Remove ads
From Wikipedia, the free encyclopedia
Реал Сосиедад де Футбол (шпански: Real Sociedad de Fútbol) попознат како Реал Сосиедад (шпански превод: Кралско друштво) — професионален фудбалски клуб, со седиште во Сан Себастијан, Баскија, Шпанија. Се натпреварува во Ла Лига, највисокото ниво на шпанскиот фудбал. Клубот е основан на 7 септември 1909 година. Своите домашни натпревари ги игра на стадионот Аноета.
Целосно име | Реал Сосиедад де Футбол Real Sociedad de Fútbol | ||
---|---|---|---|
Прекари | Бело-сините (Los Txuri-Urdin) Вистинскиот (La Real) | ||
Основан | 7 септември 1909 | ||
Стадион | Аноета (Капацитет: 39,500) | ||
Претседател | Џокин Аперибеј | ||
Менаџер | Иманол Алгуацил | ||
Лига | Ла лига | ||
2023/24 | 6-ти | ||
Мреж. место | Службено мрежно место | ||
|
Реал Сосиедад ја освоил титулата во Лигата во 1980–81 и 1981–82, а завршил како вицешампион во 1979–80, 1987–88 и 2002–03. Клубот го има освоено и Купот на Кралот трипати, во 1909, 1987 и 2020 година. Главен ривал на Реал Сосиедад е Атлетик Билбао, против кого го игра Баскиското дерби. Реал Сосиедад бил основач на Ла Лига во 1929 година; неговиот најдолг период во првата лига бил 40 сезони, од 1967 до 2007 година.[1]
Традиционално клубот следел политика (слична на онаа на неговиот ривал Атлетик) да потпишува само играчи од Баскија, пред да потпише со напаѓачот на Република Ирска Џон Олдриџ во 1989 година. Додека силен баскиски контингент е задржан меѓу неговите играчи, во денешно време во клубот се застапени и Шпанци од небаскија и странски играчи. Нејзиниот младински дел после баскиската ера сè уште бил многу успешен во развојот на меѓународно познати играчи, како што се Чаби Алонсо и Антоан Гризман.[2]
Клубот четири пати се натпреварувал во Лигата на шампионите на УЕФА. Во сезоната 2013/14, тимот завршил на 4-то место во групната фаза. Во сезоната 2003/04, клубот напредувал во осминафиналето пред да загуби од Лион. Во Купот на шампионите 1982/83, тимот стигнал до полуфиналето, каде загубил тесно од Хамбургер. Во сезоната 1981/1982 година, клубот загубил во првото коло од ЦСКА Софија.
Покрај фудбалот (вклучувајќи женски тим), Реал Сосиедад има и неколку секции, вклучително и атлетика, хокеј на трева и баска пелота.
Фудбалот бил воведен во Сан Себастијан во раните 1900-ти од страна на студенти и работници кои се враќале од Британија. Во 1904 година, тие го формирале Рекреативниот клуб Сан Себастијан, првиот фудбалски клуб во градот, а во 1905 година клубот се натпреварувал во Копа дел Реј.[3] Во 1907 година, конфликтот помеѓу членовите на клубот предизвикало тимот да се подели со неколку играчи (како што се Алфонсо, Мигел Сена и Доминго Арилага) кои заминувале за да создадат нов тим во 1908 година, Фудбалскиот клуб Сан Себастијан. Овој тим аплицирал за влез во Копа дел Реј во 1909 година, но поради компликациите околу дозволите за регистрација, тие се натпреварувале како Клуб Циклиста де Сан Себастијан.[3] Овој тим убедливо го победил моќниот Атлетик Клуб со 4–2 во четврт-финалето, а потоа го победил Клуб Еспањол од Мадрид со 3–1 во финалето.[4] Важна фигура на овој тим бил Џорџ Мекгинис, кој постигнал 6 гола на турнирот вклучувајќи го и првиот во финалето.
Неколку месеци по оваа победа, играчите кои го освоиле турнирот го основале Сосиедад де Фудбал на 7 септември 1909 година. Сосиедад се пријавил за влез во Копа дел Реј во 1910 година, но уште еднаш морал да се натпреварува под друго име, Васконија де Сан Себастијан и уште еднаш стигнале до финалето, каде биле поразени од Атлетик (0–1).[5] Истата година, кралот Алфонсо XIII - кој го користел Сан Себастијан како негова летна престолнина - му го дал на клубот своето покровителство, каде што подоцна станал познат како Реал Сосиедад де Футбол. Првото финале што клубот го играл како Реал Сосиедад било во 1913 година, каде на Барселона и биле потребни три натпревари за да ги победи.[6] По 15-годишна пауза, Сосиедад стигнал до финалето во 1928 година, кое било неверојатно слично на нивното претходно, бидејќи на Барселона повторно и биле потребни три натпревари за да ги победи на Ел Сардинеро.[7]
Реал Сосиедад бил основач на Ла Лига во 1929 година. Тимот бил четврти со Франциско „Пако“ Биензобас кој завршил како најдобар стрелец. Името на тимот било променето во Доностиа Клуб де Футбол во 1931 година со доаѓањето на Втората Шпанска Република, но повторно се сменил во Реал Сосиедад по Шпанската граѓанска војна во 1939 година. Тимот генерално флуктуирал помеѓу дивизиите Примера и Сегунда, во еден период (во текот на 1940-тите) успевајќи да испадне и да се промовира седум пати. Отприлика во тоа време, скулпторот Едуардо Чилида бил голман на тимот додека повредата не ја запрела неговата фудбалска кариера.
Тимот завршил како второпласиран во Ла Лига за прв пат во сезоната 1979-1980, освојувајќи 52 поени во споредба со 53 на Реал Мадрид и 13 поени повеќе од третопласираниот Спортинг де Хихон. Реал Сосиедад ја освоил својата прва титула во Примера Дивизион на крајот од сезоната 1980-1981, ускратувајќи му ја на Реал Мадрид четвртата последователна титула затоа што иако двата клуба завршиле со 45 бода, а Мадрид имал супериорна гол-разлика, Сосиедад бил подобар во меѓусебниот дуел.[8] Ова го квалификувало Сосиедад во Европскиот куп 1981-82, каде што биле елиминирани во првото коло од ЦСКА Софија од Бугарија, која била домаќин и победила на првиот натпревар со 1-0. Реваншот во Шпанија завршил со нерешен резуктат од 0-0.[9]
Клубот ја задржал титулата во Лигата наредната сезона, победувајќи ја Барселона со 47 поени спрема 45, под раководство на Алберто Ормаетксеа. Напаѓачот Хесус Марија Сатрустеги бил најдобар стрелец на клубот за сезоната 1980–81 со 16 голови.[10] Тој постигнал 13 голови следната сезона, иако Педро Уралде бил најдобар стрелец со 14 голови.[11] Клубот стигнал до полуфиналето на Европскиот куп 1982-1983, победувајќи ги Викингур од Исланд, Селтик и Спортинг Лисабон пред да загуби со вкупни 3-2 од евентуалниот шампион Хамбургер. Реал Сосиедад го освоил Суперкупот на Шпанија на почетокот на сезоната 1982-1983, поништувајќи го поразот од 1-0 во првиот натпревар и го поразил Реал Мадрид со вкупни 4-1.
На 11 март 1987 година, Реал Сосиедад поставил рекорд за најмногу голови во четвртфиналето на Копа дел Реј, откако ја совладал Мајорка со 10-1. Во полуфиналето на истиот турнир, го победил својот баскиски ривал Атлетик Билбао со 1–0 на два натпревари. На 27 јуни 1987 година, Реал Сосиедад ја освоил својата единствена титула во Копа дел Реј, победувајќи го Атлетико Мадрид со 4-2 на пенали, откако ремизирале 2-2. Натпреварот се одржал на Ла Ромареда во Сарагоса, Арагон.[12] Во Купот на кралот следната сезона, Реал Сосиедад повторно го победил Атлетико Мадрид, откако го поразил во четвртфиналето. Потоа го победил Реал Мадрид со вкупни 5-0 во полуфиналето, но загубил со 1-0 во финалето од Барселона на стадионот Сантјаго Бернабеу во Мадрид на 30 март 1988 година.[13] Во Ла Лига 1987-1988, Реал Сосиедад бил второпласиран и ја загубил титулата - со 51 бод наспроти 62-те на Реал Мадрид - и три бода повеќе од третопласираниот Атлетико Мадрид.[14]
Долги години, Реал Сосиедад ја следел практиката на својот баскиски ривал Атлетик Билбао да игра само со баскиски играчи. Тие ја напуштиле политиката во 1989 година кога потпишале со ирскиот интернационалец Џон Олдриџ од Ливерпул.[15] Олдриџ постигнал 16 гола во својата прва сезона, со што бил најдобар стрелец на клубот,[16] и четврти најдобар стрелец во целата лига, додека Ла Реал завршиле на петтото место.[17] Во 1990 година, Ла Реал потпишал со англискиот напаѓач, Далијан Аткинсон од Шефилд Венздеј, кој станал првиот црн играч на клубот.[18] Тој постигнал 12 гола во својата прва сезона, втор во клубот само после Олдриџ со 17 гола.[19] Тоа било последната сезона на Олдриџ во Сосиедад, и тој заминал да игра во пониските англиски лиги во Транмир Роверс, додека Аткинсон се приклучил на клубот од највисоката англиска лига, Астон Вила.
Во сезоната 1997-98, Реал Сосиедад завршил на третото место, негов најдобар пласман откако бил второпласиран во 1988 година. Неговите вкупни 63 поени биле 11 помалку од шампионот Барселона, но само два помалку од второпласираниот Атлетик Билбао. Клубот завршил повисоко на табелата од Реал Мадрид поради подобрата гол разлика.[20] Југословенскиот напаѓач Дарко Ковачевиќ постигнал 17 голови таа сезона, што го направило четвртиот најдобар стрелец во лигата.[21] Третото место го квалификувал Ла Реал во Купот на УЕФА 1998-99, каде што ги победил Спарта Прага и Динамо Москва пред да биде исфрлен во третото коло од Атлетико Мадрид.
Откако завршил на 13-та позиција три последователни сезони, Реал Сосиедад бил вицешампион во сезоната 2002–03, што бил негов најдобар пласман од 1988 година.[22] Нивниот резултат од 76 поени бил полош само од 78-те на Реал Мадрид, а Ла Реал имале четири поени повеќе од третопласираниот Депортиво де Ла Коруња.[23] Со клубот раководел Французинот Рејнал Денуе. Ударната сила на Ла Реал била турскиот напаѓач Нихат Кахвечи со југословенскиот интернационалец Дарко Ковачевиќ. Двајцата биле трет и четврти најдобар стрелец во лигата, соодветно, со 23 и 20 гола.[24] Во тимот биле вклучени и холандскиот репрезентативен голман Сандер Вестервелд и Чаби Алонсо во средниот ред. Алонсо бил добитник на наградата Дон Балон во 2003 година за најдобар шпански играч во лигата, додека Кахвечи бил избран за најдобар странски играч, а Денуе за најдобар менаџер.[25]
Клучните моменти од таа сезона биле кога Реал Сосиедад го победил Реал Мадрид во април 4-2 на стадионот Аноета. Го задржал првото место во Ла Лига до претпоследниот натпревар, кога загубил со 3–2 на гостувањето кај Селта Виго, додека Реал Мадрид го победил Атлетико Мадрид со 4–0. Ова значело дека Реал Мадрид го обезбедил првото место со два бода повеќе од Реал Сосиедад пред последниот натпревар, каде Ла Реал го совладал Атлетико Мадрид со 3–0, а Реал Мадрид го победил Атлетик Билбао за да ја освои титулата.[26] Тимот се квалификувал директно за Лигата на шампионите 2003/04 откако завршил на второто место; биле непоразени на домашен терен, постигнале вкупно 71 гол и загубиле само шест пати.
Реал Сосиедад биле извлечени во групата Д во Лигата на шампионите 2003-04 со Јувентус, Галатасарај и Олимпијакос. Тимот победил на два меча, три ремизирал и загубил на гостувањето кај Јувентус за да заврши на второто место и да се пласира во осминафиналето. Во сезоната 2003–04 во Ла Лигата забележале драматичен пад во перформансите на клубот, паѓајќи на 15-то место од 20.
На 9 септември 2006 година, Реал Сосиедад го одиграл својот 2.000-ти натпревар во Ла Лига. Истата сезона, тие испаднале од Ла Лига, завршувајќи на 19-тото место и ја прекинале 40-годишната серија во првата лига, нивниот најдолг престој во историјата. На 9 јули 2007 година, поранешниот велшки репрезентативец и менаџер на Фулам, Крис Колман, бил назначен за нов клупски тренер, по препорака на поранешниот менаџер на Реал Сосиедад, Џон Тошак, важен член на одборот на клубот.[27] Колман поднел оставка на 16 јануари 2008 година.[28]
Во сезоната 2012-13, Реал Сосиедад завршил на четвртото место и се квалификувал во Лигата на шампионите 2013-14 за прв пат од сезоната 2003-04, но овој пат во плеј-офот. Во плеј-офот, клубот го поразил Лион со 2-0 во двата натпревари за да се квалификува во групната фаза. Реал Сосиедад, сепак не успеаа да излезе од групата, освојувајќи само еден бод.[29]
На 10 ноември 2014 година, Реал Сосиедад го претставил Дејвид Мојс како нов менаџер да го замени Јагоба Арасат, кој бил отпуштен по серија лоши резултати.[30] Мојс станал шестиот британски менаџер во историјата на клубот, но тој бил отпуштен на 9 ноември 2015 година откако Сосиедад се наоѓал на 16-тото место во Ла Лига.[31] Подоцна истиот ден, тој бил заменет со Еузебио Сакристан.
Сакристан потпишал првичен договор до 30 јуни 2017 година.[32] Неговиот договор бил обновен во 2017 година, но Сакристан на крајот бил отпуштен откако низа лоши резултати го оставиле на 15-то место на табелата и вовлечени во битка за опстанок. Ајсер Гаритано станал следниот главен тренер, кој пристигнал од Леганес.[33] Тој издржал само седум месеци пред да биде отпуштен, со тимот исто така на 15-то место, со само пет победи во неговите седумнаесет лигашки натпревари.[34]
Гаритано бил наследен од менаџерот на резервниот тим, Иманол Алгуацил на 26 декември 2018 година.[35]
Во 2008 година, на годишниот генерален состанок на Реал Сосиедад, Ињаки Бадиола, тогашниот претседател на клубот, го обвинил претходното раководство на клубот за купување допинг супстанции. Во 2013 година, Бадиола дал долго интервју кога го обвинил претседателството на Хосе Луис Астиазаран дека платил до 300.000 евра на Еуфемијано Фуентес за да ги допингува играчите во тимот помеѓу 2001 и 2007 година.[36] Хосе Луис Астиазаран, кој бил претседател на Реал Сосиедад помеѓу 2001 и 2005 година, ги негирал тврдењата.[37]
Реал Сосиедад го освоил својот трет Куп на Кралот на 3 април 2021 година, речиси една година одложеното финале на Копа дел Реј 2020 поради КОВИД-19, во баскиското дерби против Атлетик Билбао.
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.