Колдвелов каталог
From Wikipedia, the free encyclopedia
Колдвелов каталог (анг. Caldwell Catalogue) — астрономски каталог на 109 сјајни ѕвездени јата, маглини и галаксии за набљудување во аматерската астрономија. Списокот го составил англискиот астроном Патрик-Колдвел Мур, попознат какоа Патрик Мур, кој го предвидел како дополнение на Месјеовиот каталог.
Месјеовиот каталог честопати се користи во аматерската астрономија како попис на интересни длабоконебесни тела за набљудување, но Мур забележал дека во каталогот остсуствуваат голем број мошне сјајни длабоконебесни тела како Хијадите, Двојното Јато (NGC 869 и NGC 884) и NGC 253. Покрај ова, Месје можел да ги заведе само објектите видливи од северната полутопка, па затоа во каталогот воопшто не се застапени сјајните објекти од јужната небесна полутопка како Омега Кентаур(и), Кентаур A, NGC 4755 и 47 Тукан.[1][2] Затоа Мур веднаш составил список од 109 објекти (ист број на објекти како во Месјеовиот каталог) и го објавил во списанието Sky & Telescope во декември 1995.[3]
Од неговото објавување до денес, овој каталог ужива голема популарност кај аматерите. Малите грешки при составувањето се подоцна исправени во подновено издание. Во необичен потег, Мур решил да го именува каталогот по неговото второ презиме, па затоа означувањето ја содржи буквата „C“ пред бројката.[4]
Според гореневеденото, списокот е составен од објекти кои биле веќе откриени од професионалци, а често им служат на аматерите. за разлика од објектите во Месјеовиот каталог, кои се наведени по редослед на откривање, Колдвеловиот каталог е подреден по деклинација - C1 е најсеверно, а C109 е најјужно (со исклучок на NGC 4244 и Хијадите, кои не го следат редоследот).[1] Првичната верзија на каталогот неисправно го смета јатото S Рамнило (NGC 6087) за објект NGC 6067, а јатото Ламбда Кентаур(и) (IC 2944) е погрешно именувано „Гама Кентаур(и)“.[1]
Се смета дека аматерот треба да почне да ги набљудува објектите од Месјеовиот каталог, да продолжи со Колдвеловиот, а потоа Хершеловиот (Herschel 400). Вака љубителот ќе види вкупно 600 објекти. Вкупниот број на објекти во овие каталози заедно впрочем изнесува 618, но некои од нив се повторуваат.