Заднептунец
објект во Сончевиот Систем кој кружи околу Сонцето на просечно растојание поголемо од она на Нептун / From Wikipedia, the free encyclopedia
Заднептунец (заднептунско тело, ЗНТ) или транснептунски објект — секој планетоид во Сончевиот Систем кој кружи околу Сонцето на просечно растојание (голема полуоска) поголемо од она на Нептун, т.е. 30 астрономски единици (ае). Познати се дванаесет планетоиди[1] со големи полуоски од над 150 ае и перихел поголем од 30 ае, и се нарекуваат крајни заднептунци.[2]
Првиот познат заднептунец е Плутон, откриен во 1930 г. Следниот ваков објект, 15760 Албион е откриен дури во 1992 г. Во февруари 2017 г. биле познати преку 2.300 заднептунци.[3][4] Од нив, 2.000 имаат перихел подалечен од Нептун (30,1 ае).[5] Во ноември 2016 г. 242 од нив имале доволно познати орбити за да добијат трајни ознаки.[3][6]
Најмасивниот познат заднептунец е Ерида, а по неа следат Плутон, 2007 OR10, Макемаке и Хаумеја. Просторот во кој лежат заднептунците се дели на три дела: Кајперовиот Појас, Расеаниот Диск и Ортовиот Облак,[7] иако сметањето може да се разликува, и постојат објекти како Седна чија припадност не е недвосмислена.