точка на небесната сфера From Wikipedia, the free encyclopedia
Пролетна точка или гама-точка — место на пролетната рамноденица (мартовска рамноденица) кое се користи како појдовна точка во небесните координатни системи. Во дијаграмите на овие системи таа се бележи со симболот ♈︎, по соѕвездието Овен. Ова е една од двете точки на небесната сфера во кои небесниот екватор ја сече еклиптиката. Пролетната точка се нарекува и Овнова точка, а другата е есенска точка (наречена „омега-точка“, ♎︎) или Вагина точка, сместена точно 180° од неа. Ова се историски називи воведени во антиката и денес не се точни. Поради прецесијата на рамнодениците со текот на вековите, Сонцето при пролетната рамноденица денес е во Риби; а при есенската рамноденица (септемвриска рамноденица), тоа е во Девица (согласно J2000).
Долж годишната патека преку зодијакот, Сонцето доаѓа до небесниот екватор од југ кон север во пролетната точка, а од север кон југ во есенската точка. Пролетната точка се смета за небесниот „нулти меридијан“ според кој се пресметува ректасцензијата.
Изборот на појдовно место од кое се мери Сончевото движење преку небесната сфера е произволен. Земени се рамнодениците бидејќи тие се точките каде Сонцето не е ниту во северна, ниту во јужна деклинација, туку минува низ небесниот екватор. Од двете можни рамноденици, старите Грци ја избрале мартовската. Ова се совпаѓало со празникот Хиларии, време на нови почетоци и надежи кога земјоделците почнувале да сејат, почеток на расцутот и првите изданоци на летните култури.[1] Според вавилонскиот зодијак, ова е времето кога рамноденицата во средното бронзено време се совпаѓала со Плејадите.[2] Тогаш било време за скопење на машките телиња, мулиња и магариња, и означувало вистинско доаѓање на пролетта.[3][4]
Старогрчкиот астроном Хипарх ја дефинирал оваа точка како „прва Овнова точка“ во 130 г. п.н.е. бидејќи тогаш точката се наоѓала на западниот раб на соѕвездието Овен, близу границата со Риби и ѕвездата γ Овен. Поради источното движење на Сонцето преку небото во текот на годината, овој западен крај на Овен била точката низ која Сонцето навлегувало во соѕвездието, па оттука е наречена „прва“.
Поради осната прецесија на Земјата, оваа точка постепено се поместува на запад за еден степен на секои 72 години. Од времето на Хипарх, таа се има поместено за 30°, и денес се наоѓа во Риби, близу границата со Водолија. Сонето сега се јавува во Овен од крајот на април до средината на мај, иако соѕвездието и понатаму се врзува со почетокот на пролетта од традиционални причини.[3][4][5]
Пролетната точка е важна за астрономијата, морепловството и астрологијата. Поморските ефемеридни таблици ја бележат географската положба на точката како споредбена со положбата на морепловните ѕвезди (водилки). Поради бавната прецесија на рамнодениците, зенитниот поглед (над местото) на соѕвездијата во дадено време од годината полека се има поместено на запад (поместувањето е утврдено користејќи сончеви епохи). Истото важи и за тропскиот зодијак, кој повеќе не соодветствува на соѕвездијата (почетокот на Вагата денес е во Девица). За разлика од тоа, во сидералната астрологија, првата точка во Овен сè уште е во истоименото соѕвездие.
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.