Лавци (Битолско)
село во Општина Битола From Wikipedia, the free encyclopedia
село во Општина Битола From Wikipedia, the free encyclopedia
Лавци — село во областа Пелагонија, во Општина Битола, во околината на градот Битола.
Лавци | |
Воздушен поглед на селото Лавци | |
Координати 41°0′52″N 21°18′9″E | |
Регион | Пелагониски |
Општина | Битола |
Област | Пелагонија |
Население | 291 жит. (поп. 2021)[1] |
Пошт. бр. | 7000 |
Повик. бр. | 047 |
Шифра на КО | 02067 |
Надм. вис. | 760 м |
Лавци на општинската карта Атарот на Лавци во рамките на општината | |
Лавци на Ризницата |
За името на селото Лавци има две толкувања. Според првото толкување, во селото се чувале големи стада овци, а со овците имало и кучиња. Ноќе кога сите спиеле доаѓале волци, а кучињата лаеле по нив за да ги бркаат, па селото го добило името по нивниот лаеж.[2] Според второто толкување, во селото се доселиле влашки семејства, па името е изведено од Власи, т.е. Ласи.
Селото се наоѓа во средишниот дел на територијата на Општина Битола, припаѓајќи на групата потпелистерски села на планината Баба, чиј атар и се издига високо во планината. Лавци е сместено во југозападниот дел на Битолското Поле, недалеку од градот Битола, на оддалеченост од неколку километри, со што припаѓа на неговата рурбална зона.[3] Селото е ридско, сместено на надморска височина од 760 метри.[3]
До селото води асфалтен пат, кој започнува во близина на битолската болница. Помеѓу селото и градот во изминативе години се подигнати голем број на нови градби, со што може да се смета дека Лавци скоро би станало битолско предградие.[2]
Селото се наоѓа во непосредна близина на градот Битола, во подножјето на Баба Планина. Најблиски околни села се Брусник, Буково и Орехово. Во минатото, водата за пиење се добивала од две селски чешми.[4]
Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Грамадница, Селиште, Пилкаш, Рудина, Старо Лавци, Плење, Калојца, Широка Падина, Мечкини Дупки и Волчи Камен.[4]
Селото има збиен тип и е поделено е на четири маала, Долно, Горно, Трајановско и Белкоско Маало. Маалата се незначително оддалечени едно од друго.[4]
Селото се споменува во отоманските документи од 1639 година (помеѓу 17 и 27 јуни), во една изјава дадена од забитот на село Лахци пред група жители од истото село, дека од населението на име ушур и други давачки примил 21.000 акчиња.[5][4]
Месноста Селиште се наоѓа пониско од денешното село, каде денес се наоѓаат ниви. Сепак, во народната традиција не се зачувало ништо за ова селиште. Лавци се смета дека е старо пелистерско село и за него се говори дека најпрвин се наоѓало на месноста Плење. Оваа месност се наоѓа повисоко на падините, помеѓу денешното село и соседното Буково. На месноста се наоѓале остатоци на стари гробови.[4]
Населбата на месноста Плење подоцна се преселила на друго место наречено Старо Лавци, помеѓу денешното село и соседното село Брусник. Денес, таму се наоѓаат винови лози. На Старо Лавци, мештаните имале проблем со водата, бидејќи имало само една слаба чешма (Маноа Чешма), па затоа преминале на денешната местоположба.[4]
На 5 април 1942 година била донесена одлука за создавање на битолски партизански одред, а оваа одлука била спроведена на 22 април 1942 година. Тој се создал на планинските падини над селото Лавци. На 3 мај 1942 година, одредот бил разбиен од страна на бугарската фашистичка војска и полиција при што дел од неговите членови загинале. Постои спомен-плоча на местото каде што се случил настанот.
Како резултат на бугарските окупациски сили, во селото било создадено читалиштето „Просвета“. За да се наруши работењето на читалиштето, Тодор Ангелевски-Даскало им препорачал на лавчани да влезат во управата со што би се саботирала работата. Во читалиштето имало 26 книги и 59 членови, од кои многумина биле само на список, а ти не знаеле за нивното „членство“. На чело на управата бил Ставре Костадиновски, а на него му помагал Ѓорѓи Бошевски-Боше.
Лавци во текот на народната револуција било едно од најактивните. Меѓутоа, во првите месеци од 1943 година од скоро сите членови останала само Лена Ташкова. Таа и натаму одржувала партиски контакти со раководството на партиската организација во Битола и овозможувала во селото да престојуваат и работат високи партиски функционери како Кузман Јосифоски-Питу, Блаже Талевски и други. Во селото била создадена нова партиска ќелија на 13 мај 1943 година.
Паралелно со општите успеси на НОВЈ и КПЈ во септември 1944 година во Лавци бил создаден Антифашистички фронт на жените. Покрај другите активности, членките на АФЖ од село Лавци решиле да направат големо црвено знаме и да извезат срп и чекан на него. Целта им била штом ќе биде ослободена Битола да слезат во градот со знамето. Претседател на АФЖ во Лавци била Анча Ристевска.
После долги тормозења и застрашувања од окупаторската власт, селаните од Лавци во почетокот на октомври 1944 година формирале свој орган на власт, т.е. народноослободителен одбор. Иницијативата за тоа ја дал Димче Милевски-Добри.
Вкупно 5 жители на оваа населба се заведени како жртви во Втората светска војна.[6]
Атарот на селото зафаќа простор од 9,9 км2. На него преовладуваат пасиштата на површина од 492 хектар, на обработливото земјиште отпаѓаат 231 хектар, а на шумите 149 хектари.[3]
Селото, во основа, има полјоделско-сточарска функција. Во селото работеле услужни објекти.[3]
До 1912 година, земјата под селото во најголем дел припаѓала на битолските Турци. Подоцна, земјата ја купиле селаните.[4]
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Лавци живееле 610 жители, сите Македонци.[7]
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 година, Лавци се води како чисто македонско село во Битолската Каза на Битолскиот Санџак со 100 куќи.[8]
Според егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Лавци имало 960 Македонци, патријаршисти. Во селото функционирало грчко училиште.[9]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 600 Македонци.[10]
Лавци е средно село по големина, но со намалување на населението. Така, во 1961 година броело 620 жители, а во 1994 година 339 жители, македонско население.[3]
Според пописот од 2002 селото брои 338 жители, од кои 336 Македонци и 2 останати.[11]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 291 жител, од кои 273 Македонци, 2 Власи, 1 останат и 15 лица без податоци.[12]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 610 | 960 | 700 | 684 | 620 | 574 | 517 | 504 | 339 | 338 | 291 |
Лавци е македонско православно село.[4]
Според истражувањата од 1951 година, родови во селото:
За време на Првата светска војна иселеници од Лавци имало во Битола (13 семејства). Во периодот 1960-1970 се отселиле над 20 семејства.[4]
На крајот од XIX век, Лавци било чисто македонско село во Битолската Каза на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на Општина Битола, која била проширена при новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било дел од некогашната Општина Битола.
Во периодот 1965-1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата Општина Битола. Во периодот од 1957 до 1965 година, селото најпрвин било дел од тогашната општина Дихово, но подоцна било припоено кон Општина Битола. Во периодот од 1955 до 1957 година, селото било во рамките на тогашната општина Дихово.
Во периодот 1952-1955, селото било во рамките на тогашната општина Дихово, во која покрај селото Лавци се наоѓале селата Братин Дол, Брусник, Дихово, Магарево, Нижеполе, Снегово и Трново. Во периодот 1950-1952, селото било седиште на некогашната општина Лавци, во која влегувале селата Брусник и Лавци.
Во селото постои избирачкото место бр. 0126 според Државната изборна комисија, сместенo во просториите на месната заедница.[17]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 270 гласачи.[18] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 277 гласачи.[19]
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.