5 век
век / From Wikipedia, the free encyclopedia
V век (5 век) — столетие кое започнало на 1 јануари 401 г., а завршило на 31 декември 500 г. Ова бил период на преселба и политичка нестабилност низ цела Евроазија.
Во 476 година, Западното Римско Царство пропаднало.[1] Пред пропаста со него владееле неколку слаби цареви, а вистинската политичка моќ ја држеле моќните војсководци. Внатрешната нестабилност и притисокот од странските освојувачи конечно резултирале со ограбувањето на Рим од страна на војската на Визиготите во 410 година.[2] Иако во текот на следните неколку децении Западното Римско Царство успеало до некој степен да се опорави, следниот сериозен удар го доживеало кога Вандалите ја окупирале Картагина, главниот град на исклучително важната провинција Африка.[2] Обидите да се заземе провинцијата од Вандалите биле прекинати поради инвазијата на Хуните под водство на Атила. По поразот на Атила, Источното и Западното Римско Царство ги здружиле силите за последен напад на Вандалите во северна Африка, но овој поход завршил со спектакуларен неуспех.[2]
Во источна Азија, многу номадски племиња се преселиле во североисточна и централна Кина, каде што основале низа династии. Со ова започнал период на поделба и конфликт меѓу Северна и Јужна Кина.
Кон крајот на V век, индиската империја Гупта била нападната од Хуните од Средна Азија, кои можеби биле поврзани со Хуните кои го нападнале Римското Царство во Европа.