Мокрени
село во Општина Чашка From Wikipedia, the free encyclopedia
село во Општина Чашка From Wikipedia, the free encyclopedia
Мокрени — село во областа Азот, во Општина Чашка, во околината на градот Велес.
Мокрени | |
Сретселото во Мокрени | |
Координати 41°32′57″N 21°30′10″E | |
Регион | Вардарски |
Општина | Чашка |
Област | Азот |
Население | 5 жит. (поп. 2021)[1] |
Пошт. бр. | 1415 |
Повик. бр. | 043 |
Шифра на КО | 29043 |
Надм. вис. | 500 м |
Слава | Спасовден |
Мокрени на општинската карта Атарот на Мокрени во рамките на општината | |
Мокрени на Ризницата |
Селото се наоѓа во областа Азот, во југозападниот дел на територијата на Општина Чашка, во средното сливно подрачје на реката Бабуна.[2] Селото е ридско, на надморска височина од 500 метри. Од градот Велес, селото е оддалечено 31 километар.[2]
Селото лежи на допирот на ниското земјиште на рекичката Бреза од исток и падината на планината Бабуна на запад. На ниското земјиште се наоѓаат обработени површини, додека на високото земјиште се пасишта и шуми. Недалеку од Мокрени се селата Габровник и Ораов Дол.
Жителите црпат вода од чешми. Водата е спроведена од изворот Привединец.
Потезите по краевите на атарот ги носат овие називи: Старец (се наоѓа на тромеѓето меѓу Мокрени, Богомила и Гостиражни и тука имало тврдина), Мечкина Дупка (карпа со пештери во кои селаните велат дека се криела мечка), Костова Чешма, Соколци, Гиговец, Габровска Река, Тодевец, Дабчев Рид, Господска Ливада, Орли, Долно Говедариште, Овнарник (тука се главните селски пасишта), Страга, Гарван, Нинова Кула („сето е камења“), Батаци и Велкова Чука.
Краевите на атарот внатре во наведените граници се: Манастир Св. Спас, Рамниште, Корија Габер, Смрдлева Вода, Иванов Рид, Сејменски Колиби (во турско време тука била убиена и погребана една девојка во месноста Гробче), Трештена Дабица, Марина Пештера (тука некоја Мара од ова село „чувала овци“), Липова Глава, Сатанар, Мучова Чешма, Костенот, Јаричиште, Горка, Опал, Плочи, Смилови, Чашка, Гарбанска Орница, Рупа, Црквица, Атанасица, Јанова Ливада, Загребиште, Ловица и Куќиште.
Селото е од збиен тип. Се разликуваат Горно и Долно Маало, а во местото каде што тие се составуваат се наоѓаат црквата и училиштето. Во тој дел на селото порано имало и 3-4 дуќани.
Во 2014 година, со помош на Владата на РМ и МПЦ, комплетно е асфалтиран патот до манастирот Св. Спас во Мокрени.[3]
Народното предание наведува дека тука постоело постаро село од разбиен тип. Куќите од тоа село се наоѓале на потезите: Куќишта, Сејменски Рид, Мучова Чешма, Рамниште и Рудина, заради што постојат стари гробишта во разни делови на атарот. Подоцна ова село било раселено.
Денешното село, како што се истакнува во преданието, го основале доселеници кои „слегле од планината Мокро над Нежилово“, заради што најверојатно и селото го добило името Мокрени. Тие подигнале куќи на селиштето наречено Куќишта, каде што се занимавале со одгледување на стока, обработувале земја и биле ковачи. И сега се гледала „згура“ од некогашните ковачници. Жителите доселени од планината Мокра по слава се „Пречистани“. Во првата половина на XIX век селото имало само 7 македонски домаќинства. Во шеесеттите години на XX век кога селото имало 30 куќи, еден старец кажувал дека: „дедото на мајката моја памтел кога децата оделе на коледе само во седум куќи“. Оттогаш селото Мокрени постепено растело сѐ до 1920 година кога достигнало бројка од 72 домаќинства.
Во XIX век, Мокрени било село во рамките на Велешката каза на Отоманското Царство.
Западно од селото на планинската падина на околу илјада метри оддалеченост, се наоѓал манастирот Свети Спас. Тој бил стар манастир, кој бил срушен во турско време. Пред околу 160 години селаните на тоа место изградиле капела, а крај неа во 1908 е изградена и „манастирска куќа“ каде што редовно престојувал некој од постарите жители. Жителите на Мокрени со гостите таму се собираат на Спасовден кога е селската слава („панаѓур“). Остатоци од храмови постојат и на други делови од атарот – на местата Прев и Црквица. Прев се наоѓа 2 километри западно од селото на планината. Таму се познаваат „ѕидини и стари гробови“. И на местото Црквица има нешто „како ѕидини“. Таму селаните се собираат кога носат литија за Велигден. Потегот Атанасица е на 50 метри источно од селото и таму биле старите гробишта на селото кои биле преместени на сегашното место „околу 200 метри“ над селото. До педесеттите години на XX век за Свети Атанасиј зимен селаните приредувале заеднички ручек на местото Атанасица при што како „курбан“ колеле три брава (овна). Во средишниот дел на селото е црквата Свети Никола изградена во 1852 година. Селаните велат дека имале доста поволен живот меѓу двете светски војни: имале доста стока – кози, овци и свињи. Секоја куќа чувала 10-20 свињи кои ги хранеле со просо и дабови жирови. За празниците и свадбите се приредувале големи веселби со пукање од пиштоли. Тогаш секој маж имал оружје. Ова село доста се истакнало во НОВ, а во него е роден и познатиот македонски глумец Петар Арсовски.
Атарот зафаќа простор од 17,1 км2. На него преовладуваат шумите на површина од 670 хектари, на пасиштата отпаѓаат 610 хектари, а на обработливото земјиште 288 хектари.[2]
Селото, во основа, има мешовита функција.[2]
Жителите на селото најмногу се занимаваат со земјоделство, сточарство, берење печурки и чај.
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Мокрени имало 450 жители.[4] По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Мокрени имало 512 жители.[5]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 300 Македонци.[6]
Мокрени е мало село, во фаза на целосно раселување. Така, селото во 1961 година броело 193 жители, а во 1994 година само седум жители, македонско население.[2]
Според последниот попис од 2002 година, во селото Мокрени живееле 16 жители, сите Македонци.[7]
Моментално, селото има 15 постојани жители, меѓутоа, бројот на луѓе заљубеници во природата, се зголемува во текот на целата година.
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 5 жители, сите Македонци.
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 450 | 512 | 237 | 241 | 193 | 98 | 43 | 19 | 7 | 16 | 5 |
Мокрени е село населено исклучуво со македонски христијански родови чии предци се доселени. Поголема група се родовите кои се доселени од планината Мокра (атарот на село Нежилово) на север. Освен за родот Сокиновци, не се знае од каде се доселени останатите родови, што укажува дека тие се најверојатно староседелци кои се преместувале и движеле низ оваа област.
Македонски родови во селото се: Думбазовци (5 к.), Пандуровци (2 к.), Радевци (2 к.), Цветковци (2 к.), Говедаровци (1 к.), Гочевци (1 к.), Станчевци (1 к.), Јаневци (1 к.), Јановци (1 к.) нивниот предок Петруш Јанев во 1933 имал задруга од 26 членови, а истата година собрал 1100 канти жито и имал 350 овци, Миовци (1 к.), Пуцевци (1 к.), Перовци (1 к.) и Мирчевци (1 к.). За овие родови се вели дека потекнуваат од предци кои дошле од планината Мокро и се сметаат како основачи на селото според чие место на доселување селото најверојатно и го добило името Мокрени.
Во родот Думбазовци порано постоела задруга од 50 членови. Сокиновци (2 к.), Ѓелевци (1 к.) и Матеовци (1 к.) слават Свети Никола. Сокиновци потекнуваат од предок – домазет доселен во турско време од селото Црешнево во горното течение на Бабуна. За останатите родови местото на потеклото не се знае. Букевци (4 к.) слават Свети Архангел и се доселени од некаде. Несторовци (1 к.) слават Митровден и порано се викале Кутлиновци според прекарот на некој стар предок – Кутлин. И тие се од некаде доселени. Во Мокрени живеел и Албанецот Јакуп доселен во педесеттите од околината на Призрен во Косово. Тој бил овчар на задругата од Согле и се оженил со македонска девојка од родот Матеовци. Имајќи предвид дека во Призренско има многу Македонци со муслиманска вероисповед - познатите Горанци, на Шар Планина, можно е тој да имал македонско потекло.
Селото влегува во рамките на Општина Чашка, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото се наоѓало во некогашната Општина Богомила.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Титов Велес. Селото припаѓало на некогашната општина Богомила во периодот од 1955 до 1965 година.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Теово, во која покрај селото Мокрени, се наоѓале и селата Габровник, Оморани, Ораов Дол, Плевење, Согле и Теово. Општината Теово постоела и во периодот 1950-1952 година.
Селото припаѓа на избирачкото место бр. 2216 според Државната изборна комисија, кое е сместено во приватен објект во селото Теово, во кое влегуваат селата Габровник, Мокрени, Ораов Дол, Плевење и Теово.[12]
На локалните избори во 2017 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 95 гласачи.[13]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 91 гласач.[14]
Дојдени во Мокрени:
До 1920 година Мокрени непрестајно растело и споменатата година достигнало 72 домаќинства, но после тоа се иселиле околу 20 домаќинства во Десово кај Прилеп, Мартолци и Извор во долината на Бабуна и селата Отовица и Сојаклари непосредно северно од градот Велес. Поради иселувања до крајот на Втората светска војна ова село спаднало на 50 домаќинства, но и после тоа настапиле нови иселувања кои воделе во: банатските села Јабука и Качарево (7-8 куќи) како колонисти во Војводина, Белград (2 к.), Скопје (4 к.), Велес (5-6 к.) и селото Извор во долината на Бабуна (8 к.). Иселениците во Извор работеле како членови на селската задруга, а некои од нив биле повратници од колонистите кои во 1947 биле населени во областа Банат во Војводина. Во Согле живеат Мокренчани (1 к.), во Оморани е родот Мокренци (2 к.), а во Мартолци исто така живее родот Мокренци (4 к.), во работничко-индустриската населба Порцеланка во Велес живее родот Војчеви (1 к.). Во селото Извор има 9 домаќинства доселени од Мокрени. Во прилепското село Десово живее родот Думбазовци (3 к.).
Како резултат на интензивната урбанизација, но во исто време и големата негрижа за селата воопшто, и жителите од селото не биле исклучок од тој процес. Па затоа, некаде кон средината на 1960-те години на XX век, настапило масовно иселување и преселување на луѓето во околните градови (Велес, Скопје, Прилеп и др.)
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.