Биланс на плаќањата, познат уште како биланс на меѓународните плаќања или платен биланс (англиски: balance of payments) претставува статистички извештај кој систематски ги прикажува сите економски трансакции на националната економија со останатиот дел од светот, за определен временски период, вообичаено за една година. За првпат, овај израз го употребил британскиот економист Џејмс Стујарт во 1767 год. Во својата правилна форма, тој започнал да се среќава во Англија кон средината на XIX век.

Платниот биланс мора да го задоволи следново едноставно правило: трансакците кои значат одлив на пари, се бележат како дефицитни (-) ставки, а трансакците кои значат прилив на пари се сметаат за суфицитни (+) ставки. Тој се смета за најважен макробиланс кои го покажува степенот на развој на националната економија и надворешната позиција на националната економија од аспект на задолженоста и вклученоста во меѓународната размена на стоки и капитал. Платниот биланс се состои од три елементи: тековна сметка, финансиска и капитална сметка како и грешки и пропусти.

Тековна сметка

Тековната сметка ги претставува тековните трансакции помеѓу резиденти и нерезиденти чија цел не е трансфер на капитал. На пример, доколку еден Французин увезе американски фармерки, трансакцијата влегува во сметките за платниот биланс на САД како кредит на тековнaта сметка.[1] Тековната сметка се состои од четири дела:[2]

  1. Стоки: увоз и извоз
  2. Услуги: Туризам, транспорт и останати услуги (телекомуникациони, инвестициони работи, деловни услуги)
  3. Доход: Надомест за вработени, доход од инвестиции (исплати на дивиденди, камати)
  4. Тековни трансфери: официјални и приватни.

Важноста на тековната сметка може да се воочи од нејзината декомпозиција претставена во следниов облик:

CA = Y – (C + I + G) = Y – A,

каде што A = C + I + G и се нарекува апсорпција или вкупна домашна потрошувачка на стоки и услуги.

Тековната сметка сигнализира дали една земја е нето-должник или нето-кредитор. Кога една земја заработува повеќе отколку што троши (CA = Y – A > 0), таа е нето-кредитор во однос на остатокот од светот. Обратно, земјата која има дефицит на тековната сметка троши повеќе отколку што заработува (CA < 0 и A > Y), и таа разлика мора да ја покрие со задолжување во странство.[3]

Капитална и финансиска сметка

Капиталната и финансиската сметка ги претставуваат капиталните трансакции помеѓу резиденти и нерезиденти кои произлегуваат од купувањето или продажбата на финансиски средства и капитал. Финансиската сметка за платниот биланс ги бележи сите меѓународни купувања или продажби на финансиски средства. Кога една американска компанија купува француска фабрика трансакцијата влегува во платниот биланс на САД како долг во финансиската сметка. Можеби се чини чудно да се стави негативен знак пред купувањето на актива и позитивен знак пред проджбата на актива, но тоа произлегува оттаму што оваа трансакција претставува ,,увоз‘‘ (купување) на актива од страна на САД и ,,извоз‘‘(продажба) на актива. Актива е секој вид чувње богатство, како на пример: пари, акции, фабрики или владин долг.

Разликата меѓу увозите и извозите на активата на една земја се нарекува биланс на финансиска сметка или само финансиска сметка. Определени други активности кои резултираат со трансфери на богатството меѓу земјите се забележани во капиталната сметка. Овие движења на меѓународните активи – кои, главно се мали во земји како САД – се разликуваат од оние кои се забележани во финансискта сметка. Во најголем дел, тие резултираат од непазарните активности или пак ја претставуваат аквизицијата или располаѓањето со непроизведените, нефинансиските и можните нематеријални активи (како на пример авторските права и заштитните знаци). На пример, доколку Владата на САД и прости на Пакистанската влада долг од 1 милијарда долари, богатството на САД ќе се намали за 1 милијарда долари и долгот ќе се забележи во капиталната сметка на САД. Како друг пример, доколку еден Швеѓанец емигрира во САД и со него донесе сопственост од 100 000 долари во шведска актива, резултатот ќе биде кредит од 100 000 долари на капиталната сметка на САД.[4]

Капиталната и финансиската сметка се состои од:

  1. Капитална сметка
    1. Капитални трансфери
    2. Стекнување/располагање со непроизводни средства
  2. Финансиска сметка
    1. Директни инвестиции
      1. Странски директни инвестиции во земјата
      2. Директни инвестиции во странство
    2. Портфолио инвестиции
      1. Средства
      2. Обврски
    3. Останати инвестиции
      1. Трговски кредити
      2. Заеми
      3. Валути и депозити
      4. Други
      5. Бруто официјални резерви

Грешки и пропусти

,,Грешки и пропусти‘‘ се последна ставка во билансот на плаќање. По дефиниција, збирот на сите ставки од платниот биланс треба да биде еднаков на нула. Покрај тоа што сметководството ја гарантира конзистентноста на тековната и финансиската сметка од теоретски аспект, природата на податоците кои статистиката на платниот биланс ги прибира, практично гарантираат појава на отстапувања. Податоците за трговската размена потекнуваат од царинските органи. Финансиските податоци доаѓаат од банкарскиот систем, имајќи предвид дека меѓународните трансакции се извршуваат со посредство на финансиските организации. Извршените официјални интервенции, се разбира, им се познати на монетарните власти, кои најчесто се одговорни за прибирање на податоците и за изготвување на платниот биланс. Бидејќи податоците доаѓаат од различни извори, еднаквоста речиси никогаш нема да се покаже во практиката. Затоа е потребна дополнителна сметка наречена ,,Грешки и пропусти‘‘; оваа ставка е неопходна за платниот биланс да изнесува нула на дното од табелата. Покрај тоа има вистински грешки – и самиот обем на податоци кои се обработуваат е извор на грешки – а може да се јават и пропусти кои не се така неважни[5]

Значење на сметките

Една земја која има дефицит на тековната сметка, прави повеќе исплати кон странство отколку што има приливи. Во тој случај, одливот на домашна валута мора да биде поголем од приливот во земјата. Ако приватната финансиска сметка е во рамнотежа, дебалансот помеѓу приливите и одливите ќе доведе до појава на вишок на понуда на домашната валута на девизните пазари ширум светот. Тогаш, два исхода се можни. Прво, вишокот на понуда може да доведе до депрецијација, односно намалување на вредноста на домашната валута. Доколку монетарните власти сакаат да ја спречат депрецијацијата, тие мораат да го смират притисокот на девизниот пазар, преку продажба на странската валута што недостасува во замена за сопствената валута. Така дефицитот на тековната сметка на земјата е финансиран преку продажба на девизни резерви. Доколку централната банка одбие да интервенира, тогаш на светските пазари ќе се јави вишок на понуда на домашна валута. Бидејќи има повеќе продавачи од купувачи, валутата ќе депрецира, односно ќе загуби во вредност. Депрецијацијата на девизниот курс ќе предизвика намалување на дефицитот на тековната сметка бидејќи домашните добра сека стануваат поскапи, а странските добра стануваат поевтини. Депрецијацијата, исто така, ќе доведе до приливи на капитал бидејќи странците ќе настојуваат да остварат корист од девизнитот курс, стекнувајќи се со домашни средства. Во овај случај или дефицитот на тековната сметка ќе исчезне или приватната финансиска сметка ќе биде позитивна или и двете.

Слично, суфицитот на тековната сметка може да биде финансиран приватно (негативна финансиска сметка), официјално (купување на странски валути и пораст на девизните резерви) или на двата начини. Монетарните власти одредуваат дали и во која мера дебалансот на тековната сметка ќе влијае за промена на девизниот курс. При еден екстремен случај, монетарните власти може да бидат обврзани да одржуваат фиксен девизен курс и тогаш тие мораат да интервенираат. Ако тоа го направат, тие мора да купуваат или продаваат странска валута во оној износ кој ќе се покаже како неопходен. Другиот екстремен случај е кога монетарните власти никогаш не интревенираат, и девизниот курс се формира исклучиво на пазарот. Тоа е причината поради која збирот на тековната и финансиската сметка (вклучувајќи ги и грешките и пропустите) привлекува спрецијално внимание; тој одраз во огледало на интервенциите од страна на монетарните власти и го открива нивното однесување. Тој збир се нарекува вкупен биланс, а понекогаш неумесно, биланс на плаќања (BoP): игнорирајќи ги грешките и пропустите, BoP = CA + FA = -Off. Суфицитот на платниот биланс подразбира дека властите се стекнале со девизни резерви. Кажано поинаку, тие продале домашна валута, на тој начин намалувајќи го притисокот на девизниот пазар и спречувајќи апрецијација на девизниот курс (Off<0). Според тоа, официјалната сметка е во дефицит. Дефицитот на платниот биланс соодветствува со загуба на девизни резерви бидејќи монетарните власти ја откупуваат домашната валута за да спречат депрецијација (Off>0); официјалната сметка тогаш ќе биде во суфицит.[6]

Платниот биланс на Македонија

Надлежна институција за водење на платниот биланс во Република Македонија е НБРМ, која месечно приготвува извештај со кои ја информираат јавноста за неговата состојба. Методологијата по која се подготвува платниот биланс е усогласена со барањата на ММФ кои се пропишани во петтото издание на Прирачникот за билансот на плаќањата (Balance of payments manual) издаден во 1993 год.

Тековната сметка во платниот биланс на Македонија

Тековната сметка на Македонија се одликува со: перманентен дефицит, перманентен трговски дефицит, позитивно салдо кај услугите, негативно салдо кај доходот и перманентно позитивно салдо кај трансферите. Македонија е мала и отворена економија (учеството на надворешната трговска размена во БДП изнесувала 110% во 2011 и 2008 година) и надворешниот сектор има силно влијание врз економскиот развој на земјата. Извозната понуда на Македонија е мала и неконкурентна (концентрирана во трудоинтензивните и нискодоходовни дејности. Доминантно е учеството на две групи производи: облека и текстил и железо и челик, како и доминантно учество на суровини и интермедијарни производи и стоки за лична потрошувачка, а мала е застапеноста на извозот на опрема. Најзначајни пет трговски партнери на Македонија се: Германија, Косово, Бугарија, Италија и Србија, додека пак во последните години зголемено е учеството на размената со ЕУ. Македонија има висока увозна зависност која се одликува со висока увозна суровинска зависност на носечките извозни индустриски гранки – текстилна и индустрија за производство на железо и челик (над 70%) како и енергетска зависност – увоз на минерални горива: нафта, нафтени деривати, електрична енергија. Доминантни увозни земји се: Германија, Грција, Англија, Србија, Русија, Италија, Бугарија и Кина. Македонија има перманентно позитивно салдо кај трансферите со учество на приватните трансфери од околу 85% а остатокот му припаѓа на официјалните трансфери.

Капиталната и финансиската сметка во платниот биланс на Македонија

Македонија има постојано позитивно салдо во капиталната и финансиската сметка. Најзначајна ставка во капиталната сметка се капиталните трансфери додека пак во финансиската сметка се директните инвестиции.

Наводи

Wikiwand in your browser!

Seamless Wikipedia browsing. On steroids.

Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.

Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.