Играчка
From Wikipedia, the free encyclopedia
Играчки[1][2] — сите средства што децата ги користат во игра. Овој поим обично се поврзува со деца или домашни миленици, иако и возрасните и животните во природата понекогаш користат играчки. Тие можат да бидат направени од дрво, пластика, метал и други материјали. Покрај фабричките играчки, во игра често се користат и предмети со друга основна намена. Играчките се важни за развојот на децата, бидејќи преку игра тие ги развиваат моторните вештини, координацијата и учат и стекнуваат различни вештини и знаења.
Играчката е материјален елемент за игра што со своите својства значително влијае на нејзиниот тек и содржина. Играчката е неопходен придружник на играта, дури и кога всушност не е присутна во неа, бидејќи постои во памтењето, имагинација и претставите на детето. Многу игри се изведуваат со помош на материјали кои не се специјално направени за оваа намена. Еден од најомилените прибори за игра е кујнскиот прибор, потоа некои апарати или нивни делови, стари лименки... Играчките, во потесна смисла на зборот, се предмети што се произведени занаетчисски или индустриски за да се користат за игра. Играчката има воспитно-образовна вредност доколку задоволува една од автентичните потреби на детето и му овозможува со своите особини, активности кои придонесуваат за негов развој и учење. Играчките се користеле уште од праисторијата. Тоа го потврдуваат разни предмети пронајдени при археолошките ископувања.