From Wikipedia, the free encyclopedia
Речната рибарка[2] (науч. Sterna hirundo) е птица од семејството на рибарките која се среќава и во Македонија. Распространета е околуполарно, а нејзините четири подвида се размножуваат во умерените и субарктички предели на Европа, Азија и Северна Америка. Таа е птица преселница, која зимува во крајбрежните тропски и суптропски предели. Возрасните со перје во сезона на размножување имаат многу светлосиви горни делови, бели до многу светлосиви долни делови, црна капа, портокаловоцрвени нозе, и прав, шилест клун. Зависно од подвидот, клунот може да биде црвен со црн врв или целиот црн. Има неколку слични видови, кои се разликуваат во детали на перјето, нозете и бојата на клунот или според огласувањето. Размножувајќи се во многу поширок опсег на живеалишта од нејзините сродници, оваа рибарка гнезди на секое рамно, сиромашно со вегетација место близу до вода, вклучувајќи ги и плажите и островите и лесно се адаптираат на вештачки платформи. Гнездото е сосема мала длапка во песокот или меѓу камчињата, но оградена или обрабена со гранчиња или нешто друго што е подостапно. Несат повеќе од 3 јајца, со бои кои овозможуваат камуфлажа во песокот на отворените плажи. Јајцата ги квачат обата родитела кои се испилуваат по 21-22 дена, или подолго ако колонијата ја вознемируваат грабливци. Со перје се здобиваат по 22-28 дена. Како повеќето рибарки и овие ја ловат рибата нурнувајќи се од лет, во мориња или езера, но се хранат и со разни безрбетници.
Речна рибарка | |
---|---|
Научна класификација | |
Царство: | Животни |
Колено: | Хордови |
Класа: | Птици |
Ред: | Бекасови |
Семејство: | Рибарки |
Род: | Sterna |
Вид: | Речна рибарка |
Научен назив | |
Sterna hirundo Linnaeus, 1758 | |
Лето - размножување Зима - презимување | |
Синоними | |
Sterna fluviatilis Naumann, 1839 |
Рибарките се мали до средни птици кои по надворешност личат на галебите, но обично со поделикатна, полесна градба и пократки и послаби нозе. Имаат долги, зашилени крилја кои им овозможуваат брз лет, и обично имаат убаво изразена чаталеста опашка.[3] Повеќето видови се сиви одозгора и бели одоздола, со црна капа, која се редуцира или покрива со бело зиме.[3]
Речната рибарка првпат ја опишал Карл Лине во неговата Systema Naturae во 1758 со нејзиното сегашно научно име, Sterna hirundo.[4] Генерално, се препознаваат четири подвида, иако S.h.minussensis понекогаш се смета за хибрид на S.h.hirundo и S.h.longipennis.[5][6]
Подвидови | Распространетост при размножување | Знаци за распознавање |
---|---|---|
S. h. hirundo (Linnaeus, 1758) |
Европа, Северна Африка, источна Азија до западен Сибир и Казахстан и Северна Америка.[7] | Разликите меѓу американската и европската популација се минимални. Американските птици имаат во просек малку пократки крилја и црниот врв на горната мандибула (вилица) е нешто помал од птиците во Скандинавија и источна Евроазија. Пропорциите на црното на клунот се на минимум на запад од Европа.[7] |
S. h. minussensis (Sushkin, 1925) |
Бајкалско Езеро на исток до Монголија и јужен Тибет.[8] | Посветла е одозгора во телото и крилјата од S. h. longipennis, пурпурниот клун има црн врв.[8] |
S. h. longipennis (Nordmann, 1835) |
Од централен Сибир до Кина, и во Алјаска..[7] | Потемносиви од номинираниот подвид, со пократок црн клун, потемни црвенокафеави нозе и подолги крилја.[7] |
S. h. tibetana (Saunders, 1876) |
Хималаите, до јужна Монголија и Кина.[7] | Како номинираниот подвид, но клунот е пократок, а црното на врвот е пошироко.[7] |
Номинираниот подвид речна рибарка е долг 31-35 см, вклучувајќи го и чаталот од опашката (6-9 см), со распон на крилјата од 77 до 98 см. Тежи 110-141 г.[7] Возрасните во сезона на парење имаат светлосиви горни делови, многу светлосиви долни делови, црна капа, портокаловоцрвени нозе, и прав, остар клун кој може да биде црвен со црн врв или целиот црн (зависно од подвидот).[9] Одозгора крилјата им се светлосиви, но како одминува летото, темните ленти на надворешните пердуви за летање стануваат поинтензивни и крилјата изгледаат посиви. Задникот и опашката се бели, и кога птицата стои долгата опашка не се протега повеќе од пердувите на крилјата. Нема значителни разлики меѓу половите. Вон сезона на парење, челото и долните делови на возрасните птици стануваат бели, клунот е целиот црн, или црн со црвена основа, а нозете се темноцрвени или црни.
Речната рибарка е брз летач, способен за нагли превртувања, спуштања, лебдења и вертикални полетувања. Кога лета со рибите, лета близу до површината и тоа со силен челен ветер, но на 10-30 метри над водата го следи правецот на ветрот. Различно од миграциите, таа останува под 100 метри во летовите, со просечна брзина од 30 км/ч кога нема ветер. Неговата просечна брзина за време на ноќните миграции е 43-54 км/ч.[10] на висина од 1.000 до 3.000 метри.
Младенчињата започнуваат да се митарат и да се здобиваат со перје на возрасни, првиот октомври. Прво се менуваат пердувите на главата, опашката и телото кои се готови до февруари, а потоа пердувите на крилјата. Пердувите за летање се обновуваат во фази, прво внатрешните, а потоа замената е стопирана на југ, во зимувалиштето (младите птици на оваа возраст остануваат во зимувалиштата) и продолжува наесен. Од мај до јуни, следната година, започнува слична секвенца на митарење, со пауза кај птиците кои одат на север, но не и кај оние што остануваат. Најголемото митарење настанува следниот февруари до јуни, кога од 40 до 90% од перјето се заменети.[7]
Рибарките се необични по тоа што ги менуваат своите примарни пердуви често, двапати до трипати годишно.
Проблеми со пуштањето? Помош. |
Речната рибарка има широк спектар повици, од кои највпечатлив е тревожниот звук кии-јее кој го употребува со повторување како предупредување за натрапниците, додека сериозна закана се обележува со куар и со полетување, што ја замолчува обично бучната колонија додека не ја проценат опасноста.[11] Надолното киур го употребуваат кога возрасниот се приближува до гнездото носејќи риба, и веројатно се користи за поединечно препознавање (пилињата излегуваат од скривалиштето кога ќе го слушнат овој звук од родителите). Друг вообичаен повик е кип употребуван за комуникација. Останатите вокализации го вклучуваат какакакака кога се напаѓаат натрапниците и раздвоено кек-кек-кек кога се борат мажјаците.[11]
Поголемиот дел од популацијата на речните рибарки се птици преселници, зимувајќи на југ од својот опсег на размножување во умерената и субарктичка северна полутопка. Најчесто, едногодишните птици остануваат во зимувалиштата. Во Северна Америка, речната рибарка се размножува долж атлантскиот брег, од Лабрадор до Северна Каролина, и во копното во речиси цела Канада. Тие зимуваат на двата брега на Централна и Јужна Америка, во Аргентина на источниот брег до Северен Чиле на западниот брег.[12][13]
Птицата е распространета речиси низ цела Европа, со најголем број на север и исток од континентот. Мал број има и на брегот од Северна Африка, на Азурите, Канарски Острови и Медеира. Претежно зимуваат во западниот дел од јужна Африка, птиците од јужна и западна Европа имаат тенденција да останат на север од екваторот, а другите патуваат понајуг.[14]
Распространетоста на птицата продолжува кон умерените тајги на Азија, а тие зимуваат во Индија, Јапонија или Австралија.[12]
Како преселница на долги растојанија, речните рибарки заскитуваат далеку од својот опсег. Забележани се длабоко во копното на Африка, во Замбија, на Малдивите;[15] во Австралија,[16] на Андите и во внатрешноста на Јужна Америка.[17]
Речната рибарка се размножува во поширок спектар на живеалишта од било која друга рибарка, од тајгите во Азија, до тропските плажи,[18] и на 2.000 метри надморска височина во Ерменија и 4.800 метри во Азија.[14] Избегнува места кои се постојано дождливи или ветровити, како и замрзнати води. Живее крај слатки води и крај мориња, на какви било рамни површини, вклучувајќи ги песочните и камчестите плажи, динестите предели, солените мочуришта и најчесто островите.
Речната рибарка се размножува во колонии кои обично не надминуваат 2.000 пара,[14] но повремено можат да достигнат бројка и над 20.000 пара.[19] Колониите во копното обично се помали од оние на крајбрежјата. Често се мешаат и со други видови птици. Во раниот период од сезоната на парење, без позната причина, повеќето или сите рибарки летаат во тишина ниско и брзо над морето. Овој феномен се нарекува „страв“.[14]
Кога ќе се вратат на територијата за размножување, рибарките неколку дена скитаат пред да се решат за конкретното место,[20] и гнездењето може да зависи од достапноста на рибите.[21] Рибарките зафаќаат малку простор, со растојание меѓу гнездата од 50 см, но почесто од 150 до 350 см. Како и многу птици, истите места повторно се употребуваат со години, со рекорд од еден пар кој се враќал на истото место 17 сезони. Околу 90% од птиците гнездат на истото место, па младите птици мора да гнездат или на периферијата или во друга колонија.[20] Мажјакот ја бира територијата за гнездење неколку дена по пристигнувањето од југ, а нему му се придружува претходната партнерка, освен ако не доцни повеќе од 5 дена, во тој случај парот може да се раздвои.[22]
Одбраната на територија е главно од страна на мажјаците, кој ги одбива натрапниците од двата пола. Тој испушта тревожен повик, ги шири неговите крилја, ја крева опашката и се поклонува со главата за да се види црната капа. Ако натрапникот е упорен, мажјакот престанува со повиците и започнува тепачка со клунот додека натрапникот не се предаде со подигање на главата, изложувајќи го вратот. За разлика од агресијата што ја покажуваат кон возрасните птици, овие рибарки се толерантни кон пилињата (додека во колонија на галеби тие би биле нападнати и изедени).
Паровите се создаваат или се потврдуваат преку летечко додворување, во кое и мажјакот и женката летаат во диви кругови на висина над 200 метри, огласувајќи се постојано додека двете птици не се спуштат заедно во цик-цак лет. Ако мажјакот носи риба, може да го привлече вниманието на другите мажјаци премногу. На земја, мажјакот ѝ се додворува на женката кружејќи околу неа со исправени опашка и врат, спуштена глава, и крилја делумно подотворени. Ако одговори на додворувањето, тие двајцата може да ја заземат позата со кренати глави нагоре. Мажјакот може да ја закачка женката со риба, но не ѝ ја дава додека таа доволно не се заинтересира за него.[23] Кога додворувањето ќе заврши, мажјакот прави плитка дупка во песокот, а женката го гребе истото место. Тоа може да се случи неколкупати додека парот не го одбере вистинското место за гнездење.[23] Јајцата може да се снесат на песок, чакал или земја, но се заградуваат со вегетација, со морски треви или школи.
Рибарките се експерти за лоцирање на своето гнездо во големата колонија. Истражувањата покажале дека тие можат да си ги пронајдат јајцата дури ако се закопани, ако материјалот од гнездото е тргнат и преку има песок. Ќе го пронајдат гнездото и кога е поместено до 5 метри од оригиналното место, па и повеќе, ако тргањето се одвива постепено. Ова се случува зашто рибарките се прилагодуваат кон нестабилната средина со ветер и прилив на вода.[24]
Леглото обично има 3 јајца, кремави, песок боја, или светлокафеави со црни, кафеави или сиви линии, дамки и точки, што помага во камуфлажата. Ги квачат обата родитела, но повеќе женката во период од 21-22 дена, или повеќе ако има чести вознемирувања на колонијата што ќе ги натера родителите да остават јајцата. Освен ако не ѝ се случи некоја катастрофа на колонијата, 90% од јајцата се испилуваат. Како и другите рибарки, и овој вид остро го брани гнездото и младенчињата, и ќе им се спротивстави на луѓе, кучиња и повеќето дневни птици, но ретко го удира напаѓачот, избегнувајќи го тоа во последен момент.
Како и другите рибарки, и речната се храни со риби по кои нурнува од височина од 1 до 6 метри, во солена или слатка вода. Нуркаат не повеќе од 50 см под површината.[25] Кога е во потрага по риба, оваа птица лета со главата надолу и клунот свртен речиси вертикално.[24] Таа може да кружи или плови пред нурнувањето, а потоа директно да се фрли во водата. Во потрага по риба се оддалечува 5-10 км од колонијата, понекогаш и до 15 км.[26]
Освен со риби, овие птици се хранат со безрбетници, во кои се вклучени разни црви, пијавици, потоа мекотелите, како што се малите лигни и ракови, а во слатководните области, големите инсекти кои ги лови или во воздух или од површината на водата. Рибарките обично пијат во лет, земајќи морска или слатка вода.
Речната рибарка е класифицирана како вид со најмала загриженост.[1] Има голема популација од 1.600.000 до 4.600.000 возрасни единки и огромна распространетост од околу 29.200.000 км².
Во 19 век, употребата на пердувите на рибарките за производство на капи можеби била главната причина за намалување на нивниот број. Понекогаш, целата птица, наполнета, се употребувала како капа. Но, во 20 век, бројот на птиците се зголемил, особено по работата на организациите за заштита на птиците.[27]
На речната рибарка се однесува Договорот за заштита на африканско-евроазиските водни птици преселници.[28][29]
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.