From Wikipedia, the free encyclopedia
Лактобацили (науч. Lactobacillus) — род на грампозитивни, факултативно анаеробни или микроаерофилни бактерии со стапчест облик кои не формираат ендоспори.[1] Тие сочинуваат голем дел од бактериите на млечно-киселинското вриење (т.е. ги разградуваат шеќерите до ниво на млечна киселина). Кај луѓето, тие се значајна компонента од микрофлората на дигестивниот, уринарниот и гениталниот систем. Кај жените од европско потекло, Lactobacillus видовите нормално се среќаваат како значајна компонента на вагиналната микрофлора.[2][3][4] Lactobacillus бактериите формираат биофилмови во цревната и вагиналната микрофлора, каде одржуваат големи популации.[5] Тие имаат мутуалистички однос со човековиот организам бидејќи го заштитуваат домаќинот од потенцијално патогени инвазии, а за возврат, домаќинот им обезбедува хранливи материи.[6] Lactobacillus е најчестиот пробиотик во храната (на пр. јогуртот) и има различни апликации во медицината, како што се лекувањето на дијареа, третманот на вагиналните инфекции и некои кожни заболувања како екземата.[7]
Лактобацили | |
---|---|
Lactobacillus бактерии во близина на епителијална клетка | |
Научна класификација | |
Домен: | Bacteria |
Колено: | Firmicutes |
Класа: | Bacilli |
Ред: | Lactobacillales |
Семејство: | Lactobacillaceae |
Род: | Lactobacillus Beijerinck 1901 |
Повеќето лактобацили имаат хомоферментативен метаболизам (продуцираат само млечна киселина од шеќери), додека некои видови имаат хетероферментативен метаболизам (продуцираат или алкохол или млечна киселина од шеќерите).[8] Тие се аеротолерантни и покрај целосното отсуство на респираторна верига.[9][10] Аеротолеранцијата е зависна од манган и е истражена (и објаснета) кај видот Lactobacillus plantarum.[9] На многу видови од овој род не им е потребно железото за раст и имаат исклучително висока толеранција на водород пероксид.
Геномите на лактобацилите се многу варијабилни, а се движат во големина од 1.2 до 3.3 Mb (мегабази). Соодветно на тоа, бројот на гените кои кодираат за белковини се движи од 1100 до околу 3200.[11]
Lactobacillus видовите имаат многу микросателити во кодирачкиот регион на геномот, кои се несовршени и имаат варијантни мотиви.[12]
Родот Lactobacillus моментално содржи преку 180 видови.[13] Родот е полифилетичен, со тоа што родот Pediococcus ја дели групата L. casei, и видовите L. acidophilus, L. salivarius и L. reuteri се претставници на три различни подкладови. Родот Paralactobacillus спаѓа во групата на L. salivarius. Во скорешно време други членови на родот Lactobacillus (порано познати како гранката Leuconostoc на Lactobacillus) се прекласифицирани во родовите Atopobium, Carnobacterium, Weissella, Oenococcus, и Leuconostoc. Неодамна, видот Pediococcus dextrinicus беше прекласифициран во родот Lactobacillus.[14] Врз основа на метаболизмот, Lactobacillus видовите можат да се поделат во три групи:
Женскиот генитален тракт е орган со богата микрофлора и постои голем интерес за врската помеѓу бактерискиот состав на оваа микрофлора и здравствената состојба на гениталниот тракт. Кај 70% од сите жени, Lactobacillus видовите се доминантни во вагиналната микрофлора, иако утврдено е дека постојат варијации помеѓу жените од европско потекло и жените од африканско потекло, со тоа што се покажало дека втората група има поголем диверзитет на микрофлората.
Видовите на Lactobacillus создаваат водород пероксид кој го инхибира растот и вирулентноста на габичниот патоген Candida albicans.[15][16] Ин витро студиите покажале дека Lactobacillus sp. ја редуцира патогеноста на C. albicans со производство на органски киселини и одредени метаболити.[17] Присуството на овие метаболити, како што е натриум бутиратот, и намалувањето на pH вредноста од страна на органските киселини го инхибира растот на хифите на C. albicans, со што се намалува нејзината патогеност. Lactobacillus, исто така, ја намалува патогеноста на C. albicans со инхибиција на создавањето на нејзини биофилмови. Од друга страна, по антибиотска терапија, одредени видови на кандида можат да ја потиснат регенерацијата на Lactobacillus микрофлората во гастроинтестиналниот тракт, која била делумно уништена поради дејството на антибиотикот.
Покрај со C. albicans, Lactobacillus видовите стапуваат во интеракција и со други патогени. На пример, Lactobacillus reuteri може да го инхибира растот на различни бактериски видови така што од глицерол ја синтетизира антимикробната супстанца наречена ројтерин.[18] Друг пример е Lactobacillus salivarius, кој стапува во интеракција со многу патогени преку создавање на бактерицидниот пептид salivaricin B.[19]
Lactobacillus видовите во комбинација со други пробиотици се користат во третман на colon irritabile, иако степенот на ефикасност сè уште е неизвесен.[20] Пробиотиците помагаат во лекувањето на colon irritabile со тоа што ја враќаат хомеостазата кога цревната микрофлора има невообичаено високо ниво на опортунистички бактерии. Освен тоа, Lactobacillus видовите можат да се користат како пробиотици во случаи на инфекција со Helicobacter pylori.[21] Исто така, Lactobacillus се користат во контролата на урогенитални и вагинални инфекции, како што е вагиналната бактериоза. Тие продуцираат пептидни соединенија наречени бактериоцини кои го сузбиваат растот на одредени патогени бактерии,[22] а исто така продуцираат млечна киселина и H2O2 (водороден пероксид). Млечната киселина ја одржува pH вредноста на вагината околу 4.5 или помалку, ограничувајќи го на тој начин растот на другите бактерии, а H2O2 ја возобновува нормалната бактериска флора и нормалната вагинална pH. Кај децата, L. rhamnosus е одговорна за намалување на појавата на атопичен дерматит, поради антивоспалителните цитокини кои ги излачува оваа пробиотска бактерија.
Некои видови на Lactobacillus се одговорни за појавата на кариес. Млечната киселина која е продукт на метаболизмот на овие бактерии делува нагризувачки на забната глеѓ. Меѓутоа, истражувањата во областа на вистинскиот однос помеѓу лактобацилите и оралното здравје се уште се во почетна фаза на развој, со досега само неколку објавени студии.[23][24] Некои студии покажуваат дека одредени видови на лактобацили можеби се корисни за оралното здравје, па дури и помагаат во спречување на појавата на кариес.[25] Постојат и докази дека одредени лактобацили помагаат во спречување на појавата на гингивит и пародонтит.
Lactobacillus видовите се користат како стартер култури во индустријата за производство на јогурт, сирења, кисела зелка, кисели краставички, пиво, јаболково вино, кефир, кимчи и други видови на ферментирана храна, како и сточна храна.
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.