Пирозом
From Wikipedia, the free encyclopedia
Пирозомите (латински: Pyrosomida) се слободноживеачки плаштари кои обично живеат во горните слоеви од отворениот океан, во топлите мориња, иако некои можат да се најдат и во големи длабочини. Пирозомите се цилиндрични или конусни колонии составени од стотици или илјадници единки наречени зооиди. Големината на колониите се движи од помалку од еден сантиметар, до неколку метри во должина.
Пирозоми Pyrosoma | |
---|---|
Млада пирозомска колонија најдена на островот Атауро, Источен Тимор (должина околу 1 cm). | |
Научна класификација | |
Царство: | Животни |
Колено: | Хордови |
Потколено: | Плаштари |
Класа: | Thaliacea |
Ред: | Pyrosomida |
Семејство: | Pyrosomidae |
Род: | Pyrosoma |
Секој зооид е само неколку mm во должина, но е всаден во заедничка желатинозен плашт која ги поврзува сите единки. Секој зооид се отвора навнатре и нанадвор од цевката, повлекувајќи ја океанската вода во својата внатрешна филтрирачка мрежа, наречена жабрена кошничка. Тука се екстрахираат микроскопските растителни клетки со кои се храни организмот, и потоа се исфрла исфилтрираната вода во околната средина. Колонијата е нерамна однадвор, при што секоја испакнатинка претставува еден зооид. Однатре е речиси мазна, со перфорации за секој зооид.
Пирозомите се планктонски организми, што значи дека нивното движење е во најголем дел контролирано од океанските и морските струи и бранови. Но, секоја колонија може полека да се придвижува со процесот на млазна пропулзија, создадена со координираното треперење на трепките во жабрените кошнички на сите зооиди, кои исто така на овој начин поттикнуваат влез на хранливи честички.
Пирозомите се светло биолуминисцентни, при што емитираат бледа синозелена светлина која може да се забележи и од десетици метри. Името Pyrosoma доаѓа од грчките зборови пиро - "оган" и сома - "тело". Пирозомите се блиски роднини на салпите, а понекогаш се нарекуваат и "огнени салпи".