From Wikipedia, the free encyclopedia
Човечка рипка | |
---|---|
Човечки рипки во Постојнска Јама, Словенија | |
Научна класификација [ у ] | |
Непознат таксон (попр): | Proteus |
Вид: | Човечка рипка |
Научен назив | |
Proteus anguinus Лауренти, 1768 | |
Подвидови | |
Proteus anguinus anguinus | |
Распространетост |
Човечка рипка (латински: Proteus anguinus) — опашест водоземец од семејството Proteidae.
Човечката рипка живее во подземни езера и потивки делови на подземни потоци и реки на динарскиот карст, исклучиво од северот на Италија, Истра и Приморска Словенија, преку Далмација и Босна, сè до Црна Гора. Сепак, и покрај основаните претпоставки, сè уште не е пронајдена во црногорските пештери.
Човечката рипка е „динарски ендем“. Може да се најде на длабочина до 80 m. Иако никогаш не сакаат да ја напуштат вечната темнина на пештерите, во пролет и есен луѓето повремено ги наоѓаат на површината, бидејќи се исфрлаат од силните топли извори кога подземните води се издигнуваат поради обилните дождови и топењето на снегот. Ова е особено честа појава во Херцеговина, во околината на Требиње и во Попово Поле.
Првите пишани податоци за човечката рипка ја забележал словенечкиот летописец и историчар Валвазор. За време на своето истражување (објавено во 1689 година) слушнал дека има необично место во Словенија каде што водата тече само во одредени периоди од денот - на полноќ и во девет часот наутро, а во други периоди само ако на одредено место се прочепка со стап или гласно се викне. Според објаснувањето на некој овчар, причина за оваа појава бил змеј кој живеел во планината. Кога во пештерата каде што се криел змејот се насоберела премногу вода, тој се чувствувал непријатно и бесно ја исфрлал. Првично, ова му било смешно на баронот Валвазор, но овчарот го убедил дека со свои очи видел дури три потомци на змејот. Рекол дека многу луѓе можат да ја потврдат таа приказна, вклучувајќи го и поштарот, господинот Хофман, кој дома чува змеј. Поштарот ја потврдил приказната на овчарот, но не можел да го покаже змејот, иако детално го опишал. Бидејќи Валвазор бил повеќе заинтересиран за приказни и легенди отколку за самата појава, тој не се потрудил да го пронајде ова страшно животно.
Легендата за змејот била веќе долго заборавена кога во 1751 година, рибар од мрежата извлекол пет примероци риби со „четири нозе“. Луѓето мислеле дека можеби уловил некои предвремено родени стаорци што ги носела реката со себе или некое друго животно. Никој не верувал во приказната на рибарот за „четириногата“ риба. Тајната почнала да се разоткрива кога природникот Г. А. Скополи пронашол неколку живи примероци на човечка рипка од областа Стичне, од каде што потекнува народното име за овој вид, најверојатно врз основа на сличноста на бојата и изгледот на кожата на овие животни со луѓето. Скополи не издржал да не го сподели својот ентузијазам со колегите од странство, а на некои им испратил и копија. Докторот и зоолог Ј. Н. Лауренти од Виена го забележал ова чудно животно при посета на пријател во Клагенфурт (Целовец). Животното било во тегла, а стигнало до Клагенфурт благодарение на Скополи. Лауренти во 1768 година бил првиот што го опишал овој нов вид што го нарекол Proteus anguinus. Името на родот го дал по грчкиот бог Протеј, слуга на морскиот бог Посејдон, кој бил познат по неговата способност да ја предвидува судбината и моќта да се претвора во сите живи суштества, вода или оган. Името на видот, што на латински значи змија, е дадено поради обликот на телото на животното. Меѓутоа, бидејќи Лауренти не бил сигурен од каде потекнува примерокот, тој како место на овој вид погрешно го означил езерото Церкница.
Човечките рипки се единствените водоземци во Европа кои живеат во пештери. Тие имаат релативно голема, триаголна глава со рамна, заоблена муцка. Нозете им се прилично закржлавени, а предните и задните парови се многу оддалечени. И прстите им се закржлавени и слаби. Предните нозе имаат три прста, а задните само два. Три пара разгранети светлоцрвени надворешни жабри служат како органи за дишење, иако човечката рипка исто така добива кислород од водата преку нивната кожа. Имаат и закржлавени бели дробови. Опашката им е сплескана, заоблена на крајот и обрабена со перки, а нејзината должина е два до три пати пократка од телото. Половиот диморфизам е изразен само во моментот на парење, инаку мажјакот и женката тешко се разликуваат. Со исклучок на еден темен подвид, нивната основна боја е бела или розова поради протокот на крв видлив низ проѕирната кожа. Тие, исто така, можат да бидат потемни жолтеникаво-сиви или жолтеникаво-црвеникави поради пигментот рибофлавин, додека пигментот птерин, кој е својствен за водоземците, не е присутен кај нив. Две ситни точки без очни капаци кај младите животни се рудименти на очите. Очите со текот на времето атрофираат, кожата ги покрива и целосно исчезнуваат. Должината на возрасните единки се движи од дваесет до триесет сантиметри, а одредени единки може да бидат и малку поголеми.
Со помош на слабо развиените екстремитети, човечката рипка може да се движи по земја, додека со движење налик на змија поминува подолги растојанија. Може да копа и да се движи дури и низ мека и каллива земја. Се храни со ракови, дождовни црви и други мали животни кои живеат во водите на пештерите. Ја наоѓа храната користејќи го сетилото за мирис. Има и развиено чувство за вкус.
Човечките рипки се прилично социјални, така што голем број единки се кријат на исто место, блиску една до друга. Меѓутоа, во моментот на парење, помала група мажјаци зазема одредена област и заеднички ја бранат од нападите на другите мажјаци. Парењето на овие животни во вештачки услови во 1962 година го опишал биологот Волфганг Бриглеб од Минхен. Истото започнува со свадбен танц на мажјакот, понекогаш без присуство на женката. Се претпоставува дека мажјакот може да ги осети феромоните на женката и покрај тоа што таа е далеку од него. По „свадбените обреди“, женката на својата клоака го залепува сперматофорот што мажјакот го исфрлил. Животните обично се парат неколку пати во рок од неколку часа.
Бидејќи сетилото за вид не игра значајна улога кај овие животни, другите сетила се поразвиени кои им овозможуваат да го пронајдат својот пат во вечната темнина. На површината на телото, телото има механорецептори слични на страничната линија кај рибите, кои го прават сетилото чувствително на протокот на вода. Механорецепторите присутни во внатрешното уво се дел од сетилото за рамнотежа и слух, а човечката рипка има и електрорецептори и сетило за мирис. Електрорецепторите се наоѓаат на врвот на муцката во таканаречените ампуларни органи. Со нив може да ги осетат електричните полиња во водата, а веројатно ги користат и за наоѓање плен.
Човечката рипка сексуалната зрелост ја достигнува по 14 години, без преобразување. Возрасната единка ги задржува одликите на ларвата (неотени), на пример, жабри.
Научниците се обиделе на различни начини да утврдат кој е природниот начин на размножување на човечката рипка, дали е од јајца (јајценосно) или живородно (вивипарно). Резултатите од експериментите на д-р Крамер од Виена покажале дека на температура под 15 °C женките секогаш носат на свет само две живи младенчиња и тоа се сметало за нормален начин на размножување, бидејќи температурата во пештерите е секогаш пониска, а само на температура повисока од 15 °C женката снесува јајца. Со текот на времето, овие заклучоци биле побиени со наодите на јајца од човечки рипки во природни услови и на температури под 15 °C. Женките почнуваат да несат јајца неколку дена по парењето, а потоа постојано во текот на три недели. Јајцата се лепат на долната страна на рамните камења. Женката внимава на јајцата додека не се изведат младенчињата. Развојот на ембрионот трае од 90 до 130 дена. Ларвите што се испилуваат се со големина од околу 22 милиметри, грбот им е доста пигментиран, имаат три прсти на предните екстремитети, додека нивните задни екстремитети немаат прсти. Младите добиваат изглед на зрели единки по три месеци.
Постои широко распространета заблуда меѓу луѓето дека човечката рипка не може да преживее високи температури и дека сончевата светлина е фатална за неа. Во лабораториски услови преживуваат на температури блиску до точката на смрзнување, како и на 30 степени °C. Кога се изложени на дневна светлина, животните првично се многу вознемирени, бидејќи целото тело им е чувствително на светлосни дразби, тие панично пливаат и се обидуваат да излезат од водата, но по прилагодувањето се смируваат и се однесуваат како да се повторно во целосна темнина. Под влијание на светлината, нивната боја на телото станува сивомрка, па дури и целосно црна, а откако ќе се вратат во темнина, повторно добиваат бледа боја.
Човечката рипка нема природни непријатели. Сепак, некои од пештерите во кои живее долго време се изложени на голем туристички притисок. Животните биле фаќани за да им бидат покажани на туристите, па дури и продадени. Денеска се под строга заштита, се наоѓаат и на списокот кој забранува трговија со овие животни. И покрај статусот на строго заштитен вид, нивниот број значително се намали. Обидот да се вметне овој вид во други, очигледно соодветни, пештери не бил успешен. Човечките рипки толерираат недостаток на кислород во водата, бидејќи, доколку е потребно, белите дробови можат да преземат поголема функција, но тие се многу чувствителни на промени во количината на сол и загадување на водата. Отпадот, главно од површината, стигнува до подземните водотеци.
Во 1986 година бил пронајде еден примерок од црна рипка во изворот Добличица во Бела Краина (Словенија). Веста не беше толку изненадувачка за биолозите, бидејќи во тие кругови било познато дека светлата човечка рипка се затемнува на дневна светлина. Покрај тоа, тој еден единствен темен примерок исто така можело да биде резултат на некоја мутација. Стручњаците се обиделе да најдат повеќе такви примероци. Немале среќа во Добличица, но нашле нов, побогат локалитет во областа Бела Краина и пронашле уште неколку црни примероци. Утврдиле дека се работи за посебен подвид на човечка рипка што значително се разликува од непигментираните. Темните примероци имаат подобро развиени, речиси нормални очи. Покрај впечатливо различните бои, тие се разликуваат и по некои жлезди на кожата, како и по обликот на телото. Црната човечка рипка има пократка глава и екстремитети и помалку заби.
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.