Варшавски договор
From Wikipedia, the free encyclopedia
Варшавски договор, официјално наречен „Договор за пријателство, соработка и заемна помош“ (руски: Договор о дружбе, сотрудничестве и взаимной помощи), познат и како Варшавски пакт — воен сојуз на социјалистичките земји од Средна и Источна Европа во периодот од 14 мај 1955 до 1 јули 1991 година. Договорот служел како противтежа од тнр. „Источен блок“ на потенцијалната закана од НАТО-пактот (тнр. „Западен блок“). Договорот бил потпишан во Варшава на 14 мај 1955. Договорот бил сличен на НАТО-договорот во смисла дека постоел Политички консултативен комитет раководен од цивилен генерален секретар, а покрај тоа постоел и заеднички воен заповедник и Мешовит воен штаб.
Сите социјалистички земји на Средна и Источна Европа освен Социјалистичка Федеративна Република Југославија биле членки на Варшавскиот договор. Членките се обврзувале да се бранат меѓусебно во случај некои од нив да бидат нападнати. Договорот исто така обврзувал на немешање во меѓусебните внатрешни работи и меѓусебно почитување на националната независност и суверенитет. Оваа обврска подоцна де-факто ќе биде прекршена од Советскиот Сојуз (СССР) со интервенциите против демократските движења во Унгарија (1956) и во Чехословачка (1968). Во обата случаи СССР тврдел дека делувал на покана од засегнатите земји и затоа формално договорот не бил прекршен.
По 1989, новоформираните демократски влади на централно- и источноевропските земји повеќе не биле заинтересирани за учество во Варшавскиот договор. На рака им одело и опаѓањето на моќта на СССР. По обединувањето на Германија во 1990, и другите земји најавиле отстапување од Пактот, и тој формално бил раскинат во 1991.