Хромозом
From Wikipedia, the free encyclopedia
Хромозомите (од грчки chroma - боја) се основни носители на наследните својства кај живите организми. Нив ги има во 2 форми - спирализирана и деспирализирана, во зависност од тоа во кој степен од клеточната делба се набљудуваат. Кај бактериите и археите, хромозомите се состојат од едноставни кружни ДНК молекули кои се движат слободно во организмот (т.е. клетката), додека кај сите други форми на живот (еукариоти), хромозомите се наоѓаат во клеточното јадро. Исто така, кај еукариотите, формата на овие структури е линеарна, а не кружна.
Составни елементи на хромозомите се: хроматидите, хромонемите, хромомерите, центромерот (примарно стеснување), сателитот (секундарно стеснување), теломерите и матрицата. Кај телесните човечки клетки има 46 (диплоиден број) хромозоми, додека кај половите има 23 (хаплоиден број).
Вкупниот збир на хромозомите во една клетка, кој е карактеристичен за даден организам, се нарекува кариотип. Во телесните клетки на речиси сите растенија, животни, габи и останати организми постојат хромозомски парови - еден хромозом од мајката и еден од таткото. Ваквите хромозоми се нарекуваат хомологни, додека збирот од хомологните хромозоми го дава диплоидниот хромозомски број. Во кариотиповите на разделнополовите организми има еден или неколку парови на полови хромозоми, кои кај одделните полови се разликуваат по морфологијата. Останатите, неполови хромозоми, се нарекуваат автозоми. Кај цицачите, во половите хромозоми, се локализирани гени кои го определуваат полот на организмот, додека кај винската мушичка (Drosophila melanogaster), полот го определува соодносот помеѓу половите хромозоми и автозомите (балансна теорија за определување на полот).