Хавајски избув
From Wikipedia, the free encyclopedia
Хавајска ерупција — тип на вулканска ерупција каде лавата тече од отворот во релативно нежни, не многу силни ерупции. Така е именувана затоа што е карактеристична за хавајските вулкани.[1] Обично тие се ефузивни ерупции, со базалтни магми со ниска вискозност, ниска содржина на гасови, висока температура на отворот. Многу мала количина вулканска пепел се произведува при ерупцијата. Овој тип на ерупција најчесто се појавува кај вулканите од врелата точка како што се Килауеа на Хаваите и во Исланд, иако може да се случи во близина на субдукциски зони (на пр. вулканот Медицин Лејк во Калифорнија, САД) и во судирни зони. Друг пример на хавајски ерупции се случиле на островот Суртсеј во Исланд од 1964 до 1967 година, кога стопена лава течела од кратерот во морето[2].
Хавајските ерупции можат да се појават околу вулкански отвори, како за време на ерупција на Мауна Лоа во 1950 година, или во централниот вентил, како во текот на ерупцијата во 1959 година на кратерот Килауеја Ики[3], којашто создала лавина фонтана висока 580 метри и формирала 38-метарски конус по име Пуу Пуаи. Во пукнатински тип на ерупции лавата истекува од пукнатина на вулканот во судирната зона во лавини потоци кои течат по падините.[4] Во централнократерски ерупции, лавина фонтана може да избие на висина од 300 метри или повеќе (височина од 1600 метри била пријавена при ерупцијата во 1986 ерупција на вулканот Михара на Изу Ошима, Јапонија)[5].
Хавајските ерупции најчесто започнуваат со формирање на пукнатина во земјата од каде се појавува завеса на блескава магма или неколку тесно распоредени магматски фонтани. Лавата може да го прелие кратерот и да формира ʻaʻā или pāhoehoe стил на течење. Кога таква ерупција од централниот конус е долготрајна, тоа лесно може да формира штитест вулкан, на пример Мауна Лоа во Хаваи или Скјалдбрејдур во Исланд.