на поробените црнци со Прокламацијата за ослободување. Но, државите и териториите кои биле дел од Унијата и кои дозволиле ропство, биле исклучени од еманципација. Првично, декларацијата ослободила само неколку избегани робови, но исто така ги ослободила и робовите од териториите што ги одзела Конфедерацијата. Линколн потпишал Декларацијата како воена мерка, тврдејќи дека единствено избувнувањето на војната дава уставно право на претседателот да ослободува робови од држави, каде овој систем сè уште постои. Подоцна, кажал тој,:„никогаш не сум се чувствувал посигурен во мојот живот, бидејќи го потпишав овој документ“. Прокламацијата го укинала ропството во конфликтните држави, што било и официјалната цел на војната и дало поттик за создавање и усвојување на 13-тиот амандман на Уставот на САД, кој го укинал ропството. Од политичка гледна точка Декларацијата за еманципација помогнала во значителен степен на Северот, исклучително силните анти-робовски позиции на Линколн конечно ја убедиле Велика Британија и други земји дека не треба да обезбеди помош на Југот.
Можеби најважниот придонес на Линколн, надвор обврските на главен командант, е потпишувањето во 1862 година на Законот за земјиште, иако и самиот Линколн немал речиси никаква врска со изготвувањето на текстот во Конгресот. Многумина сметаат дека ова е најважниот дел од легислативата во историјата на САД, што го прави достапен за купување на ниски цени милиони хектари државно земјиште во Средниот Запад. Секој човек над 21 година има право да стекне парцела од 160 хектари (647.000 м²) само со пополнување на барање и плаќање на 18 долари. Земјата мора да се насели, да се одгледува и да се подобри за период не пократок од 5 години. Многумина биле повеќе од подготвени да прифатат таков предизвик.
Законот Морил Ленд–Гранд Колиџ, потпишан од Линколн, исто така во 1862 година, дал можност за добивање на државни заеми за основање на земјоделски универзитети во државите. Таквите универзитети обезбедувале обука за новите сопственици на земјишни парцели. Тие помагнале да се постават основите на научното земјоделство и можеби најважно е тоа што тие го демократизирале учењето во Америка. Како и со Законот за земјишни планови, самиот Линколн имал малку врска со создавањето и унапредувањето на Конгресот на овој зазкон.
По востанието на Сиуксите во август 1862 година во Минесота, на Линколн му биле дадени смртни пресуди на 303 луѓе од востанието[46]. Тој одобрил само 39, од кои едното било одложено. Линколн бил екстремно критикуван за оваа акција во Минесота и во неговата администрација, бидејќи многумина мислеле дека сите 303 Индијаци треба да бидат погубени. Реакцијата во Минесота била толку силна што Републиканската партија го изгубила во 1864 година своето влијание во државата, но одговорот на Линколн бил: „Не можам да дозволам да се бесат луѓе поради гласови на изборите“.
По изборот на Линколн, на 4 март 1864 година тој го произнесел својот втор говор по стапувањето на должност, која била и неговата омилена од сите политички говори кои ги дал. Во тоа време победата била јасна над отцепувачите, а ропството завршило, а тоа му дозволило на Линколн да ја предвиди иднината.
Поради војната, Абрахам Линколн имал голема загриженост. Линколн имал затегнати односи со генерал Џорџ Маклелан кој станал командант на сите армии на Унијата во пресрет на срамната загуба во Првата битка кај Бул Ран и по повлекувањето на генералот Винфилд Скот. Линколн имал голема желба активно да учествува во планирањето на воените операции, иако немал искуство со тоа. Главните цели на Линколн биле две - прво да се заштити престолнината Вашингтон што е можно подобро и второ - да води агресивни воени дејствија, на тој начин што ќе го задоволи јавното мислење и печатот на Северот за постигнување на кратка војна со брза победа. Маклелан бил повикан повторно во армијата но имал повнимателен пристап. Тој ја подготвувал во текот на неколку месеци Полуостровската кампања која имала за цел освојување на Ричмонд преку придвижувањето на армијата по Потомак преку чамци до полуостровот помеѓу Џејмс и Јорк Ривер. Одложувањето на МекКлелан го налутило на Линколн, кој сметал дека не се потребни повеќе сили за заштита на Вашингтон. Линколн инсистирал да се остават некој делови кои можат да ја гарантираат безбедноста на главниот град, а тоа решение МекКлелан го сметал за главната причина за целосниот неуспех на Полуостровската кампања.
МекКлелан, како демократ, со конзервативни ставови, но истовремено со тоа и силно избувлив, бил ослободен како командант на сите армии откако испратил писмо до Линколн и му дал политички совет да има повнимателен пристап во воените дејствија. Ова писмо гиналутило радикалните републиканци кои го притискале Линколн да го назначи републиканецот Џон Поуп за командант на новата армија на Вирџинија. Поуп бил во согласност со желбата на Линколн да го нападне Ричмонд од север, со што ќе обезбеди заштита за главниот град. Сепак, тој претрпел пораз во втората битка кај Бул Ран, летото 1862 година. Ова ја присилило армијата на Потомак по вторпат да се врати во Вашингтон, а Поуп бил испратен на запад за да се бори против Индијанците.
Кај Линколн се создала паника поради инвазијата на генералот од Југот, Роберт Ли во Мериленд, по кое Линколн го вратил МекКлелан на должноста командант на сите армии околу Вашингтон точно на време за Битката кај Антиетам во септември 1862 година. Победата во оваа битка му овозможило на Линколн да го потпише Прогласувањето за ослободување. Линколн повторно го ослободил од должност на МекКлелан по одржувањето на изборите за Конгресот од 1862 година и го именувал републиканецот Амброз Бернсајд да раководи Армијата на Потомак, кој презеl обврска да ja следи визијата на Линколн за агресивен пристап против Ричмонд и генерал Ли. Откако Бернсајд бил поразен категорично во Битката кај Чанселорсвил, Џозеф Хукер ја презел командата, но и тој бил поразен кај Чанселорсвил во мај 1863 година и исто така бил ослободен од функцијата.
По победата на Унијата кај Гетизберг и месеците на недостиг на активност од страна на Армијата на Потомак, Линколн зил судбинско решение да назначи нов командант на армиите - генерал Јулисиз Симпсон Грант кој не бил многу посакуван од тврдокорните републиканци, бидејќи бил демократ, но од друга страна имал импресивна серија на победи, вклучувајќи ги оние кај Виксбург и Чатанога. Во реакција на критиката за назначувањето на Грант, Линколн кажал: „Не можам да си дозвлам да не го користам овој човек. Тој војува.“ Грант ја започнал крвавата Кампанија Оверланд во 1864 година и ја користел стратегијата „војна на исцрпеност“, која се одликувала со големи загуби за Унијата во битките кај Вилдернес и Колд Харбор, но и истовремено со тоа со пропорционално големи загуби за Конфедерацијата. Агресивната тактика на Грант му овозможило на крајот да го одржи Ли кај опсадата на Питерсбург и како резултат на тоа Унијата го освоила Ричмонд по кое следувал крајот на војната во пролетта 1865 година.
Линколн му дал право на Грант да ја користи тактиката на „опожарено земјиште“, за да го поткопа моралот на Југот и да ги уништи економските извори за да не дозволи да продолжи војната. Ова им овозможило на генералите Вилијам Шерман и Филип Шеридан да уништуваат фабрики, фарми и градови во Џорџија, Јужна Каролина. Уништувањата во Џорџија се проценуваат на 100 милиони долари.
Линколн имал контрадикторни достигнувања како воен водач, бидејќи една земја ја проценила стратешката важност на одредени точки и важноста да се победи противничката војска, а не само да се освојуваат градовите. Од друга страна, тој постигнал мал успех во наметнувањето на своите ставови за генералите. Тој нашол кај Грант човек со кој делат заеднички вредности и начин на дејствување и тоа му овозможило да ја оствари својата идеја за бројни активности на различни фронтови во реалноста.
Линколн го разбрал својот недостаток на воено искуство и тоа развило кај него желба да биде запознаен со деталите на воената кампања. Тој поминувал по неколку часа во Министерството за одбрана за да ги прочита телеграмите испратени од неговите генерали. Тој постојано го посетувал бојното поле и бил фасциниран од воените дејствија.
Линколн бил далеку поуспешен во презентирањето на значењето на војната на Север. Иако имал речиси комплетен недостаток на образование и растел во пограничните области, Линколн поседувал исклучителни познавања на англискиот јазик и како доказ треба да се посочи говорот кај Гетисбург пред гробовите на војниците кои загинале во Битката кај Гетисбург во 1863 година. Додека водечкиот говорник Едвард Еверест зборувал повеќе од два часа, ретките, но грижливо одбрани зборови на Линколн предизвикале ексклузивна резонанца во нацијата и во американската историја, при што го ценат сопственото предвидување на Линколн дека „светот едвај ќе забележи и брзо ќе го заборави она за што сме зборувале тука“. Вториот говор на Линколн по стапувањето на должност, исто така добил исклучително признание и популарност и често е цитиран. Во своите говори, Линколн подобро од било кој друг свој современик, дава основа и прикажува смисла од напорите на Унијата.
За време на војната Линколн добил права кој никој друг претседател до сега немал: најавил блокада, престанува примената на habeas corpus - правото на затвореникот да се појави пред суд за да добие пресуда, троши пари без претходна согласност од Конгресот, често фрла во затвор без убедување луѓе обвинети за шпионажа во корист на Југот. Некои историчари тврдат дека политичките апсења, наредени од Линколн се протегале до политичките врвови, вклучувајќи и неуспешна потерница за претседателот на Врховниот суд - Роџер Тени, но овој случај останал нејасен и контрадикторен.
Линколн бил единствениот претседател кој се појавил на избори за време на Граѓанската војна во 1864 годин.а Долгата војна и издадената Политика за еманципација, донекаде ги намалиле неговите шанси за успех и поразот изгледал веројатен пред лицето на кандидатот на Демократската партија и поранешен генерал Џорџ МекКлелан. Линколн водел кампањата под сојузничко знаме и бил поддржан од Републиканци и Демократи. Освојувањето од Сојузот на Атланта од силите на Шерман во септември драматично ги променил изборните ставови и Линколн освоил втор мандат.
За реставрацијата на Унијата претседателот размислувал уште во времето на војната. Тој бил решен да спроведува политика која да не дозволи целосно отуѓување на поранешните држави од конфедерацијата и спровел брзи избори при олеснети услови во териториите кои останале зад линијата на фронтот на силите на Унијата. Ова ги иритирало на Републиканците во Конгресот, кои се залагале за построга политика за закрепнување. Линколн ретко го користел своето право на вето за време на воениот период, но истото го ставил кога Републиканците се обиделе да наметнат тешки услови за враќање на конфедералните држави.
„Нека го направиме лесно“, кажал претседателот на своите воени команданти - генерал Јулисиз Симпсон Грант (иден претседател), генерал Вилијам Шерман и адмирал Дејвид Диксон Портер на 4 април 1865 година. Ричмонд, досегашната престолнина на Конфедерацијата, бил освоен претходниот ден, а Линколн направил симболичен гест седнувајќи на столчето на Џеферсон Дејвис, давајќи знак на нацијата дека претседателот ја контролира целата земја. Тој бил поздравен во главниот град од ослободените робови како освојувач, а нивниот однос се гледа во една незаборавна реплика: „Разбрав дека сум ослободен кога го видов лицето на тато Абрахам и го почувствував“.
На 9 април 1865 година, Конфедералниот генерал Роберт Ли се предал на Вирџинија, а со тоа единствените сили што останале во битката биле оние на Џозеф Џонстон на исток. Неколку недели подоцна, Џонстон не се потчинил на наредбите на Џеферсон Дејвис и се предал на Шерман. Линколн не доживеал да го види предавањето на сите конфедерални сили, бидејќи само неколку дена откако Ли му се предал на претседателот, бил направен успешен обид за атентат.
Кон крајот на војната, Линколн често се среќавал со генералот Грант. Двајцата планирале да ги решат проблемите за обнова и на сите им било јасно дека имаат голема почит еден кон друг. За време на нивниот последен состанок на 14 април 1865 година (Велики Петок), Линколн го поканил Грант на светски настан таа вечер на кое Грант одбил. Најстариот син на претседателот Тод Линколн исто ја одбил поканата.
Во отсуство на својот телохранител - Вард Хил Ламон, на кој му го споделил својот прочуен сон за својот атентат, Линколн заминал да гледа претстава во Театарот на Форд. Претставата била „Нашиот американски братучед“, музичка комедија од Том Тејлор. Кога Линколн седнал во својата ложа, Џон Вилкс Бут, познат глумец и приврзаник на Југот, успеал да дојде зад балконот на претседателот и започнал да ја чека најсмешната реплика во претставата со надеж смеата да го намали звукот од истрелот. По ова, на сцената, глумецот Хари Хоук ја кажал последната реплика која Линколн ја слушнал во неговиот живот. Кога публиката се смеела, Џон Вилкс Бут влегол во ложата на претседателот и испукал само еден куршум во неговата глава. Куршумот излегол зад левото уво на Линколн и се заглавило зад неговите очи. Бут извикал „Sic semper tyrannis!“ („Така на тираните!“). Пресудата е мотото на Вирџинија и му се припишува на Марко Јуниј Брут. Некои велат дека Бут, исто така извикал „Југот е одмазден!“ и скокнал од балконот на сцената долу. По скокањето тој си ја скршил ногата.
И покрај својата повреда, Бут успеал да дојде до коњот и да избега, а смртно ранетиот и парализиран претседател бил однесен до една куќа од другата страна на улицата, каде што останал во кома за некое време и потоа починал. Абрахам Линколн официјално бил прогласен за мртов во 7:22 следното утро - 15 април 1865 (Велигден). Откако го видел мртов, министерот за одбрана Едвин Стентон напишал: „Сега тој припаѓа на вечноста“.
Tелото на Линколн било вратено во Белата куќа. Неколку други заговорници планирале да убијат во исто време и други политичари, но од различни причини атентатот против Линколн бил единствениот кој се остварил (државниот секретар Луис Пауел бил лошо повреден). Неколку заговорници биле заробени. Четворица биле тужени од воен суд и истите биле обесени - Дејвид Херолд, Џорџ Атсрод, Луис Пејн и Мери Сјуарт (првата жена погубена од страна на владата на САД). Тројца биле осудени на шест години затвор - Мајкл О'Лафин, Самуел Арнолд и д-р Самуел Муд. Џон Стјуарт подоцна бил ослободен од граѓанскиот суд. Правдата на пресудите - особено онаа на Мери Сјуарт често била доведувана во прашање и има оправдани сомневања за нејзиното учество во делото, ако воопшто може да се зборува за такво. Бут бил застрелан откако бил опкружен во една штала.
Телото на Линколн било положено во воз кој поминувал низ неколку држави во спектакуларната погребна церемонија на својот пат кон Илиноис. Нацијата го жалела човекот, кој се смета од многумина за Спасителот на САД. Бил погребан во Оук Риџ, каде што бил изграден гроб од 54 метри за него во 1874 година. За да се сопрат множеството обиди за кражба на телото на Линколн со цел откуп, Роберт Тод Линколн го ексхумирал и го погребал повторно во бетонски саркофаг.
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.