![cover image](https://wikiwandv2-19431.kxcdn.com/_next/image?url=https://upload.wikimedia.org/wikipedia/commons/thumb/5/56/SCR1369.jpg/640px-SCR1369.jpg&w=640&q=50)
Тиристор
From Wikipedia, the free encyclopedia
Тиристор – тврдотелна полуспроводничка компонента со четири слоја, наизменично наредени p-тип и n-тип материјали. Функционира како бистабилен прекинувач, спроведува кога гејтот добие активирачка струја, и продолжува да спроведува сè додека напонот на колото е обратно поларизиран, или додека не се тргне (на некој друг начин). Триконтактните тиристори се дизајнирани да контролираат поголема струја од анодата до катодата, контролирајќи ја струјата со помала струја на третиот контакт, познат како „управувачка електрода“ или „гејт“. Спротивно, двоконтактниот тиристор е дизајниран да се вклучи ако потенцијалната разлика меѓу неговите контакти е доволно голема (пробоен напон).
Првите тиристори биле комерцијално воведени на пазарот во 1956 година. Бидејќи тиристорите можат да контролираат релативно високи вредности на снага и напон со мали компоненти, тие наоѓаат широка примена за контрола на електрична снага, во опсег од потенциометри за светло и контрола на брзина на електрични мотори до енергетски пренос со високонапонска еднонасочна струја. Тиристорите може да се користат во кола на прекинувачи на моќност, кола за замена на релеи, кола на инвертори, кола на осцилатори, кола на детектори на нивоа, кола на потенциометри на светло, евтини временски кола, логички кола, кола за контрола на брзината, кола за контрола на фазата итн. Во почетокот, тиристорите се базирале само на обратна струја за да се исклучат, што ја правело тешка нивната примена за еднонасочна струја. Поновите типови тиристори може да се вклучат или исклучат со контролен сигнал на управувачката електрода (гејтот). Тиристорот не е пропорционален уред како транзисторот. Со други зборови, тиристорот може само да биде вклучен или исклучен, додека транзисторот може да работи меѓу овие две состојби. Ова го прави тиристорот непогоден за аналоген засилувач, но корисен како прекинувач.