From Wikipedia, the free encyclopedia
Палата Дузит (RTGS: Phra Ratcha Wang Dusit) претставува комплекс од кралски резиденции во Бангкок, Тајланд. Изграденa e на голема површина северно од островот Ратанакосин помеѓу 1897 и 1901 година од кралот Чулалонгкорн (Рама V). Палатата, првично била наречена Ванг Суан Дусит или „Палата на градината Дузит. Таа станалa основно (но, не и официјално) место за живеење на кралот на Тајланд, вклучувајќи го и кралот Чулалонгкорн (Рама Кинг В), крал Прајадипок (Рама VII), крал Бумибол Адуљадеј (Рама IX) и крал Ваџиралонгкорн (Рама X). Палатата зафаќа површина од над 64,749 м2 и е прошарана со градини и тревници со 13 различни кралски резиденции. Палатата Дусит се граничи со патот Рачвити на север, патот Шри Ајутаја на југ, патот Рачасима на запад и патот У-Тонг Наи на исток.
Од 1782 година и основањето на Бангкок како главен град на Кралството Сијам, монарсите од династијата Чакри престојувале во Големата палата покрај реката Чао Праја. Палатата станала централна точка на градот, како и седиште на кралската влада и дом на кралот и неговиот двор (неговите деца и неговото полигамно домаќинство). За време на владеењето на кралот Чулалонгкорн, Големата палата била трансформирана. Бил реконструиран и дограден главниот Среден двор (државни згради) и Внатрешниот двор (станбени згради) на палатата. Промените се направени за да ја модернизираат палатата, како и да го соберат населението кое се зголемувало. Како резултат на тоа, палатата, особено Внатрешниот двор, станала пренатрупана. Големата палата, исто така, станала задушливо жешка во текот на летните месеци, бидејќи протокот на воздухот бил блокиран од тесно групираните нови згради. Епидемиите можеле лесно да се шират во преполниот комплекс. Кралот, кој уживал во долгите прошетки за вежбање и задоволство, често се чувствувал лошо по долготрајниот престој во Големата палата. Затоа тој често патувал на село.[1]
Чулалонгкорн добил идеја да создаде кралска резиденција со пространи градини на периферијата на главниот град. Идејата ја добил од европските монарси за време на неговото патување во Европа во 1897 година. Кога се вратил во Бангкок, почнал да гради нов кралски комплекс во непосредна близина на Големата палата. Тој започнал со земање обработливо земјиште и овоштарници помеѓу каналите Падунг Крунг Касем и Самсен од фондовите на Приви Парс. Кралот ја нарекол оваа област Суан Дусит што значи „небесна градина“. Првата зграда во областа била еднокатна дрвена конструкција користена од кралот, неговите сопруги и неговите деца за повремен престој. Во 1890-тите, биле изготвени планови за постојан дел на резиденции и започнала изградбата под надзор на принцот Нариса Нувадтивонгс (братот на кралот) и Ц. Сандрецки (германски архитект, одговорен за палатата Боромфиман). Освен принцот, сите други членови на тимот биле Европејци. Кога станало јасно дека Чулалонгкорн претпочитал да остане во градината, со само повремени посети на Големата палата за државни и кралски церемонии, името било сменето во Ванг Дусит што значи „небесно живеалиште“.[1] Кралот, исто така, наредил да се изгради Ват Беншамабофит во близина за да служи како официјален храм на палатата.
Освен долгите прошетки, Чулалонгкорн се препуштал и на возењето со велосипед што било нешто ново и модерно. Дури и пред да се пресели во палатата Дусит, тој ја одвел својата придружба со велосипед од Големата палата до градината и назад. Велосипедските патувања често траеле и по цел ден. Патеката што ја поврзувала Големата палата со палатата Дусит на крајот станала авенијата Рачадамноен. Изградбата и на палатата Дусит и на авенијата Рачадамноен довеле до проширување на Бангкок надвор од неговите градски ѕидини и традиционалните граници на областа Ратанакосин. Палатата го проширила Бангкок на север, додека авенијата имала понатамошен раст. Авенијата се протегала од палатата, почнувајќи пред престолската сала Ананта Самахом и Кралскиот плоштад кон југ по мостовите Макаван Рангсант и Фанфах Лиелас, потоа на запад преку мостот Фанбипоб Лиела, а на југ повторно преку Санам Луанг до Големата палата.[1]
По враќањето на Чулалонгкорн од неговата втора европска турнеја во 1908 година, тој ја проширил палатата кон север, создавајќи дополнителна приватна градина. Ја наречекол Суан Сунанда во чест на неговата прва сопруга, кралицата Сунанда Кумариратана, која починала во 1800 година. Градината станала простор за живеалишта кои им припаѓале на сопруги и децата на кралот. Чулалонгкорн живеел во палатата до неговата смрт во станбената сала Амфорн Сатан на 23 октомври 1910 година поради бубрежна болест.
Наследникот на Чулалонгкорн, кралот Ваџиравуд, ја проширил палатата со изградбата во 1913 година на друга градина наречена Суан Читралада. Таа се наоѓала помеѓу палатата Дусит и палатата Фаја Тајланд. Во оваа градина тој изградил станбена вила и ја нарекол Phra Thamnak Chitralada Rahothan или Кралската вила Читралада. Подоцна, во 1925 година, за време на владеењето на кралот Прајадипок, оваа градина била соединета со кралската команда како дел од палатата Дусит. Во најголема мера, палатата зафаќала над 768,902 м2 земјиште. Во 1932 година апсолутната монархија била укината и дел од палатата Дусит бил префрлен на уставната влада. Као Дин Вана кој се наоѓа на исток од палатата, во 1938 година од страна на кралот Ананда Махидол ѝ бил даден на општина Бангкок за да создаде јавен парк, кој подоцна станал зоолошка градина Дусит. Кралската сала Ананта Самахом била наменета за состаноци на Националното собрание на Тајланд.
Кога кралот Бумибол Адуљадеј се вратил од студиите во Тајланд во 1952 година, тој ја реновирал кралската вила Читралада и ја претворил во своја главна резиденција. Во меѓувреме, кралот и неговото семејство, кое се зголемувало, останале во станбената сала Амфорн Сатан, која е дел од палатата Дусит. По реновирањето, кралот ја претворил кралската вила негова постојана резиденција. Областа на кралската вила и градина се нарекува „Палата Читралада“.[2]
Во 1970 година, Националното собрание на Тајланд побарало нова парцела за изградба на ново законодавно тело. Кралската сала на Ананта Самхом станала претесна и не била во можност да ги собере собранието и неговиот секретаријат. Кралот доделил парцела на теренот на палатата Дусит, северно од Салата на престолот за изградба на новиот парламентарен дом на Тајланд. Со завршувањето на оваа нова зграда, кралската сала на Ананта Самхом повторно му била вратена на кралот како дел од палатата.
Кралот Ваџиралонгкорн избрал да ја задржи својата резиденција во станбената сала Амфорн Сатан,[3] каде што веќе живеел пред смртта на неговиот татко Бумибол. Во 2019 година, Националното собрание на Тајланд се преселило во нови простории, наречени Сапаја-Сапасатан. Како резултат на тоа, старата зграда на парламентот му била вратена на кралот и била веднаш урната, а областа била споена со дел од палатата Дусит.
Во моментов неколку музеи и изложби се поставени во различни згради во областа на палатата Дусит, а само неколку од нив се отворени за јавноста.
Како и сите тајландски кралски палати од минатото, така и палатата Дусит е поделена на три дела: надворешни, средни и внатрешни дворови. За разлика од Големата палата, дворовите на дворецот Дусит биле организирани поинаку и биле одделени со канали и градини за разлика од ѕидовите.[1] Кралот им доделил различни станбени сали и градини на своите сопруги и деца. Градините се поврзани со порти со имиња извлечени од мотиви на сино-бели кинески порцелански садови, кои кралот сам ги избрал. Портите биле посебно именувани по човечки или животински мотиви, додека името на патеките биле земени од цветни мотиви.[1]
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.