Remove ads
From Wikipedia, the free encyclopedia
Лондонскиот мировен договор, потпишан на 30 мај 1913 година, е договор со кој завршила Првата балканска војна (1912 - 1913). Поради незадоволството помеѓу балканските сојузници од распределбата на отстапените територии од страна на Турција, набрзо започнала Втората балканска војна (1913).
Лондонската конференција започнала на 16 декември 1912 година со цел потпишување на договор меѓу победничките во Првата балканска војна и поразената Турција, која со намера да задржи што поголема територија на Балканот, предложила на Македонија и Албанија да им се даде автономија под суверенитет на Турција.
Албанија на 28 декември 1912 е призната за независна држава, а предлогот за независност на Македонија не е прифатен. Србија и Грција уште пред војната тајно се договориле дека нема да дозволат создавање на самостојна Македонија, ниту постоење на бугарско-албанска граница меѓу државните граници на Србија и Грција. И Бугарија го обила турскиот предлог за создавање на автономна Македонија.
Бугарија и Грција ги заостриле односите уште во почетокот на Првата балканска војна, особено откако грчката војска го зазела Солун. Грција во нотите од 3 и 18 ноември 1912 година и од 22 април 1913 година, предлагала да се реши прашањето на границата. Бугарија ги отфрлила предлозите како претерани, но не дала свои противпредлози.
Со потпишувањето на Лондонскиот мир на 30 мај 1913 година со Турција, односите меѓу балканските држави уште повеќе се заостриле. Во тоа време, сојузниците ги окупирале оние територии што ги зазеле во војната против Турција. Меѓу Србија и Бугарија уште во време на војната била создадена привремена демаркациона линија: Патарица-Руен-сртот на Осоговските Планини-Злетовска река-Брегалница, до сливот на Крива Лакавица-сртот Плавуш -Дојранско Езеро. На таа линија започнало префрлањето на бугарската војска од Тракија и истовремена концентрација на силите кон Грција.
Тоа било причина на 1 јуни 1913 година Србија и Грција да склучат договор за пријателство и одбранбен сојуз против Бугарија. Покрај тоа, Србија добила право на слободно користење на пристаништето во Солун во траење од 50 години. Истиот ден била потпишана и Воената конвенција, во која биле регулирани меѓусебните воени обврски и соработката меѓу Србија и Грција во случај на напад од Бугарија или на некоја друга држава.
По тие настани, големите сили, со оглед на сопствените интереси кон Балканот, развиле широка дипломатска активност. Русија настојувала да го зачува Балканскиот сојуз како пречка на австро-германското продирање на Балканот, а Австроунгарија тежнеела да се разбие овој сојуз и ја поддржувала Бугарија да не попушта во своите барања.
За да го спречи избувнувањето на нова, меѓусојузничка војна, Русија ги повикала сојузниците да го решат спорот по мирен пат и ги предупредила Србија и Бугарија на руската арбитража предвидена со Српско-бугарскиот договор. На рускиот апел двете страни одговориле условно: српската влада дека ја прифаќа арбитражата на Русија, доколку се прифати нејзиното барање за ревизија на договорот, а бугарската влада арбитражата ја прифаќала доколку се почитува договорот, односно воспоставената поделба на територијата. Со оглед на тоа дека двете влади не отстапувале од своите барања, Русија се откажала од натамошна арбитража. Со тоа го забрзала почетокот на Втората балканска војна, новата поделба на Македонија и воспоставување нови граници по пат на сила.
Во името на македонската колонија во Петерсбург, на 1 март 1913 г. до Лондонската мировна конференција е испратен Меморандум потпишан од Димитрија Чуповски, Наце Димов, Гаврил Константинович и А. Везников. Во меморандумот Димитрија Чуповски пишува дека: „2/3 од населението на Македонија претставуваат посебно словенско племе“[1] и со истиот приложил своја етнографска карта.
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.