From Wikipedia, the free encyclopedia
Никола Оровчанец - Сандански (Велес, 25 јули 1905 - Москва, 2 април 1938 ) — македонски комунист, жртва на Сталиновите чистки.
Учел во велешката гимназија. Заедно со Ганчо Хаџипанзов, Бане Андреев, Георги Шоптрајанов и други, членува во Литературно-уметничкото друштво „Нада“. Бил член на СКОЈ. Од јуни 1923 година е член на КПЈ.
Во втората половина на 1925 година заминува на школување во СССР, на Универзитетот за националните малцинства на Западот. Во 1925 година е примен за член на КП на СССР.[1] По завршувањето на студиите во 1929 година, испратен е во Украина во заводот „Петровскиј“, а оттаму како инструктор при реонскиот комитет во Днепропетровск.[2] Таму останува до пролетта 1933 година, кога е повикан од Коминтерната и е испратен на работа во Југославија.
Во Македонија се враќа во август 1933 година, како инструктор на ЦК КПЈ. Создава Областен комитет на КПЈ за Македонија во Скопје, во чиј состав, покрај него, влегуваат и Кочо Рацин и Живоин Ќурчиќ. Пред годишнината на Октомвриската револуција во 1933 година ја напишал брошурата „Советскиот Сојуз и Македонија“.
Сепак, Оровчанец не останува долго во Македонија. Во јануари 1934 година доаѓа до провала во која се уапсени 15 македонски комунисти. Првично, додека провалата не се проширила, Оровчанец конспиративно живее во Куманово, а на 23 јануари 1934 година конечно заминува од Скопје.[3] Кон крајот на јануари, кога провалата почнува да се шири, особено кога на 3 февруари во весникот „Политика“ е објавена полициска потерница по него, заедно со негова слика,[4] тој е принуден, за да не биде уапсен, да ја напушти Македонија.[5]
По враќањето во Москва го продолжува своето политичко школување. Станува аспирант на Ленинската школа. Во 1937 година е назначен за помошник директор за просветно-политичка работа во Медицинско-фармацевтскиот комбинат во Москва. Во 1937 година е исклучен од Партијата,[6] но следната година е повторно примен.[7] Уапсен е на 8 февруари 1938 година, а на 2 април истата година е осуден за шпионажа и истиот ден е стрелан. Рехабилитиран е на 11 декември 1963 година.[8]
Во негова чест една улица во Велес го носи неговото име.
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.