’Ржаново (Струшко)
село во Општина Струга From Wikipedia, the free encyclopedia
’Ржаново — село во областа Малесија, во Општина Струга, сместено високо на падините на планината Караорман.
За други истоимени места, погледајте ’Ржаново.
’Ржаново | |
![]() Поглед на селото ’Ржаново | |
Координати 41°22′23″N 20°39′56″E | |
Регион | Југозападен |
Општина | Струга |
Област | Малесија |
Население | 0 жит. (поп. 2021)[1] |
Пошт. бр. | 6338 |
Повик. бр. | 046 |
Шифра на КО | 26021 |
Надм. вис. | 1.250 м |
’Ржаново на Ризницата |
Потекло на името

Името на селото првпат е споменато како „’Ржано“ во 1583 година. За името постојат повеќе варијанти од каде потекнува името:.[2]
- од ’Ржан (дол) или ’Ржана (нива), како и придавна форма на ’рж и -ово (село); и
- првобитната форма е ’Ржано, што е супстантивизирана придавка од ’рж (во селото најмногу се сеело ’рж), додека формата ’Ржанов е добиена по аналогија на соседното село Локов, додека обликот Аржаново е канцелариски творба настаната по аналогија на честите топоними образувани со наставката -ово, без да се води сметка за структурата на името.
Географија и местоположба
Селото се наоѓа во областа Малесија, во северниот дел на територијата на Општина Струга, на западните падини на планината Караорман.[3] Селото е планинско, на надморска височина од 1.250 метри.[3]
Од градот Струга е оддалечено 33 километри.
Помеѓу селата Збажди и ’Ржаново тече Збошка Река, која во текот на летниот период неретко пресушува. Се влева во Црн Дрим кај селото Глобочица.[4]
Историја
Во XIX век, ’Ржаново било село во рамките на Охридската каза на Отоманското Царство.
Стопанство

Во селото во минатото постоела огромна земјоделска задруга во која се чувале овците од Струшкото Поле. Задругата била сместена на патот помеѓу селата Збажди и ’Ржаново.
Население
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото ’Ржаново имало 360 жители.[5] По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во ’Ржаново имало 360 жители.[6]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 250 Македонци.[7]
Селото е наполно раселено по 1961 година, кога што имало 128 жители, македонско население.[3]
Според пописот од 2002 година, во селото ’Ржаново немало жители.[8] Истото било потврдено и на пописот од 2021 година.
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 360 | 360 | 296 | 314 | 128 | 0 | 0 | 0 | 0 | 0 | 0 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[9]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[10]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[11]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[12]
Родови
Ржаново било чисто македонско православно село, кое денес е целосно раселено. Сите родови во селото биле доселенички. И повеќето родови се многу стари доселеници.
Родови во ’Ржаново се: Влаовци и Мартиновци, кои се делат на Постоловци, Марковци и Стојановци (25 к.), нивните предци најпрво дошле во подрачјето на селото, се зборува дека однекаде избегал некој Влав сточар, па најпрво на местото Лаиншта си изградил привремено живеалиште, а после некое време подигнал куќа; Ќелешовци со Ќечовци и изумрените Лошановци (8 к.) се еден род, по потекло се од Вапила, Охридско, од каде најпрво отишле на чифлик во Корча, каде останале 17 години, па потоа преминале најпрво во Славила (раселено село во атарот на Селци) во Славила не останале долго, туку морале да бегаат од турските напади, има преку 200 години како живеат во ’Ржаново; Бирачовци и Јанковци (9 к.) потекнуваат од ист предок, по потекло се од селото Мислодежда, таму и сега има место, Бирачова нива, во Мислодежда бил некој пољак „Турчин“ од Зогаја или Лузнија во Долен Дебар, на служба во родот Бирачовци. Пољакот во една прилика и направил нешто лошо на жената на Тодор од Бирачовци и Тодор земал пушка и го убил пољакот. Потоа од страв се населил во Славило (раселено село). Ни неговиот брат Јанко не можел долго да остане во Мислодежда, каде во тоа време почнале да се населуваат Албанци, па пребегнал најпрво во Корча, а од Корча потоа преминал кај неговиот брат. Со нивното иселување Мислодежда престанала да биде македонско село. После уништувањето на селото Славила, се населиле во ’Ржаново, каде живеат преку 200 години; Џутевци (4 к.) се веројатно од селото Џутаит во Албанија. Ги има и во Пискупштина. Во ’Ржаново се доселени преку Глобочица; Павлевци (4 к.) доселени се од селото Присовјани, се доселил Трифун Шупуроски кој влегол во родот Вељановци, кои се изумрени по машка линија; Аџиоски Бајрам (1 к.) Ром ковач, во Ржаново дошол „одамна“ од Локов.[13]
Самоуправа и политика

Селото влегува во рамките на Општина Струга, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото се наоѓало во некогашната Општина Луково.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Струга. Селото припаѓало на некогашната општина Струга во периодот од 1957 до 1965 година, додека во периодот 1955-1957 селото припаѓало на тогашната општина Луково.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Караорман, во која покрај селото ’Ржаново, се наоѓале и селата Богојца, Брчево, Глобочица, Збажди, Локов, Мислодежда, Поум и Присовјани. Во периодот 1950-1952 година, селото ’Ржаново било дел од некогашната општина Локов, во која влегувале селата Буринец, Локов, ’Ржаново и Селци.
Избирачко место
Селото е опфатено во избирачкото место бр. 1892 според Државната изборна комисија, кое е сместено во основното училиште во селото Присовјани, а во кое влегуваат населените места Буринец, Локов, Присовјани, ’Ржаново, Селци и Збажди.[14]
На локалните избори во 2017 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 22 гласачи.[15] На референдумот во 2018 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 19 гласачи.[16]
Личности
Личности родени во ’Ржаново:
- Милица Боро Богоевска (1918-) — учесник во НОВ на Македонија
- Менка Велјаноска (1910-) — учесник во НОВ на Македонија
Културни и природни знаменитости

- Археолошки наоѓалишта[17]
- Голем Кутел — средновековна населба;
- Дебелица — населба од доцноантичкото време;
- Добра Слива — средновековна населба.
- Цркви[18]
- Црква „Св. Недела“ — главна селска црква
- Реки[4]
- Збошка Река — помала река, притока на Црн Дрим
Наводи
Поврзано
Надворешни врски
Wikiwand - on
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.