![cover image](https://wikiwandv2-19431.kxcdn.com/_next/image?url=https://upload.wikimedia.org/wikipedia/commons/thumb/6/6f/Zonmar-mk.svg/langmk-640px-Zonmar-mk.svg.png&w=640&q=50)
Меѓународни води
води вон управната надлежност на поединечни држави / From Wikipedia, the free encyclopedia
Меѓународни води или отворено море — водна површина која се наоѓа вон управната надлежност на било која поединечна земја. Такви површини можат да бидат океаните, големи морски екосистеми, затворени или полузатворени регионални мориња и естуари, реки, езера, подземни води и моклишта.[1]
![Thumb image](http://upload.wikimedia.org/wikipedia/commons/thumb/6/6f/Zonmar-mk.svg/320px-Zonmar-mk.svg.png)
![Thumb image](http://upload.wikimedia.org/wikipedia/commons/thumb/c/c7/Exclusive_Economic_Zones.svg/640px-Exclusive_Economic_Zones.svg.png)
Бидејќи отвореното море не припаѓа на ниедна земја, тоа се нарекува и „слободно море“ (латински: mare liberum). На овие слободни пространства, државите имаат право на стопански риболов, пловидба, прелет, поставање на кабли и цевководи, како и да вршат научни истражувања.
Според Конвенцијата за отвореното море од 1958 г. (63 потписнички), под поимот „отворено море“ се подразбираат „сите делови од морето кои не се опфатени од територијалните и внатрешните води на државата“ и каде „ниедна држава нема право да ја наметнува својата сувереност на било кој дел од нив.“[2] Оваа спогодба е земена како појдовен документ при изготвувањето на Конвенцијата на ООН за морското право, потпишана во 1982 г., со која е уредено дека крајбрежните држави имаат право на исклучив стопански појас од 200 морски милји од појдовната линија, со суверено право врз сета вода во него, морското дно, како и природните ресурси во нив.[3]
Отвореното море зафаќа 50 % од површината на Земјата и сочинува две третини од океаните.[4]
Бродовите што пловат по отворено море се водат под надлежноста на државата на знамето (ако ја има);[5] но доколку пловилото се занимава кривични дејства (на пр. со пиратство),[6] било која земја има право да се справува со него, согласно начелото на сеопшта надлежност. Меѓународните води особено се разликуваат од внатрешните води, територијалните води и исклучивите стопански појаси.