Remove ads
From Wikipedia, the free encyclopedia
Ко Ун (корејски: 고은; р. 1 август 1933)[1] — јужнокорејски поет, романописец и есеист чии дела се преведени во преку 15 земји. Повеќепати бил затворан како борец за демократија во Кореја, а на неколку наврати бил во потесниот круг за Нобеловата награда за литература.[2]
Во 2014 г. Ун ја добил престижната награда „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата.[3]
Роден е во 1933 г. како Ко Унте (고은태) во градот Кунсан, во покраината Северна Чола.
Како средношколец претрпел значајни трауми поради страдањата на неговото семејство и другари во Корејската војна. Во моменти на пхихолошки тешкотии, си го оштетил слухот истурајќи си киселина во ушите во обид да се самоубие. Во 1952, пред крајот на војната се замонашил во будистички манастир. По десет години решил да му се врати на световниот живот и ѝ се посетил на поезијата. Од 1963 до 1966 г. живеел во островската покраина Чеџу, каде отворил добротворно училиште, а потоа се преселил во Сеул. Во 1970 г. повторно се соочил со психолошки тегоби и направил втор обид за самоубиство.
Кон крајот на 1972 г. владата на Јужна Кореја го донела Јусинскиот устав со цел да ја ограничи демократијата во земјата. Иако сето време творел, Ун се активирал во демократското движење и станал политички активен, поради што се соочил со четири затворски казни (1974, 1979, 1980 и 1989). Во мај 1980 г. за време на државниот удар под водство на Чун Ду-хван, Ун бил обвинет за предавство и осуден на 20 години затвор. Излегол од затвор во 1982 г. со општо помилување на политичките затвореници.
Иако уживал голема популарност, по ослободувањето водел повлечен живот. На големо изненадување на јавноста се зафатил да ги преработува напишаните песни. Во 1983 г. се оженил и се преселил во градот Ансонг, во покраината Кјонги. Продолжил да пишува и почнал да патува по разни краишта, што му послужило како тематика во неговите творби. Од 2007 г. е вонреден професор по поезија и книжевност на Сеулскиот национален универзитет.
Ви 2011 г. е прогласен за „почесен островјанин“ на Чеџу.[4]
Ун почнал да објавува во 1958 г.[5] Досега издал околу 135 дела поезија, романи на будистичка тематика, автобиографија, една драма, есеи, преводи од класичен кинески јазик, патописи и друго.[3]
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.