From Wikipedia, the free encyclopedia
Втор триумвират (43–32 п.н.е.) ― политички сојуз во Римската Република формиран по атентатот на римскиот диктатор Јулиј Цезар, во чиј состав биле посвоениот син на Цезар Октавијан (иден римски цар подоцна преименуван во Август) и двајцата најважни поддржувачи на Јулиј Цезар, Марко Антониј и Маркo Eмилиj Лепид. Триумвиратот за организирање на републиката (латински: tresviri rei publicae constituendae), како што било неговото официјално име, всушност со Рим владеел како воена диктатура, а секој од триумвирите бил одговорен за одделни провинции. За разлика од претходниот Прв триумвират (Цезар, Помпеј и Крас),[1][2] Вториот триумвират бил официјална, законски воспоставена институција, чија што огромна моќ во Римската Република добила целосна правна власт и чиј авторитет го надминувал авторитетот на сите други магистрати вклучувајќи ги и конзулите.
Триумвиратот формално бил признаен од Сенатот со законот „Лекс Тиција“ во ноември 43 г. п.н.е., со што тројцата триумвири добиле врховен авторитет во рок од пет години (до 1 јануари 37 година п.н.е.) и им ја доверил важната задача да ги гонат заговорниците кои биле вклучени во атентатот на Цезар, особено Брут и Касиј.[3] Триумвиратот Цезар официјално го прогласил за божество (како Дивус Јулиј) во 42 г. п.н.е., а Цезар Октавијан оттогаш станал Диви филиус („Син на божествениот“).[4] За да го зацврсти меѓусебниот сојуз, Антониј својата поќерка Клаудија ја дал да се омажи за Октавијан, а римските територии биле поделени меѓу триумвирите. Увидувајќи дека милосрдието на Цезар завршило со негово убиство, Вториот триумвират ја вратил проскрипцијата, укината од Сула,[5] и се впуштил во законски дозволени убиства на многу негови противници за да ги финансира своите четириесет и пет легии во вториот граѓанска војна против Брут и Касиј,[6] кои подоцна биле поразени од Антониј и Октавијан кај Филипи.[7] Во тоа време, Антониј се оженил со сестрата на Октавијан, Октавија.
Вториот триумвират на крајот станал нестабилен и не можел да ги издржи меѓусебната љубомора и амбициите на триумвирите. Антониј не можел да го поднесе Октавијан и поголемиот дел од своето време го поминувал на Исток, а Лепид бил благонаклонет кон Антониј, но чувствувал дека другите двајца го засениле. По војната против Секст Помпеј, поради распределба на териториите избувнал спор меѓу Лепид и Октавијан. Октавијан го обвинил Лепид за узурпација на власта во Сицилија и обид за бунт, па во 36 г. п.н.е., Лепид бил прогонет во Кирцеи и освен Понтифекс максимус му биле одземени сите функции. Неговите поранешни провинции му биле доделени на Октавијан. Антониј, во меѓувреме, се оженил со љубовницата на Цезар, Клеопатра, за да го искористи богатиот Египет како база за да доминира во Рим. Потоа избувнала Третата граѓанска војна меѓу Октавијан од една страна и Антониј и Клеопатра од друга страна. Оваа последна граѓанска војна завршила со поразот на Антониј кај Акциум во 31 п.н.е.; Војската на Октавијан потоа ги гонеле Антониј и Клеопатра до Александрија, каде што и двајцата се самоубиле во 30 г. п.н.е. По поразот на Антониј и маргинализацијата на Лепид, Октавијан останал единствен владател во римскиот свет и во 27 г. п.н.е како прв римски „цар“ воспоставил Принципат, и се нарекол „Октавијан“ име кое го издигнало до статус на божество.[8]
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.