Разловци
село во Општина Делчево From Wikipedia, the free encyclopedia
село во Општина Делчево From Wikipedia, the free encyclopedia
Разловци — село во Општина Делчево, во областа Пијанец, во околината на градот Делчево.
Разловци | |
Поглед на селото | |
Координати 41°50′40″N 22°46′6″E | |
Регион | Источен |
Општина | Делчево |
Област | Пијанец |
Население | 461 жит. (поп. 2021)[1] |
Пошт. бр. | 2325 |
Повик. бр. | 033 |
Шифра на КО | 09020 |
Надм. вис. | 690 м |
Разловци на општинската карта Атарот на Разловци во рамките на општината | |
Разловци на Ризницата |
Во 1876 година во него избувнало Разловечкото востание на македонскиот народ против османлиската власт. И покрај неуспехот на востанието, тоа имало големо значење за будењето на националната свест и за народноослободителната борба на македонскиот народ.
Селото се наоѓа во областа Пијанец, во крајниот југоисточен дел на територијата на Општина Делчево, непосредно од левата страна на реката Брегалница, чиј голем атар се допира со подрачјето на соседните Општина Берово и Општина Виница.[2] Селото е ридско, на надморска височина од 690 метри.[2]
Има голем атар, кој зафаќа простор од 60,2 км2. На него шумите заземаат површина од 2.944 хектари, на пасиштата отпаѓаат 1.160 хектари, а на обработливото земјиште 1.650 хектари.[2]
Селото се наоѓа во јужниот дел на областа Пијанец, при што претставува последното село на општината и на соодветната етногеографска област. Сместено е на левиот брег на реката Брегалница, источно од падините на Голак, а западно од Обозна Планина. Оддалечено е 19 километри јужно од Делчево и 26,5 километри северозападно од Пехчево.
Се претпоставува дека селото настанало пред повеќе од 250 години, кога неколку семејство коишто живееле во Пиринска Македонија, во областа Разлог, пребегале од таму и ја населиле денешната територија. Се мисли дека затоа и селото е наречено Разловци. Тие биле со борбен дух и не се согласувале со турската власт. Интересно е тоа што уште од самото настанување на селото, во него живеат само Македонци. Тие не дозволувале луѓе од други националности дури и да влезат во селото. Луѓето од околните места коишто биле гонети од турската власт, се криеле таму. Една поговорка вели „еден Турчин дојде во селото, и разловчани кренаа востание да го избркаат“.
Во селото се наоѓа црквата Свети цар Константин и царица Елена, која била изградена околу 1850 година. Селаните побарале од турската војска да си изградат црква која ќе биде во близина на селото, бидејќи постојната била на неколку километри оддалеченост. Тоа не им било одобрено и им рекле дека ако во селото имало стара црква, можат пак да ја изградат. И бидејќи стара црква немало, тие се досетиле и преку ноќ откопале камен од темелите на црквата надвор од селото и го закопале на местото каде денес се наоѓа црквата Свети цар Константин и царица Елена. Наредниот ден таму копале во присуство на турската војска и го „нашле“ каменот и рекле дека тоа е од старата црква. Им дале дозвола да си изградат црква. Целото село собирале пари за градба на новата црква, но бидејќи не им стигале пари, Цоне Спасев-Ингилизо го продал својот имот за да се изгради црквата. Во знак на благодарност негов портрет е насликан во црквата и подоцна селаните го славеле како светец
Во XIX век, Разловци било село во рамките на Малешевската каза на Отоманското Царство.
Некогаш во селото Разловци имало некој Турчин по име Алиман. Тој силувал жени и ги терал да го служат со сè што ќе посака. Тој отишол во црквата и се молел Господ да му ги прости гревовите. Но, на излегување го сретнал поп-Стојан и тој почнал да се смее. Поп-Стојан го прекинал неговото смеење и му рекол: „Алимане! до кога жените ќе ги измачуваш, а јас ќе крставам твои деца?“ Алиман со смеење одговорил: „Ќе престанам кога ќе крстиш мое дете од ќерка ти и внука ти.“ Поп-Стојан се изнервирал и го ранил во стомакот. Алиман ранет со тројца свои другари отишол во куќата на еден болен старец. Старецот го избркале надвор од куќата. Кога го дознала разловечката полиција тие ја запалиле куќата на старецот заедно со Алиман и неговите три другари, но еден од другарите останал жив и им рекол на разловечката полиција во 15:00 часот да отидат на почетокот на селото и да го бакнуваат лебот и рацете на командирот на турскиот аскер. Сето тоа се случило и затоа командирот ја прашал полицијата зошто го прават тоа и тие им раскажале дека другарот на Алиман им рекол да го сторат тоа, а во спротивно ќе им го запали селото. Командирот на тоа подговорил дека тоа не е вистина. Командирот рекол дека селото ќе го запалат само ако парите на Алиман ги нема, а ако се таму ќе ги остави на мира да живеат. Потоа командирот се уверил дека парите се таму и селаните ги оставил на мира да живеат. Турскиот аскер се побунил за стореното и го убиле командирот. Аскерот избрал нов командир и им рекле на селаните дека ќе дојдат да се борат. После неколку дена турскиот аскер пристигнале да го одмаздуваат убиството на Алиман. Така започнало Разловечкото востание.
Вкупно 7 жители на оваа населба се заведени како жртви во Втората светска војна.[3]
Селото, во основа, има мешовита земјоделска функција.[2]
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Разловци имало 784 жители.[4] По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Разловци имало 960 жители.[5]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 850 Македонци.[6]
Селото е големо, коешто во 1961 година имало 1.116 жители, а во 1994 година бројо се намалил на 906 жители, од кои 904 Македонци и двајца жители Срби.[2]
Според пописот од 2002 година, во селото Разловци живееле 826 жители, од кои 823 Македонци и 3 Срби.[7]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живеел 461 жител, од кои 391 Македонец, 2 Албанци и 68 лица без податоци.[8]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 784 | 960 | 1.113 | 1.344 | 1.116 | 1.143 | 1.061 | 899 | 906 | 826 | 461 |
Според истражувањата на Бранислав Русиќ во 1953 година, родови во селото:
Македонски
Селото влегува во рамките на Општина Делчево, една од малкуте општини кои не биле изменети со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Делчево.
Во периодот 1950-1952, селото било седиште на некогашната општина Разловци, во која единствено село било Разловци.
Во периодот 1952-1955, селото било во рамките на тогашната општина Тработивиште, во која покрај селото Разловци се наоѓале селата Вирче, Нов Истевник, Панчарево, Стар Истевник и Тработивиште.
Во периодот 1955-1996 година, селото се наоѓало во рамките на општината Делчево.
Во селото постои избирачко место бр. 0590 според Државната изборна комисија, кое е сместено во културниот дом.[15]
На локалните избори во 2017 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 655 гласачи.[16]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 597 гласачи.[17]
Дел од населението на Разловци се иселило во соседните градови и населени места по востанието. Денес, разловчани ги има во Австралија, Канада, САД и во неколку европски држави, меѓу кои и Италија.
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.