From Wikipedia, the free encyclopedia
Договор од Сан Франциско (јапонски: サンフランシスコ講和条約), наречен и Мировен договор со Јапонија ― договор за воспоставување мировни односи меѓу Јапонија и сојузничките сили во Втората светска војна. Сојузниците договорот го потпишале во име на Обединетите нации и со него завршила воената состојба во Јапонија која исто така се согласила да исплати репарации за непријателските дејствија пред и за време на Втората светска војна. На 8 септември 1951 година, во Сан Франциско, Калифорнија, САД,[2] договорот го потпишале 49 држави. Италија, Кина и Кореја не биле поканети. Кина не била поканета поради несогласување дали Република Кина или Народна Република Кина би требало да го претставува кинескиот народ. Кореја, исто така, не била поканета поради слично несогласување за тоа дали Јужна Кореја или Северна Кореја го претставуваат корејскиот народ.[3]
Мировен договор со Јапонија | |
---|---|
Премиерот на Јапонија Шигеру Јошида го потпишува мировниот договор од Сан Франциско. 8-ми септември 1951 година во Сан Франциско, Калифорнија | |
Потпишан | 8 септември 1951 |
Место | Сан Франциско, Калифорнија, САД |
На сила од | 28 април 1952 |
Странки | Јапонија и 48 држави сојузници во Втората светска војна |
Јазици | |
Целосен текст | |
Treaty of San Francisco на Викиизвор |
Договорот стапил на сила на 28 април 1952 година. Со договорот Јапонија престанала да биде империјална сила, им исплатила надомест на сојузничките држави и поранешните воени затвореници кои настрадале од јапонските воени злосторства за време на Втората светска војна, се ставил крај на повоена окупација на Јапонија од страна на сојузниците и на Јапонија ѝ бил вратен целосниот суверенитет. Договорот во голема мера се потпирал на Повелбата на Обединетите нации[4] и Универзалната декларација за човекови права.[5] Според член 11, Јапонија ги прифаќа изречените пресуди од Меѓународниот воен трибунал за Далечниот Исток и од другите судови за воени злосторства, без разлика дали се изречени во или надвор од Јапонија.[6]
Аргентина, Австралија, Белгија, Боливија, Бразил, Камбоџа, Канада, Цејлон (денес Шри Ланка ), Чиле, Колумбија, Костарика, Куба, Чехословачка, Доминиканска Република, Еквадор, Египет, Ел Салвадор, Франција, Грција, Етиопија, Хаити, Хондурас, Индија, Индонезија, Иран, Ирак, Јапонија, Лаос, Либан, Либерија, Луксембург, Мексико, Холандија, Нов Зеланд, Никарагва, Норвешка, Пакистан, Панама, Парагвај, Перу, Саудиска Арабија , Филипини, Јужна Африка, Јужен Виетнам, Советскиот Сојуз, Сирија, Турција, Обединетото Кралство, САД, Уругвај и Венецуела присуствувале на конференцијата.[7]
Кина не била поканета поради несогласувањето меѓу САД и Велика Британија за тоа дали основаната, но поразена Република Кина (во Тајван) или новоформираната Народна Република Кина (во континентална Кина) го претставува кинескиот народ.[8] Соединетите Американски Држави ја признаа владата на Република Кина, а Велика Британија во 1950 година ја признала НР Кина.[8]
Бурма, Индија и Југославија биле поканети, но не учествувале;[9] Индија сметала дека одредени одредби од договорот претставуваат ограничување на јапонскиот суверенитет и независност.[10] Индија и Јапонија, на 9 јуни 1952 година потпишале посебен мировен договор, Договор за мир помеѓу Јапонија и Индија. Италија не била поканета, и покрај тоа што нејзината влада формално ѝ објавила војна на Јапонија на 14 јули 1945 година, неколку недели пред самиот крај на војната.[11] Не била поканета ни Португалија, која што и покрај тоа што биланеутрална држава за време на војната, нејзината територија во Источен Тимор била нападната од Јапонија. Пакистан, кој не постоел како држава за време на војната, бил поканет затоа што се сметал за држава наследничка на Британска Индија.[12]
Од 51 држава кои учествувале на конференцијата, 48 држави го потпишале договорот;[13] Чехословачка, Полска и Советскиот Сојуз одбиле да го сторат тоа.[14]
Филипини го ратификувале Договорот од Сан Франциско на 16 јули 1956 година, по потпишувањето на договорот за репарации меѓу двете земји во мај истата година.[15] Индонезија не го ратификувала мировниот договор од Сан Франциско, и на 20 јануари 1958 година со Јапонија потпишала мировен договор и билатерален договор за репарации.[16] Посебен договор, Договор од Тајпеј, формално познат како Кинеско-јапонски мировен договор, бил потпишан во Тајпеј на 28 април 1952 година, помеѓу Јапонија и Република Кина, само неколку часа пред да стапи на сила Договорот од Сан Франциско.[17][18]
Меѓу државите присутни на Мировната конференција во Сан Франциско имало консензус дека, иако правниот статус на островот Тајван е привремено неутврден, тој ќе биде решен подоцна во согласност со принципите на мирно решавање на спорови и самоопределување, идеи кои биле вградени во Повелбата на ОН.[19]
Според потпишаниот документ, Јапонија официјално се откажува од договорните права кои произлегуваат од Боксерскиот протокол од 1901 година и нејзините права на Кореја, Формоза (Тајван) и Пескадори, Хонгконг (тогаш британска колонија), Курилските острови, островите Спретли, Антарктик и Јужен Сахалин.
Според член 3 од договорот, Бонинските Острови, Вулканските Острови (вклучувајќи ја и Иво Џима ) и Островите Рјукју во чиј склоп е Окинава и архипелазите Амами, Мијако и Јаејама, се доверуваат на управување на ОН. Овој член не бил спроведен. Островите Амами на 25 декември 1953 година биле приклучени кон Јапонија, а Бонинските и Вулканските Острови ѝ биле вратени на Јапонија на 5 април 1968 година.[20] По американско-јапонските преговори, во 1972 година островите Рјукјуи и соседните Острови Сенкаку ѝ биле вратени на Јапонија.[21] Народна Република Кина и Република Кина тврдат дека овој договор не го одредува крајниот суверенитет на островите Сенкаку.
Договорот од Тајпеј помеѓу Јапонија и Република Кина наведува дека сите жители од Тајван и Пескадори се сметаат за државјани на Република Кина.[22] Сепак, овој договор нема формулација која вели дека Јапонија признава дека територијалниот суверенитет на Тајван е префрлен на Република Кина.[23]
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.