From Wikipedia, the free encyclopedia
Чарлс Куен Као (кинески: 高錕, трскр. Гао Кун ; р. 4 ноември 1933 ) — хонгконшки, американски и британски електротехнички инженер и физичар кој прв ја развил и започнал да ја користи влакнената оптика во телекомуникацијата. Нарекуван „кум на широкопојасноста“,[5] „татко на влакнената оптика“[6][7][8][9][10] и „татко на оптичката комуникација“,[11][12] Као е еден од тројцата добитници на Нобеловата награда за физика во 2009 година, единствен за „револуционерни достигања во однос на преносот на светлината низ влакна за оптичка комуникација“.[13] Тој има повеќе државјанства: на Хонгконг, на Обединетото Кралство и на САД.[5]
Чарлс Као 高錕 | |
---|---|
Роден(а) | 4 ноември 1933 Шангај, Република Кина (1912–1949)[1] |
Живеалиште | Република Кина (1933–1928) Хонгконг (1949–денес)[2] Обединето Кралство (1952–1970) САД |
Државјанство | САД Обединето Кралство[1] |
Националност | САД Обединето Кралство |
Полиња | Физика |
Установи | Кинески универзитет на Хонгконг ИТТ корпорација АД СТК |
Образование | Универзитетски колеџ „Лондон“ (докторска диплома 1965 г., издадена од Лондонскиот универзитет) Гринички универзитет (диплома 1957 г., издадена од Лондонскиот универзитет) |
Докторски ментор | Харолд Барлоу |
Познат по | влакнена оптика Оптичка комуникација |
Поважни награди |
|
Чарлс Као е роден во Шангај во 1933 година. Тој и брат му биле подучувани од приватен наставник, од кинеските класични списи.[14] Изучувал и англиски и француски јазик во интернационално училиште во Шангај основано од напредни кинески учители, како Цај Јуанпеј.[15]
Семејството на Као се преселило во Хонгконг во 1948 година,[16] каде го завршил средното образование на Колеџот „Сеинт Џосеф“ во 1952 година, успешно положувајќи го испитот за напредно ниво (вид матура). Завршил додипломски студии по електротехника на Гриничкиот универзитет.[17]
Истражувањата со кои се занимавал го довеле до докторат по електротехничко инженерство на Универзитетскиот колеџ „Лондон“, во 1965 година,[18] (под менторство на професор Харолд Барлоу) стекнат како надворешен студент, додека работел во Стандардните телекомуникациски лаборатории во Харлоу, Англија (истражувачкиот центар на АД „Стандардни телефони и кабли“.[19] Токму таму се занимавал со првата револуционерна работа како инженер и истражувач, работејќи рамо до рамо со Џорџ Хокхам, под надзор на Алек Ривс.
Као му се приклучил на составот на Кинескит универзитет на Хонгконг во 1970 година, каде го основал Одделот за електроника (денес именуван како Оддел за електронско инженерство). На универзитетот работел како професор, а потоа професор-претседател за електроника. Ги создал и програмите за додипломски и постдипломски студии по електроника. Под негово водство се основани нови истражувачки институти, како и Школата за образование. Во 1974 година се вратил во ИТТ корпорацијата (тогашната компанија-мајка на СТК), во САД. Работел во Роаноке, Вирџинија, прво како главен научник, а потоа како управник на инженерство. Во 1982 година станал првиот извршен научник на ИТТ и бил главно стациониран во Напредниот технолошки центар во Конектикат.[9] Таму работел и како асистент професор и соработник на Колеџот „Трумбул“ при Универзитетот „Јејл“. Во 1985 година поминал една година во Западна Германија во Истражувачкиот центар СЕЛ. Као станал корпоративен истражувачки директор во ИТТ.
Чарлс Као бил и заменик претседател на Кинескиот Универзитет на Хонгконг (1987-1996).[20] По пензионирањето од КУХГ во 1996 година, шестмесечното продолжено отсуство го поминал во Одделот за електротехничко и електронско инженерство при Империскиот колеџ „Лондон“, каде дејствувал и како гостински професор од 1997 до 2002 година.[21] Во периодот 1993-1994 година бил претседател на Асоцијацијата на југоисточно азиските институции за високо образование (ASAIHL).[22]
Подоцна, Као работел како претседател и извршен директор на АД „Транстек сервисес“, хонконгшка компанија за телекомуникациски консултациски услуги. Бил основач, претседател и извршен директор и на „Ај ти екс сервисес лимитед“. Од 2003 година до 30 јануари 2009 година, бил независен надворешен директор и член на ревизискиот одбор на „Некс Медија“,[23][24] а истите функции ги извршува од 1991 година во „Варитроникс интернешнал лимитед“, Хонгконг.[25][26]
Во 2000 година, Као ја основал Академијата на независни училишни фондации (ISF) во Сајберпорт, Хонгконг.[27] Бил нејзин основачки претседател во 2000 година, а се повлекол од одборот во декември 2008 година.[27]
Као настапил како водечки говорник на ГЛОУБКОМ 2002 (IEEE GLOBECOM) во Тајпеј, Тајван.[28] Бил специјално назначен за професор-претседател на Институтот за електроника на Факултетот за електроинженерство и копјутерски науки при Националниот тајвански универзитет.[28]
1996 година ја означи Каовата донација на Универзитетот „Јејл“ и воведувањето на стипендиите на Истражувачкиот фонд „Чарлс Као“ за поддршка на студирањето на „Јејл“, истражувањето и креативните проекти во Азија.[29] Со фондот управува универзитетските совети на „Јејл“ за источноазиски и југоисточноазиски студии.[30]
На Као му е дијагностицирана Алцхајмерова болест во 2004 година. Тој има проблеми со говорното изразување, меѓутоа препознава луѓе и адреси.[31] Од болеста стадал и татко му. Од 2008 година, Као живее во Маунтин Вју, Калифорнија, САД, каде се преселил (од Хонгконг) за да биде поблиску до децата и внукот.[5]
Хоби на Као се изработка кинески порцелан. Тој ужива и во читање усја романи (кинески романи со стари кинески херои вешти во боречки вештини).[32]
На 6 октомври 2009 година, доделена му е Нобелова награда за физика, за придонесот во истражувањето на преносот на светлината низ оптички влакна и за влакненооптичката комуникација.[33] Наградата ја примил со зборовите: „Апсолутно сум оставен без зборови и воопшто никогаш не очекував ваква чест.“[12][34] Неговата сопруга изјавила дека паричната награда, по плаќањето на таксата на американската влада, ќе биде искористена за болничките трошоци на Као.[35]
Таткото на Као, Као Чин-Ксјанг (高君湘), бил адвокат, кој докторирал право на Правниот факултет при Универзитетот на Мичиген во 1925 година.[36] Работел како професор во Кинеската школа за компаративно право при Универзитетот „Суџо“ (во тогашен Шангај).[37][38]
Дедо му, Као Ксие, бил познат проучувач, поет, литератор, уметник и водечка фигура на „Јужното друштво“ (南社) во времето на династијата Ќинг.[39] Блиски роднини на Као биле и влијателните автори Као Ксу, Јао Хуанг (姚光) и Као Занг (高增).
Братучед на татко му бил астрономот Као Пинг-це, по кого е именуван кратерот Као на Месечината[40].[41] Као има помлад брат, Тимоти Ву Као, кој е градежен инженер и професор во пензија на Католичкиот универзитет на Америка, во Вашингтон. Истражува во областа на динамиката на флуиди.[42]
Као за запознал својата жена Меј-Ван Вонг (денес Као) во Лондон, по дипломирањето. Таа била програмер (работела со јазикот Fortran) со британско-кинеско потекло, а работела во истата фабрика со Као.[43] Склучиле брак во 1959 година во Лондон.[44][45] Имаат две деца, син и ќерка,[44] кои и двајцата работат во Силициумската Долина во Калифорнија.[43]
Во 1960-тите години, во Стандардните телекомуникациски лаборатории (СТЛ) во Харлоу, Као и соработниците ја завршиле пионерската работа во примената на влакнената оптика во телекомуникациите. Тоа го сториле демонстрирајќи дека примесите во стаклото се причината за високата загуба на постоечката влакнена оптика, а не проблемот со технологијата.[47]
Као првично работел во тимот на Антони Карбовијак, кој ги проучувал оптичките брановоди за комуникација. Задачата на Као била испитување на атенуацијата на влакната, за што собирал примероци од различни производители. Ова истражување го убедило дека страните примеси во материјалот предизвикувале голема загуба во тие влакна.[48]
Као бил назначен за главен на електро-оптичкиот истражувачки тим во СТЛ во 1963 година.[49] Во декември 1964 година, ја презел програмата за оптички комуникации на СТЛ, по напуштањето на позицијата од страна на Карбовијак.[50]
Иако го наследил Карбовијак како менаџер на истражувањето на оптичката комуникација, заедно со Џорџ Хокхам веднаш го напуштиле неговиот план за тенок лентест брановод, менувајќи ја насоката на истражувањето.[48][50] Покрај оптичките, тие ги разгледувале и својствата на материјалот. Првите резултати ги изнел Као во јаунари 1966 година, пред Институтот на електротехнички инженери (IEE) во Лондон. Во јули биле и објавени, од страна на Хокхам (кој работел со Као 1964–1965).[51]a[›]. Објавената студија ја теоретизирала и предложила имплементацијата на стаклени влакна за оптичка комуникација. Опишаните идеи, особено структурните елементи и материјали, се основата на денешната оптичка комуникација.
Во 1965 година,[49][52]b[›] Као и Хокхам заклучиле дека основното ограничување на светлинската атенуација на стаклото е под 20 dB/km (децибели на километар) – вредност на прагот клучна за оптичката комуникација.[53] Сепак, при тогашното утврдување, често се забележувало губење на светлина и над 1000 dB/km. Како резултат, започнала трка во потрагата по материи со мала загуба и соодветни влакна за задоволување на потребните критериуми.
Заедно со новиот тим (Т.В. Дејвис, М.В. Џоунс, К.Р. Врајт и други), Као тестирал бројни материјали за задоволување на гореспоменатиот критериум. Прецизно ја мереле атенуација на светлина со различни бранови должини во разни материјали. Тогаш Као истакнал дека големата чистота на кварцовото стакло (SiO2) го прави совршен кандидат за оптичка комуникација. Тврдел дека главната причина за драматичното опаѓање на светлинскиот пренос во стаклените влакна се страните примеси на стаклото кои можат да се отстранат, а не физичките ефекти како расејувањето. Ваквото тврдење предизвикало истражување и светско производство на стаклени влакна со висока чистота.[54] Кога првпат предложил дека таквите стаклени влакна можат да се користат за пренос на информации на големи растојанија, па и да ги заменат бакарните жици кои тогаш се користеле за комуникација,[55] никој не му верувал. Дури подоцна се сфатило дека Каовите идеи ја промениле сета комуникација и индустрија од корен.
Као имал важна улога во почетните стадиуми на инженерството и комерцијалната реализација на оптичката комуникација.[56] Пролетта 1966 година, отатувал во Америка, меѓутоа не ги заинтересирал Лабораториите Бел, тогашен конурент на СТЛ во комуникациските технологии.[57] Затоа, пак, во Јапонија наишол на поддршка.[57] Посетил многу фабрики за стакло и полимери, дискутирал за подобрување на производството на оптички влакна со многу инженери, научници, стопанственици.
Лабораториите Бел сериозно се заинтересирале за влакнената оптика во 1969 година. Тогаш Као и М.В. Џоунс ја измериле внатрешната загуба на кварцовото стакло – 4 dB/km. Тоа бил првиот доказ за ултра проѕирно стакло.[57]
Као развил важни техники и конфигурации за влакностаклени брановоди и придонел за развојот на различни типови влакна и уреди кои ги задоволуваат и воената комуникација и периферните помошни системи за оптичка комуникација.[56] Во средината на 1970-тите, се занимавал со плодоносна работа за динамичката издржливост на стаклените влакна.[56] Кога станал првиот извршен научник на ITT, ја вовел програмата „Терабит технологија“, која се занимава со високочестотниите граници на обработката на сигналот. Затоа е нарекуван „татко на концептот за терабит технологија“.[56][58] Као има издадено над 100 труда, а има и над 30 патенти,[56] вклучувајќи ги и водоотпорните силни влакна (патентирани заедно со М.С. Маклад).[59]
Во раните фази на развојот на оптичките влакна, Као претпочитал едномодни системи за оптичка комуникација на поголема оддалеченост. Денес речиси исклучиво се применува таквиот принцип.[54][60]
Чарлс К. Као е визионер на модерните подводни комуникациски кабли. Во 1983 година превидел дека во морињата ќе има оптички кабли, пет години пред првиот подводен кабел да стане функционален.[61]
Појавата на хелиум-неонскиот ласер на Али Џаван и Каовото откритие на својствата на влакната за мала загуба денес се сметаат за двете најважни пресвртници во развојот на отичката комуникација.[50]
Као е едн од првите кои се занимавале со проучување на ефектите кои ги има мелиорацијата во Хонгконг врз животната средина. Тој презентирал и една од првите студии поврзани со проблемот, на конференцијата на Асоцијацијата на универзитети на комонвелтот во Единбург, 1972 година.[62]
Две години бил член и претседател на Комитетот за енергетски совети на Хонгконг. Се повлекол на 15 јули 2000 година.[63][64] Тој е член и на Советот на советници за иновации и технологија на Хонгконг од 20 април 2000 година.
Као има добиено бројни почести и награди, од кои најзначајна е Нобеловата награда за физика. Меѓу неговите признанија се вбројуваат:
Као ги донирал најголемиот дел од своите награди на Кинескиот универзитет на Хонгконг.[90]
^ а: Главната задача на Као била истражување на својствата на материјалите од оптички влакна за губење светлина и утврдување дали тие можат да се отстранат или не. Хокхам го истражувал губењето на светлината поради дисконтинуираност и искривеност на влакната.
^ б: Некои извори укажуваат на периодот околу 1964 година,[125][126] на пример: „До 1964 година, д-р Чарлс К. Као идентификувал критичка и теоретска спецификација за комуникациски уреди со голем досег, стандардот за изгубени 10 или 20 dB светлина по километар." Од „Cisco Press“.[125]
^ в: Во 1980 година, на Као му бил доделен Златниот медал на Американската асоцијација за комуникација и електроника на вооружените сили, „за придонесот кон употребата на влакненооптичката технологија во воената комуникација“.[56]
^ г: На мрежната страница за членови на Националната академија на инженерство на САД, државата на Као е забележана како Народна Република Кина.[73]
^ д: OFC/NFOEC – Optical Fiber Communication Conference and Exposition (Конференција и излагање за оптичка комуникација) /National Fiber Optic Engineers Conference (Конференција на национални влакненооптички инженери)[116]
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.