Коаксијален кабел
From Wikipedia, the free encyclopedia
Коаксијален кабел или соосен кабел — кабел што се состои од заштитна надворешна обвивка направена од изолатор под кој е поставена метална мрежа обвиена околу изолирани проводни жици. Сите овие делови се наоѓаат на истата заедничка оска од каде и потекнува името на овој вид кабел. Коаксијалниот кабел е откриен од страна на англискиот инжиниер и математичар Оливер Хевајсајд, патентирајќи го дизајнот за првпат во 1880 година.
Коаксијалниот кабел се употребува за пренесување на телефонски, телеграфски, телевизиски, а во поново време и пренос на интернет сигнали со висока честота, под земја, над земја или под море, за пренос на податоци во компјутерски системи. Една од предностите на коаксијалниот кабел во однос на останатите радио преносни кабли е во тоа што електромагнетното поле коешто се создава во самиот кабел се грижи сигналот да е активен само во просторот помеѓу внатрешните и надворешните спроводници. Оваа предност овозможува инсталација на коаксијален кабел во близина на метални објекти обезбедувајќи заштита на сигналот од надворешни електромагнетни интерференци (пречки).
Коаксијалниот кабел се разликува од другите заштитни (изолирани) кабли коишто се користат за пренос на понискочестотни сигнали како што се аудио сигналите, во тоа што опсегот на кабелот е контролиран да обезбеди прецизно константно т.н спроводливо растојание, коешто е потребно за да фукнкционира ефикасно како што се радиочестотните трансмисиони(преносни) кабли.