Нефтида
From Wikipedia, the free encyclopedia
Нефтида или Нефтис припаѓа на Енеадата од Хелиополис. Таа била ќерка на Нут и Геб; сестра на Озирис, Сет и Изида; жена на Сет; мајка на Анубис.
Нејзини титули; Дама на Телото (од Боговите); Жителот во Сену; Дама на Небесата; Голема Божица - Дама на Животот.
Нефтида во древните храмски египетски теологии и космологии била позната како „Корисната Божица“ или „Извонредната божица“, бидејќи претставува божествена поддршка на бројни нивоа. Нефтида, исто така, била жестока, потенцијално опаснa божица, која е способна да ги спали непријателите на Фараонот со нејзиниот огнен здив. Таа, главно, била обожувана во Сену, Хебет (Бехбит), Пер-мерт, Ре-неферт, Хет-секем, Хет-Кас, Та-кехсет и Диосполит; додека нејзиното главно светилиште било во градот Хелиополис.
Нефтида „мајката што го одгледала“ богот Хор, исто така, била сметана за доилка на самиот Фараон. Овие заштитнички квалитети ја направиле божица со голема флексибилност, која не живеела постојано (како што погрешно се тврди) во сенка на нејзината сестра Изида. Уште повеќе, Нефтида е една од малкуте божици кои посебно се поврзани со светиот систрум, бидејќи таа навистина била заштитничка божица на седмата Нома (област) од Горниот Египет. Оваа нома и град Хут/Хет биле сметани како посебен „делокруг“ на Нефтида.