Холокаустот во Албанија
From Wikipedia, the free encyclopedia
Холокаустот во Албанија се состоел од убиства, депортации и злосторства против човештвото извршени против Евреите, Словените, Ромите и другите малцинства во Голема Албанија од страна на германските, италијанските и албанските колаборациони сили, додека земјата била под италијанска и германска окупација за време на Втората светска војна. Во текот на војната, речиси 2.000 Евреи побарале засолниште во Албанија. Најголемиот дел од овие еврејски бегалци биле добро третирани од локалното албанско население, и покрај фактот што земјата била окупирана прво од Фашистичка Италија, а потоа и од Нацистичка Германија. Албанците, по традиционалниот обичај на гостопримство познат како беса, често ги засолнувале еврејските бегалци во планинските села и ги транспортирале во пристаништата од Јадранското Море, од каде што бегале во Италија. Други Евреи се приклучиле на движењето на отпорот низ целата земја.
За 500 Евреи кои живееле во Косово, искуството било сосема поинакво, а многумина не ја преживеале војната. Со предавањето на Италија во септември 1943 година, германските сили ја окупирале Албанија, Косово и други територии што биле припоени кон земјата. Во 1944 година, бил формиран албански оддел на Вафен-СС, која ги уапсила и им предавал на Германците уште 281 Евреи од Косово, кои потоа биле депортирани во концентрациониот логор Берген-Белсен, каде што многумина биле убиени. На крајот од 1944 година, Германците биле протерани од Албанија, а земјата станала комунистичка држава под раководство на Енвер Хоџа. Истовремено, Силите на Оската во албанските припоени региони на Косово и Западна Македонија биле поразени од страна на југословенските партизани, кои потоа ги инкорпорираа овие области во новоформираната ФНРЈ.
Околу 600 Евреи биле убиени во Голема Албанија за време на војната. Само Албанија излегла од војната со население од Евреи единаесет пати поголемо отколку на почетокот, броејќи околу 1.800 лица. Повеќето од нив подоцна емигрирале во Израел, но неколку стотици останале до падот на комунизмот во раните 1990-ти години пред да го сторат истото. Од 2011 година, 69 Албанци се признати како Праведни меѓу нациите за улогата што ја одиграле при спасувањето на Евреите за време на Холокаустот.