Remove ads
From Wikipedia, the free encyclopedia
Ѓоре Велкоски – Стрелката (село Прилепец, Прилепско, 19 ноември 1919 - Ниш, март 1950) — македонски комунист, истакнат раководител на НОВ. Бил командант на партизанските одреди „Гоце Делчев“, „Даме Груев“ и „Јане Сандански“, а потоа политички комесар на Баталјонот „Стив Наумов“, прилепскиот баталјон на Втората македонска бригада и на Петтата бригада. По несогласувањето со југословенскиот став во однос на Резолуцијата на Информбирото, бил репресиран.[1]
Во 1922 година неговото семејство се преселува во Прилеп. Таму Ѓоре Велкоски учи кројачки занает. Во КПЈ е примен во 1939 година. Во 1940 година учествува во демонстрациите во Прилеп. Како активист на Месниот комитет на КПЈ за Прилеп, од февруари до април 1941 година, интензивно дејствувал во повеќе прилепски села. Во тој период во неговата куќа се одржуваат состаноци на Месниот комитет на КПЈ.
На 8 септември 1941 година, по претходно поставена задача од Месниот комитет, заедно со Лазо Филипоски - Лавски, Гиго Менкароски и Борко Петрески, со велосипеди заминуваат до Гостиражни, а оттука тројцата без Борко тргнуваат пеш кон тунелот кај Богомила, со цел да ги извидат условите за негово понатамошно минирање. Пред тунелот биле запрени од бугарскиот стражар, при што Лазо Филипоски со пиштол го убил стражарот, а Ѓоре Велкоски пукајќи со пушката од убиениот војник им држел отстапница на своите другари. Под закрила на квечерината борците безбедно се вратиле во Прилеп.[2] За ова дело, заедно со Лазо Филипоски и Гиго Менкароски, бил осуден во отсуство на смрт со бесење.
Набрзо потоа, Ѓоре Велкоски е еден од седумте први прилепски партизани, кои на 12 септември 1941 година, во месноста Бидимаш на Селечка Планина ја формирале првата партизанска чета. По вклучувањето на четата во Прилепскиот партизански одред „Гоце Делчев“ На 17 октомври Велкоски станал командант на одредот. При формирањето на Битолско-преспанскиот партизански одред „Даме Груев“ на 6 јули 1942 година Велкоски е назначен за командант на одредот.[3] Кога на 8 септември 1942 година се формирал Битолскиот партизански одред „Јане Сандански“ Велкоски застанува и на негово чело.[4] На 11 ноември 1943 година е назначен за политички комесар на Баталјонот „Стив Наумов“,[5] а потоа за политички комесар на прилепскиот баталјон на Втората македонска бригада, а при формирањето на Петтата бригада бил назначен за политички комесар на бригадата. Потоа бил и политички комесар на дивизија.
По Ослободувањето Велкоски бил мајор на УДБА и началник на Персоналното одделение на Министерството за внатрешни работи на НР Македонија. Во декември 1948 година на Првиот конгрес на КПМ е избран за член на Централниот комитет.
Неколку дена по донесувањето на Резолуцијата на Информбирото, на почетокот од јули 1948 година ЦК КПМ одржал состанок на Републичкиот политички актив. На тој состанок Велкоски јавно го изразил своето несогласување со ставот на КПЈ во однос на Резолуцијата на Информбирото. Поради ова свое несогласување, на почетокот на март 1950 година насилно бил транспортиран во специјалната болница за умоболни во Топоница, Ниш од страна на неколку членови на УДБА, предводени од неговите сограѓани Ѓоре Дамески и Пенко Здравкоски. Во болницата Велкоски се самоубил или бил убиен.[1] Закопан е кон крајот на март 1950 година.
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.