село во Општина Охрид From Wikipedia, the free encyclopedia
Пештани — село во Општина Охрид, во околината на градот Охрид.
Пештани | |
Глетка на Пештани | |
Координати 41°0′55″N 20°48′32″E | |
Регион | Југозападен |
Општина | Охрид |
Област | Охридско |
Население | 1.145 жит. (поп. 2021)[1] |
Пошт. бр. | 6000 |
Повик. бр. | 046 |
Шифра на КО | 19038 |
Надм. вис. | 966 м |
Пештани на општинската карта Атарот на Пештани во рамките на општината | |
Пештани на Ризницата |
Името на селото доаѓа од таму што во околината се наоѓаат многу пештери.[2]
Ова село се наоѓа во Охридско, во јужниот дел на територијата на Општина Охрид, покрај брегот на Охридското Езеро и на самиот пат Охрид-Свети Наум.[3] Селото е рамнинско, на надморска височина од 700 метри. Од градот Охрид, селото е оддалечено 15 километри.[3]
Селото претставува средишна населба во западниот дел на планината Галичица. Се наоѓа долж брегот на Охридското Езеро, а низ него поминува патот Охрид-Свети Наум.[2] Истото до крајот на Втората светска војна имало вистински селски амбиент. Куќите биле без ред и сместени во подножјето на стрмниот засек. Меѓутоа, по 1945 година, Пештани станало средиште за околните села. Денес, селото е долго 1 километар и поседува бројни современи куќи.[2]
Поради поседувањето на месна канцеларија, централно основно училиште, амбуланта, пошта, продавници, хотели и вили, за населбата може да се каже дека претставува мала паланка од туристички и рибарски тип. Покрај селото се наоѓаат камповите „Градиште“ и „Елешец“.[2]
Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Анѓелец, Горно Село, Попоа Нива, Ѓоноо, Добра, Марејнца, Скала, Градиште, Краста, Болетирен, Плоча, Поле, Глаишоо и Велена.[2]
Селото е сместено во подножјето на планината Галичица на источниот брег на Охридското Езеро, 12 километри јужно од градот Охрид.
Поширокото подрачје на селото е населено уште од бронзеното време, за што сведочи денес реконструираната наколна населба Залив на Коските со нејзиниот „Музеј на вода“.
Постои традиција дека селото некогаш се наоѓало во месноста Горно Село, која се наоѓа на североисточниот крај од селото. На ова место е наоѓалиштето Старо Село, каде се пронајдени остатоци од средновековни градби и предмети од секојдневниот живот.[4]
Возвишувањето Градиште или Богоројца се наоѓа 2 километри јужно од Пештани. Таму се наоѓаат камења од некогашната тврдина.[2]
Во XIX век, Пештани било село во Охридската каза на Отоманското Царство.
Б. Нушиќ во 1894 година за Пештани запишал дека во селото постоел еден чифлиг кој припаѓал на Мухамед-бег и во селото имало 80 куќи, од кои 60 христијански и 20 муслимански. Во него се наоѓале џамија и црква.[2] Муслиманите од селото по 1913 година се преселиле во градот Охрид.[2]
Селото нема голем атар и зафаќа простор од 6,2 км2. На него преовладуваат шумите на површина од 280 хектари, на обработливото земјиште отпаѓаат 207 хектари, а на пасиштата само 5 хектари.[3]
Денес, Пештани, нема некоја впечатлива земјоделска дејност, туку тоа прераснало во туристичка и рибарска населба.[3]
До Втората светска војна, мештаните се занимавале главно со рибарство, продажба на дрва во Охрид и одгледување кози. Меѓутоа, по војната настанале промени. Сѐ повеќе се зголемувало значењето на туризмот, а се намалувале другите дејности. Бил изграден хотелот „Десарет“, како и два кампа. Потоа, исто така, со развојот на индустријата во градот Охрид, многумина се вработиле и таму.[2]
Во денешно време, населението на Пештани е свртено кон развојот на туризмот и други сродни гранки. Добро се развиени услужните дејности: трговијата, угостителството и сообраќајот. Се градат нови приватни капацитети за сместување гости, како и приватни хотели.
Пештани располага со бројни сместувачки капацитети, меѓу кои најголем е хотелот „Десарет“.
Низ Пештани минува патот за манастирот Свети Наум, кој преку истоимениот граничен премин е поврзан со Албанија.
Пештани е поврзано со автобуска линија Охрид-Св. Наум, со чести поаѓања.
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Во книгата „Етнографија на вилаетите Адријанопол, Монастир и Салоника“ се вели дека во 1873 г. селото Пештани имало 90 домаќинства и 268 жители.[5]
Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Пештани живееле 610 жители, од кои 560 Македонци христијани и 50 Македонци-муслимани.[6] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Пештани имало 720 жители, под врховенството на Бугарската егзархија.[7]
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Пешчани е претставен како македонско село со мешана (муслиманска и православна) вероисповед во Охридската каза на Битолскиот санџак со 105 куќи.[8]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 750 Македонци.[9]
Поради својата разновидна функција, Пештани е голема населба, населена со македонско население. Така, во 1961 година селото имало 1.147 жители, а во 1994 година, бројот се зголемил на 1.346 жители.[3]
Според пописот од 2002 година, во селото Пештани живееле 1.326 жители, од кои 1.319 Македонци, 1 Србин и 6 останати.[10]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 1.145 жители, од кои 1.064 Македонци, 1 Влав, 2 Срби, 6 останати и 72 лица без податоци.[11]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 610 | 720 | 913 | 1.024 | 1.147 | 1.222 | 1.334 | 1.418 | 1.346 | 1.326 | 1.145 |
Селото Пештани отсекогаш во целост било населено само со Македонци од православна вероисповед. Родови во селото Пештани се:[2]
Во Пештани се подигнати и куќи на жители од Скопје, но и други места, чии куќи се и постојано населени.[2]
Селото влегува во рамките на Општина Охрид, која била проширена при новата територијална поделба на Македонија во 2004 година.
Во периодот од 1996 до 2004 година, селото било дел од некогашната Општина Охрид.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото било сместено во големата општина Охрид.
Во периодот од 1955 до 1965 година, селото било дел од тогашната општина Охрид.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Галичица, во која покрај селото Пештани, се наоѓале и селата Велгошти, Велестово, Елшани, Лескоец, Љубаништа, Коњско, Рамне, Скребатно, Трпејца и Шипокно. Во периодот 1950-1952, селото било седиште на некогашната општина Пештани, во која влегувале селата Елшани и Пештани.
Во селото постои избирачкото место бр. 1290 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на основното училиште во Пештани.[18]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 676 гласачи.[19]
Секоја година во Пештани се одржува меморијалниот турнир во мал фудбал „Стефан Толески“ во чест на прерано заминатиот фудбалер Стефан Толески. На турнирот учествуваат екипи од регионот. Турнирот започнува на крајот на јули, а завршува на 13 август, роденденот на Стефан Толески.
Од селото е забележано мало иселување на некои домаќинства кон градот Охрид.[2]
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.