Мејоза
From Wikipedia, the free encyclopedia
Мејозата (од грч. meion - намалува) или редукциона делба е клеточна делба која се одвива само кај некои клетки, а се врши во текот на спорогенезата кај растенијата и гаметогенезата кај животните, при што овозможува создавање спори, односно гамети.
Како резултат на мејозата, во едно диплоидно клеточно јадро (2n) се создаваат четири хаплоидни (n), генетски различни јадра. Во случај да отсуствува мејозата, половите клетки (и спорите) би содржеле ист број хромозоми како и телесните. Со тоа, по неколку генерации многу би се зголемил бројот на хромозоми. Меѓутоа, ваква појава во природата нема бидејќи пред или при создавањето на половите клетки (или спорите), јадрото на одделни клетки во спорогеното ткиво на прашниците и плодникот (кај растенијата) и во половите жлезди (кај животните), наречени мејоцити, се дели со мејоза. Добиените јадра како јадра на гаметите или спорите имаат редуциран број хромозоми (n), од каде доаѓа и другото име на мејозата - редукциона делба.
Биолошкото значење на мејозата не е само во намалувањето (редуцирањето) на бројот на хромозомите на половина, туку и размена на генетичкиот материјал меѓу хромозомите на двата родители, што има за последица создавање нови единки со различни наследни својства.