Remove ads
село во Општина Центар Жупа From Wikipedia, the free encyclopedia
Долно Мелничани — село во Општина Центар Жупа, на граница на областите Мала Река и Жупа, во околината на градот Дебар.
Долно Мелничани | |
Воздушен поглед на двете маала на селото Долно Мелничани заедно со Дебарското Езеро | |
Координати 41°30′56″N 20°34′24″E | |
Регион | Југозападен |
Општина | Центар Жупа |
Област | Мала Река/Жупа |
Население | 13 жит. (поп. 2021)[1] |
Пошт. бр. | 1258 |
Повик. бр. | 046 |
Шифра на КО | 08017 |
Надм. вис. | 740 м |
Долно Мелничани на општинската карта Атарот на Долно Мелничани во рамките на општината | |
Долно Мелничани на Ризницата |
Поради ваквата местоположба, врз основа на одликите на населението, кое е од мијачко потекло, Томо Смилјаниќ - Брадина селото го смета за дел од Мијачијата (или Мала Река), а врз основа на географските одлики географот Митко Панов смета дека тоа припаѓа на областа Жупа во Дебарско.
Своето име селото го добило според повремената река Мел(е)ница која тече крај селото, а чие име доаѓа од старословенскиот збор за воденица[2]. Името на селото настанало според занимањето на првобитните жители (мелничани), а за разликување од повисоко истоимено село било наречено Долно Мелничани[2].
Селото се наоѓа во северниот дел на територијата на Општина Центар Жупа, сместено на граница на областите Мала Река и Дебарска Жупа, под северозападната падина на планината Стогово.[3] Селото е ридско, сместено на надморска височина од 740 метри. Од градот Дебар, селото е оддалечено 8,5 километри.[3]
Низ самото село поминува регионалниот пат 2249.
Сместено е на средна терасеста површина околу 200 метри над долината на реката Радика, која денес е заезерена со водите на Дебарското Езеро, а под огранката на Стогово наречена Маруша.[2]
Синорот на селото граничи со селата Броштица на југ, Горно Мелничани на исток, Долно Косоврасти на север, Горенци на запад, додека делот од атарот преку Дебарското Езеро на север и северозапад граничи со Елевци и Рајчица.[2]
Месностите во атарот на селото ги носат следниве имиња: Кучев Рид, Сталеица, Остри Камен, Игралиште, Дуково Речиште, Греда, Мелница, Дрварски Пот, Мечкино Легало, Топала, Горна Штрбица, Средни Пот, Клакови, Требиш, Пороиште, Под-Мел, Лазишта, Присој, Габор, Под-Лојза, Лопушник, Лоиште, Сулеманица, Гробишта, Гаќерица, Горна Раен, Гнилишча, Леска, Кауѓери (рушевина на црква), Деспотова Нива, Торовје, Петрова Раен, Попов Дол, Грашишта, Јасиковица, Еѓуптинец, Голема Круша, Доброжен, Осој, Гумниште, Црвена Краста, Стол и Крстатна Бука.[2]
Земјиштето е составено од шкрилци, а преку нив има слој од „клака“ - наталожен гипс со дамари (пластови) од сулфур, кој е во врска со блиската Косоврашка бања,[2] над која се наоѓа големото наоѓалиште и ископ на гипс на „Кнауф“ со кристалната пештера Алчија.
Покрај селото поминува малата река Мелница, која извира на Маруша. Летно време скоро и да пресушува, но знае да биде изобилна за време на врнежи. Покрај реката, во селото се и изворите Речиште, Пеов Дол и Старшово Лојзе, како и чешмите Леска, Студенец, Долга Нива, Макреска Чешма и Горенечка Чешма.[2]
Селото има збиен тип, поделено на Долно и Горно Маало.[2]
Запишано е дека ова село е поново од соседното село Горно Мелничани.[2]
Вкупно 6 жители на оваа населба се заведени како жртви во Втората светска војна.[4]
Атарот на селото е мошне мал и зафаќа простор од 3,7 км2, при што преовладуваат шумите со површина од 255,3 хектари, на пасиштата отпаѓаат 40,6 хектари, а на обработливото земјиште само 20,5 хектари.[3]
Селото, во основа, нема некоја развиена аграрна функција.[3]
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според податоците од 1873 година во „Етнографија на вилаетите Адријанопол, Монастир и Салоника“, селото имало 50 домаќинства со 164 жители, сите христијани (Македонци).[5]
Според статистиката на бугарскиот етнограф Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Долно Мелничани живееле 250 жители, сите Македонци.[6] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Долно Мелничани имало 280 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[7]
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Долно Мелничане се води како чисто македонско село во Реканската каза на Дебарскиот санџак со 35 куќи.[8]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 800 Македонци.[9]
Селото е мало, во фаза на наполно раселување. Во 1961 година селото броело 257 жители, а во 1994 година само 23 жители, македонско население.[3]
Според пописот од 2002 година, селото имало 11 жители, сите Македонци.[10]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 13 жители, сите Македонци.
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 250 | 280 | 293 | 290 | 257 | 69 | 31 | 17 | 23 | 11 | 13 |
Во селото Долно Мелничани отсекогаш живееле исклучиво родови на Македонци од православна христијанска вероисповед.[2]
Според истражувањата на Томо Смилјаниќ - Брадина спроведувани на почетокот на XX век, во селото Долно Мелничани живееле следните македонски родови:
Брадина за родот Стефановци има запишано дека некогаш биле муслимани, како и други семејства во селото, но биле крстени во Бигорскиот манастир на почетокот на XIX век.
Во 1926 година во селото Долно Мелничани живееле следните семејства со вкупно 54 домаќинства: Китановски, Костови, Фидановски, Макревски, Велковски, Милошевски, Мијовски, Филиповски, Аврамовски, Спасеви, Доневски, Несторовски, Андоновски, Ангелкови, Ристеви, Досеви, Јаковлевски, Арсови, Јосифови, Зафирови, Апостоловски, Кирови, Стојанови, Силјанови, Герасимови, Гигови, Исакови, Тофилови, Тодорови, Стаматоски, Гавриловски, Ристевски, Серафимовски и Попевски.[15]
Кон крајот на деведесеттите години на XX век во селото постојано живееле 5 семејства со вкупно 10 члена и тоа: Василевски, Савевски, Момировски, Силковски и Јаковлевски, а повремено, но подолго време престојувало семејството Андоновски.[15]
Кон крајот на XIX век, Долно Мелничани било село во Реканската каза на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на Општина Центар Жупа, која била една од ретките општини, кои не биле променети со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото исто така припаѓало на некогашната Општина Центар Жупа.
Во периодот од 1955 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Дебар.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Косоврасти, во која влегувале селата Горно Косоврасти, Горно Мелничани, Долно Косоврасти, Долно Мелничани, Могорче, Осој и Скудриње. Во периодот 1950-1952 година селото било дел на некогашната Општина Долно Косоврасти, во која влегувале селата Горно Косоврасти, Долно Косоврасти, Горно Мелничани, Долно Мелничани, Могорче и Осој.
Селото е опфатено во избирачкото место бр. 0559 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште во селото Горенци. Во ова избирачко место се опфатени и селата Горенци, Горно Мелничани и Пареши.[16]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 296 гласачи.[17] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 318 гласачи.[18]
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.