From Wikipedia, the free encyclopedia
Xenoturbella — род на многу едноставни двострани животни, кои можат да бидат долги до неколку сантиметри. Родот содржи мал број на морски бентосни видови.[3]
Xenoturbella | |
---|---|
Xenoturbella japonica | |
Научна класификација | |
Домен: | Еукариоти |
Царство: | Животни |
Колено: | Xenacoelomorpha |
Потколено: | Xenoturbellida Вестблад 1949 |
Семејство: | Xenoturbellidae Вестблад 1949 |
Род: | Xenoturbella Вестблад 1949[1][2] |
Првиот претставник на овој род (Xenoturbella bocki) бил откриен во 1915 година од страна на Сикстен Бок, но детално бил опишан дури во 1949 година од страна на Ајнар Вестблад.[4]
Припадниците на родот Xenoturbella имаат многу едноставна градба на телото. Таа вклучува два слоја на трепчест епител: надворешен епидермис и внатрешен гастродермис, кој ја обложува внатрешноста на вреќестото „црево“. Устата е вентрално поставена, а не постои анален отвор,[5] па затоа несварените остатоци од храната се исфрлаат преку устата.[6]
Нервниот систем е изграден од мрежа на меѓусебно поврзани неврони, кои се наоѓаат под епидермисот. Не се среќава каква било концентрација на неврони во одреден дел на телото, која би формирала ганглии или нервни снопови.[7][8]
Видовите од родот Xenoturbella, исто така, немаат респираторен, циркулаторен и екскреторен систем. Всушност, овие животни не поседуваат дефинирани органи, освен статоцистот кој содржи камшичести клетки.[5] Не постојат организирани гонади, но животните се способни да создаваат гамети. Ретко се набљудуваат возрасни единки да создаваат сперматозоиди, а за јајце-клетките и ембрионите е познато дека се јавуваат во фоликули.[9]
Јајцата на Xenoturbella се широки 0,2 милиметри, имаат бледо портокалова боја и се непровидни.[10] Новоизведените ембриони се трепчести и слободно пливаат во водата, а имаат тенденција да остануваат блиску до површината на водата. Тие немаат уста и очигледно не се хранат, а се многу слични на младенчињата на ацелата Neochildia fusca.[10]
Моментално родот Xenoturbella содржи шест признаени видови:[11]
Двата помали вида, X. bocki и X. hollandorum, кои достигнуваат должина до 4 сантиметри, се среќаваат во поплитки води, до 650 метри, и формираат посебен клад. Останатите три поголеми вида, кои можат да достигнат должина над 10 сантиметри, живеат во подлабоки води, на длабочина од 1700 – 3700 метри.[3]
Во 2017 година, бил предложен уште еден вид, Xenoturbella japonica.[15]
Од откривањето на родот Xenoturbella, неговото место во систематиката на животинските организми претставувало проблем за научниците. Раните ДНК анализи укажувале на сродство со мекотелите,[16] но подоцна било утврдено дека овие резултати се неточни и дека постоела контаминација со ДНК на мекотели со кои Xenoturbella се хранела.[17]
Подоцнежните истражувања предложиле сместување на овој род во посебно животинско колено, Xenoturbellida. Се верувало дека коленото припаѓа на второусните (деутеростомите) и дека е сестринска група на Ambulacraria.[18] Припадноста кон второусните била поддржана и од други студии, кои предлагале базална позиција на ова колено во рамките на второусните,[19][20] или како сестринска група на Ambulacraria.[21]
Сепак, одредени морфолошки одлики, како што е структурата на епидермалните трепки, сугерирале на блиско сродство со Acoelomorpha, друга проблематична група од филогенетски аспект.[22] Студијата на ембрионалните фази на Xenoturbella, исто така укажувала на сродност со Acoelomorpha.[10] Молекуларните студии засновани на конкатенација на стотици белковини откриле дека навистина Xenoturbella и Acoelomorpha формираат монофилетична група.[21][23][24] Овој клад го добил името Xenacoelomorpha.[21]
Иако била потврдена монофилијата на Xenacoelomorpha, сѐ уште не било јасно дали овој клад припаѓа на второусните или претставува базален клад на двострани животни. Ова прашање останало нерешено сѐ до 2016 година, кога две нови студии, со побројни генски и таксонски примероци, повторно ја сместиле Xenoturbella како сестринска група на Acoelomorpha, во рамките на Xenacoelomorpha, додека Xenacoelomorpha ја поставиле како сестринска група на Бубрежни (протостоми и деутеростоми), и, на тој начин, како најбазалното колено на двостраните животни.[3][25]
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.