From Wikipedia, the free encyclopedia
Јохан Кристијан Фабрициј (7 јануари 1745 - 3 март 1808 ) бил дански зоолог, специјализиран за инсекти, за кои во тоа време ги сметале сите членконоги: инсекти, клештари, ракови и други. Бил студент на Карл Линеј и се смета за еден од најважните ентомолози од 18 век, кој именувал скоро 10,000 видови на животни и ја поставува основата за современото класифицирање на инсекти.
Јохан Кристијан Фабрициј e роден на 7 јануари 1745 во Тондер (Tønder) во Шлезвиг каде што татко му бил лекар.[1][2] Гимназија учел во Алтона од каде што се запишал на Универзитетот во Копенхаген во 1762 година.[3] Подоцна со татко му и својот роднина Јохан Зоега, кој бил ентомолог и ботаничар заминува да студира на Универзитетот во Упсала под менторство на Карл Линеј. После две години се враќа во Данска и ја започнува својата работа на (лат.)Systema entomologiæ која што е објавена во 1775 година.[3] За сето ова време се издржувал со стипендија од татко му кој работел како консултант во првата данска болница основана од кралот Фредерик V.[3] Фабрициј бил назначен за професор во Копенхаген во 1770 година, а во 1775 или 1776 Универзитетот од Кил го назначува за професор по природни науки и економија, ветувајќи дека ќе изградат Природнонаучен музеј и ботаничка градина.[2] Трипати се обидел да го напушти професорското место во Кил при што во еден од обидите по апел на неговите студенти бил спречен од кралот и Војводата од Шлезвиг - Кристијан VII.[2] Во Кил останал до крајот на својот живот.[1]
За време на престојот во Кил, преку лето постојано патувал во Лондон за да ги проучува колекциите на британски колекционери, како Џозеф Бенкс и Дру Дјури.[4] Кон крајот на кариерата, Фабрициј поминувал поголем дел од времето и во Париз каде што често се среќавал со Жорж Кивје и Пјер Андре Латреј.[2] Бил доста заинтересиран и за настаните поврзани со Француската револуција. Кога слушнал за британскиот напад врз Копенхаген во 1807 година, Фабрициј се вратил во Кил, нарушувајќи го своето и онака веќе кревко здравје. Починал на 3 март 1808 година, на возраст од 63 години.[2] Неговата ќерка починала во несреќа во Париз, но останале двата негови сина, кои подоцна студирале медицина.[1]
Еволутивните идеи на Фабрициј не се добро познати. Верувал дека човекот потекнува од големите мајмуни и дека може да се формираат нови видови со хибридизација на постојните.[5] Бил наречен и „Татко на Ламаркизмот“ заради неговата верба дека може да се формираат нови видови со морфолошка адаптација.[5][6] Пишувал за влијанието на животната средина врз развојот на видовите и феноменот на селекција (женките претпочитаат најсилни мажјаци).[5][7]
Фабрициј се смета за еден од најголемите ентомолози на XVIII век.[2] Бил многу поголем набљудувач на инсектите од својот ментор-ботаничар Карл Линеј. Именувал 9776 видови на инсекти, наспроти списокот на Линеј која содржи околу 3000.[7] Идентификувал многу видови од фамилијата Tenebrionidaeсоберени од Синај во Египет врз основа на колекциите на други ентомолози.[8] Во системот за класификација додава две различни области. Почнува да ги разгледува и вештачките и природните одлики на инсектите. Вештачките одлики овозможуваат определување на видот, а природните овозможуваат определување на врска со други родови и видови.[7] За разлика од класификацијата на инсектите на Линеј, која била заснована на бројот на крилата и нивната форма, Фабрициј ја користел формата на усните делови за да ги раздели видовите кои тој ги нарекол класи.[7]
Се држел до тоа дека „оние чијашто исхрана и биологија се исти мора да припаѓаат на истиот род“.[9] Системот за класификација кој го предложил останал истиот сè до денес, иако имињата не се исти. На пример неговото име за редот тврдокрилци е „Eleutherata“, наместо модерниот назив Coleoptera, за редот Hymenoptera го користел називот „Piezata“; сè уште се употребува терминот Glossata, но за помала група на пеперуги, а не за цел ред. Предвидел и дека машките гениталии може да обезбедат корисни одлики за систематика, но не можел самиот да го примени тоа.[9]
Во 1775 година го поделил родот краткокрилци (Staphylinidae) воспоставувјќи го и родот „Paedarus“. Линеј го сметал овој род за единствен кој го нарекувал „Staphylinus“. Фабрициј опишал 77 видови на краткокрилци.[10]
Негови позначајни дела во систематската ентомологија се:[7]
Многу од овие дела може да се најдат во следните дигитални библиотеки:
Колекциите на Фабрициј се распоредени во Природонаучниот музеј Лондон, француски: 'Muséum national d'histoire naturelle', Париз, Hope Department of Entomology, Оксфорд, the Hunterian Museum and Art Gallery, Глазгов, Zoological Museum во Кил и дански: 'Statens Naturhistoriske Museum', Копенхаген.[2]
Има напишано и неколку дела за економија, иако се помалку важни од неговата работа како ентомолог. Ги напишал: дански: Begyndelsesgrundene i de økonomiske Videnskaber (1773), германски: Polizeischriften (1786–1790) и германски: Von der Volksvermehrung, insonderheit in Dänemark (1781).[3]
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.