Сфера на влијание
From Wikipedia, the free encyclopedia
Сфера на влијание или зона на влијание во меѓународните односи е подрачје или регион во кој една организација или држава има одредена индиректна културна, економска, воена или политичка доминација.
Иако може да има формален сојуз или обврзувачки договори меѓу двете засегнати земји, таквите аранжмани не се неопходни и влијанието често може да биде пример за мека моќ. Исто така, постоењето на формален сојуз меѓу две земји не мора да значи дека една земја е во сферата на влијание на другата.
Во поекстремни случаи, земја во „сфера на влијание“ на друга може да стане подружница на таа држава и да биде сателитска држава или де факто колонија. Системот на сфери на влијание продолжува да се користи и денес при што моќни држави се мешаат во внатрешните работи на други земји. Овие концепти денес често се анализираат за влијанието на суперсилите, големите сили и/или средните сили.
Понекогаш, различни региони од една земја може да потпаднат во различни сфери на влијание Во 19 век, Иран кој бил тампон држава бил поделен меѓу сферите на влијание на Британија и Русија, а Тајланд бил поделен меѓу Британија и Франција. Слично на тоа, по Втората светска војна, Германија била поделена на четири окупациски зони, од кои три подоцна биле здружени и била создадена Западна Германија, а од четвртата зона била создадена Источна Германија, првата била членка на НАТО, а втората на Варшавскиот пакт.