Источни Инди
регион во Азија / From Wikipedia, the free encyclopedia
Источни Инди или само Инди — постар назив за земјите во Јужна и Југоисточна Азија.[1] Во потесна смисла, под поимот се подразбираат островите во Југоисточна Азија, особено Малајскиот Архипелаг.[1][2] Поимот „Инди“ потекнува од реката Инд и се однесува на деловите од Азија со индиското културно влијание (освен Виетнам и Сингапур кои се во кинеската културна сфера).
За време тривековната власт, холандските колонии се нарекувале Холандски Источни Инди, и тоа останало сè до осамостојувањето на Индонезија, додека пак шпанските колонии биле Шпански Источни Инди пред британското освојување и подоцнежната независност на Филипините. Во подрачјето може да се вбројат и поранешна француска Индокина, британските територии Брунеј и Сингапур и некогашниот португалски Источен Тимор. Тука не спаѓа Холандска Нова Гвинеја (Западна Нова Гвинеја, т.е. Западна Папуа), која географски ѝ припаѓа на Меланезија.
Жителите на Источните Инди речиси никогаш не се нарекувале Источни Индијци, за разлика од жителите на Карибите (кои се нарекуваат Западни Инди) и американските староседелци, кои се нарекуваат „Индијанци“. Населението е мошне бројно и разновидно, па затоа се користел поимот „домородно население“. Најзастапени вери се будизмот, исламот, христијанството и хиндуизмот, а во некои подрачја значајни се сикизмот, џаинисмот, кинеската народна вера и други верувања и обичаи. Поважните јазици припаѓаат на различни семејства, но не треба да се мешаат со индските јазици, кои се само една група индоирански јазици од Јужна Азија.
Во минатото Источните Инди се делеле на два дела (од европско гледиште): Поблиска и Подалечна Индија. Првиот поим ја опфаќал Британска Индија, а вториот се однесувал на Југоисточна Азија.
Регионите во Источните Инди понекогаш се нарекуваат по колонијалните царства на кои им припаѓале, па затоа имаме Британски Источни Инди (Малезија), Холандски Источни Инди (Индонезија) и Шпански Источни Инди (Филипините).
Историски, владетелот на Абисинија (денешна Етиопија) се нарекувал „Презвитер Јован на Индите“, бидејќи тој дел од светот се сметал за една од „Трите Инди“.