Remove ads
From Wikipedia, the free encyclopedia
Со поимот лигави или слузави габи се опфатени околу шест групи на еукариотски организми. Тие се одликуваат со тоа што во една фаза од нивниот животен циклус образуваат повеќејадрени (плазмодиуми) или повеќеклеточни (псевдоплазмодиуми) агрегации кои се лизгаат по почвата и се исхрануваат со гнила растителна материја. Неколку од нив се паразити. Може да се најдат на почвата, по тревниците и во листопадните шуми. Тие се исто така чести на шумската простирка и во калта што се насобира во олуците од куќите. Одредени видови се среќаваат во водите - слатководни басени и морињата.
Порано овие организми се сметале за габи, но сега се класифицираат како протисти и се поделени во неколку групи:[1]
Поимот „лигави габи“ не е филогенетски или таксономски поим, туку повеќе традиционален. Myxogastrea, Protostelia и Dictyosteliida ја образуваат групата Myxomycota, која е класифицирана во Amoebozoa, што е дел од надгрупата на еукариоти позната како Unikonta. Останатите лигави габи се дел од надгрупата Bikonta. Секоја група образува свои посебно градени плазмодиуми.
Типичен претставник на овој тип лигави габи е родот Stemonitis.[2][3] Сапрофагната исхрана вклучува гнили растителни делови, додека во друга фаза од животот се исхрануваат и со фагоцитоза на бактерии. Имаат сложен животен циклус во кој се јавуваат разновидни фази - амебоидна, монадална и плазмодијална - од кои последната е доминантна. Монадалната фаза се именува како миксомонадална, а амебоидната како миксамеба. Овие фази можат да минуваат од една во друга во зависност од тоа дали има доволно влага во средината или, пак, условите се посуви. Амебоидната фаза обично е краткотрајна, бидејќи набрзо се јавува плазмогамија (спојување на протопластите од различни амеби - амебите делуваат како гамети, при што мораат да се сретнат гамети од различен тип). Бидејќи меѓу амебите нема никаква видлива разлика, овој тип плазмогамија е познат како изогамија.
Со спојувањето на јадрата од протопластите (процес познат како кариогамија) настанува зигот. Првичното клеточно јадро се дели неколкупати и дава една протоплазматична повеќејадрена маса која не е обиколена со никаков клеточен ѕид. На овој начин се добива вистински плазмодиум, односно фузионен плазмодиум. Фазата на плазмодиум е најдолготрајна. Според ова, плазмодиумот е една гола маса на протоплазма која се лизга во областите богати со органска материја, бидејќи се исхранува со бактерии. Може да се сретне во периодите кога има поинтензивно разградување на органската материја (на пример, на есен).
Плазмодиумот не е лесно да се култивира во лабораторија; одредени видови се култивираат за проучување на белковините како актин и миозин со кои тие се богати. При лизгањето по подлогата, плазмодиумот на својот преден дел секогаш зазема лепезеста форма, додека задниот дел е пределот на мрежесто распоредените цевчиња (венули). Протоплазмата е ограничена со периферно задебелување, поради што внатрешните делови се потечни, додека периферните се густи и задебелени. Во посушните периоди плазмодиумот бара поаерирани места, каде ја започнува фруктификацијата проследена со мејоза. Плодните тела кои се добиваат притоа се среќаваат во добро аерирани места, со што се олеснува распространувањето на многубројните образувани спори.
Како прототип за оваа група се користи родот Dictyostelium. Тој има едноставен животен циклус со доминантна фаза од типот амеба која се исхранува со бактерии и живее на гнила растителна материја во влажни места или во водни басени.
Спорите по пат на герминација (‘ртење) даваат амеби. Амебата бара места богати со органска материја. По одредено време доаѓа мигот кога оваа амеба започнува да го излачува хормонот акразин, кој ги привлекува другите амеби. Моментот на излачување на овој хормон обично коинцидира со посушниот период од годината.
Амебите се среќаваат, но не се спојуваат, туку образуваат агрегационен плазмодиум, во кој секоја амеба си ја задржува својата независност. Ова се интересни образованија кои формираат издаден раб на страната на движење на плазмодиумот. Амебите ротираат на начин со кој се создава псевдоплазмодиум кој мигрира, а по одредено време сите овие амеби заедно се сместуваат на погодни места каде започнува фруктификацијата. Во овој случај доминантна е една структура наречена спорокарп, во чија формација учествуваат сите амеби. Спорокарпот се состои од филамент и спороциста која ја забрзува дисперзијата на спорите во воздухот. Овој циклус е на некој начин нецелосен.
Ова се облигатни паразити, главно ендогени, и некои од нив се важни, бидејќи ги засегаат растенијата култивирани од страна на човекот. Како прототип тука ќе биде земен видот Plasmodiophora brassicae, кој предизвикува болест наречена кила на зелката, напаѓајќи ги корењата на растенијата од фамилијата крстоцветни.
Животниот циклус се менува од живот во почвата до живот во коренот. Прво се образуваат секундарни зооспори со две подвижни камшичиња на кои им е потребна вода. Зооспорите делуваат како гамети (плазмогамија) од типот на изогамија. Формираниот зигот (по пат на кариогамија) се внесува во кореновото влакно, со што започнува инфекцијата. Првичната клетка се дели неколкупати и симултано излачува хормон кој предизвикува хипертрофија, при што се образуваат тумори на корењата, во овој случај т.н. кила на зелката.
Со повторените делби се образува многу мал внатреклеточен плазмодиум. Овој плазмодиум минува низ акариотски или безјадрен стадиум (всушност, неговите јадра стануваат невидливи) по што следува мејозата. На крајот, плазмодиумот се востановува повторно, овој пат со видливи јадра, и настануваат повеќе цисти внатре во клетките на домаќинот. Потоа клетките се разложуваат и цистите одново ќе се најдат на земјата. Доколку дозволуваат условите на средината, тие герминираат и ја даваат монадалната фаза, една примарна зооспора, која е во активна потрага на нови коренови влакненца и која се интродуцира во нив образувајќи плазмодиум кој се претвора во спороциста со многу спори, кои преоѓаат на земјата. Новите примарни спори даваат секундарни зооспори кои можат да соединуваат. Овие ендопаразити водат до големи економски загуби.
Ова е помала група на организми кои имаат првенствено воден начин на живот (во слатките води и морињата), а исто така и во влажни средини. Некои се сапрофаги, други се паразити (на пример, на алги). Тие се многу малку проучени, познато е дека образуваат ретикуларен (мрежест) плазмодиум. Овој плазмодиум има способност да излачува ензими и да го апсорбира настанатиот производ и да го разнесе низ сите цевчиња од мрежата со цел исхранување на колонијата. Во сушни услови може да формира отпорни структури. Карактеристичен претставник е родот Labyrinthula sp.
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.