Лара Крофт
From Wikipedia, the free encyclopedia
Лара Крофт — измислен лик и протагонистот на серијата игри „Tomb Raider“ (македонски: Ограбувачка на гробници) на „Square Enix“ (претходно „Eidos Interactive“). Претставена е како убава, паметна и атлетски градена жена, британски археолог и авантурист којшто се впушта во истражување опасни, антички гробници и рушевини низ целиот свет. Со нејзиното создавањето од Тоби Гард, за време на неговото работење кај британскиот производител „Core Design“, ликот првпат се појавува во видео-играта „Tomb Raider“ (македонски: Ограбувачка на гробници) од 1996. година. Се појавува и во продолженијата на играта, печатени адаптации, серија на кратки анимирани филмови, два долгометражни филма (каде е толкувана од Анџелина Џоли) и поврзани промоции. Официјалната промоција на ликот вклучува бренд на облека и додатоци, акциони фигури и портретирање од модели. Крофт, исто така, е лиценцирана во случај на промоција од трети лица, вклучувајќи и телевизиски и печатени реклами, настапувања поврзани со музиката и слично.
„Core Design“ го започнале првиот развој на ликот и серијата игри. Инспириран од поп-изведувачката Нене Чери и стрип-ликот Тенк Грл (англиски: Tank Girl), Гард ја дизајнирал Лара Крофт за да им се спротивстави на стереотипните женски ликови. Компанијата го има изменето ликот за последователните наслови, вклучувајќи и графички подобрувања и додатоци во гејмплејот. Американскиот производител на видео-игри „Crystal Dynamics“ ја презема играта откако продолжението од 2003. година, „Tomb Raider: The Angel of Darkness“ (македонски: Ограбувачка на гробници: Ангелот на темнината), се здобива со лоша критика. Новиот производител го „престартуваше“ ликот заедно со серијата видео-игри. „Crystal Dynamics“ се сосредночува на тоа да го направи ликот повистински. Компанијата ѝ го изменува физичкиот изглед, и додава различни начини на коишто Лара ќе може да влијае на опкружувањата во играта. Во видео-играта, гласот на Крофт ѝ го имаат позајмено четири глумици: Шили Блонд, Џудит Гибинс, Џонел Елиот и Кили Хејвс.
Критичарите ја сметаат Лара Крофт како значаен лик од видео-игра за културата. Лара држи два рекорда во „Гинисовата книга на рекорди“, проследена е од верни обожаватели, и е еден од првите ликови од видео-игрите којшто е успешно толкуван и приспособен во филм. Иако престартуваните, понови игри имаат воглавно добра критика, нејзиното ново дизајнирање доби измешани реакции. Лара Крофт, исто се смета и за секс-симбол, и тоа еден од најпрвите ликови во индустријата којшто испеа да се стекне со пошироко внимание.