From Wikipedia, the free encyclopedia
Третична (терцијарна) структура на белковините е тридимензионалната форма на белковинската молекула. Во третичната структура на една белковина влегуваат неговиот полипептиден синџир и една или повеќе вторични структури, односно домени, кои тој синџир ги формира. Страничните ланци на аминокиселинските остатоци можат да стапат во интеракција и да се врзуваат на повеќе различни начини. Интеракциите и врските на страничните ланци на една белковина ја одредуваат нејзината третична структура. Третичната структура на белковините е дефинирана од нејзините атомски координати. Овие координати може да се однесуваат или на белковински домен или на целата третична структура.[1][2] Голем број на третични структури можат да се склопат во четвртична структура.[2]
Науката за третичната структура на белковините има напреднато од хипотеза до големо научно поле со детални дефиниции. Иако Емил Фишер посочил дека белковините се изградени од полипептидни синџири и странични ланци на аминокиселинските остатоци, Дороти Мод Вринч прва ја инкорпорирала геометријата предвидувањето на структурата на белковините. Вринч ова го демонстрирала со моделот на циклол, кое претставувало првото предвидување на структурата на глобуларна белковина.[3] Современите методи се способни да ја одредат, без предвидување, третичната структура на мали белковини (<120 остатоци) до 5 Å (0,5 nm) резолуција.
Глобуларните белковини имаат јадро од хидрофобни аминокиселински остатоци и површина од хидрофилни аминокиселински остатоци кои стапуваат во интеракција со водата. Овој аранжман може да ги стабилизира интеракциите во рамките на третичната структура. На пример, кај секреционите белковини, кои не се наоѓаат во цитоплазмата, дисулфидните врски помеѓу цистеинските остатоци помагаат да се одржи третичната структура. Кај белковините со различна функција и различна еволуција постои сличност во тоа што може да поседуваат исти третични структури со исклучителна стабилност. На пример, TIM цилиндарот (анг. TIM barrel), именуван по ензимот триоза-фосфат изомераза, е честа третична структура која се среќава кај белковини со сосема различна функција и потекло. Оттука, белковините можат да бидат класифицирани според типот на третична структура која ја поседуваат. Бази на податоци за белковини кои користат ваква класификација се SCOP и CATH.
Нативната состојба или нативната конформација на една белковина е неговата најтипична конформација во клеточната средина.
Често се претпоставува дека нативната состојба на една белковина е термодинамички најстабилна од сите други состојби и дека белковината може да ја достигне пред да биде потполно транслатиран. Белковинските шаперони во клеточната цитоплазма им помагаат на ново-синтетизираните полипептиди да ја достигнат својата нативна состојба. Некои шаперони се високо специфични во нивната функција, на пример белковинската дисулфид изомераза; други имаат поопшта функција и способни се да им помогнат на повеќето глобуларни белковини да се склопат, како што е, на пример, прокариотскиот GroEL/GroES систем на белковини и хомологните еукариотски белковини на топлински шок (системот Hsp60/Hsp10).
Кинетиката на склопување може да ја зароби белковината во високоенергетска конформација. Високоенергетската конформација може да придонесе за функцијата на белковината. На пример, хемаглутининот (HA) е единечен полипептиден синџир кој, кога е активиран, протеолитички се раскинува за да даде два полипептидни синџира. Двата синџири се одржуваат во високоенергетска конформација. Кога локалната pH вредност опаѓа, белковината подлегнува на енергетски поволна конформациска промена, што му овозможува да продре во клеточната мембрана на домаќинот.
Некои третични белковински структури може да опстојуваат во долготрајни состојби кои не претставуваат очекуваната најстабилна состојба. На пример, многу инхибитори на серинската протеаза покажуваат ваква метастабилност. Тие подлежат на конформациона промена само кога една петелка на белковината бива пресечена од страна на протеаза.[4][5][6]
Предвидувањето на белковинската третична структура зависи од тоа дали е позната првичната структура на белковинската молекула и од споредувањето на можната предвидена третична структура со други познати третични структури во банките на податоци за белковини. Оваа споредба ја зема само предвид цитоплазматската средина за време на синтезата на белковината, до тој степен што слична цитоплазматска средина можела, исто така, да влијае на структурата на белковините регистрирани во банката на податоци за белковини.
Структурата на една белковина, на пример ензим, може да се промени откако ќе ги врзе неговите природни лиганди, на пример кофактор. Структурата на белковината кога таа има врзано лиганд се нарекува холоструктура, додека структурата на слободната, неврзана белковина се нарекува апоструктура.[7]
Познавањето на третичната структура на водорастворливите глобуларни белковини е понапредно од познавањето на структурата на мембранските белковини, бидејќи глобуларните белковини полесно се изучуваат со моментално достапната технологија.
Рендгенската кристалографија е најчестата алатка за одредување на структурата на белковините. Таа дава висока резолуција на структурата, но не дава информации за конформационата флексибилност на белковините.
NMR (јадрена магнетна резонанца) за одредување на структурата на белковините дава релативно пониска резолуција на белковинска структура и е ограничена на помали белковини. Сепак, може да даде информации за конформационите промени на белковина во раствор.
Интерферометријата со двојна поларизација обезбедува комплементарни информации за белковини заробени на површина. Таа помага во одредувањето на структурата и конформационите промени со текот на времето.
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.