From Wikipedia, the free encyclopedia
Животни (науч. Animalia) — многуклеточни хетеротрофни организми, од кои поголем дел минуваат одредени растојанија во потрага по храна, а друг, помал дел, има седентарен начин на живот. Науката што ги проучува животните се нарекува зоологија. Порано, во животинското царство било вклучени и праживотните и некои други претставници, но со денешните поделби на живиот свет, тие се во посебно царство - протисти.
Животни Период: едикариум – денес | |
---|---|
Научна класификација | |
Домен: | Еукариоти |
(нерангирано) | Заднокамшични |
(нерангирано) | Целовити |
(нерангирано) | Кончести животни |
Царство: | Животни Linnaeus, 1758 |
Колено | |
|
Од еколошки аспект, животните претставуваат потрошувачи (консуматори) во рамките на екосистемот. Може да се исхрануваат со растителна (тревојади), животинска (месојади) или мешана храна (сештојади). Исто така, одредени безрбетници и ’рбетници се исхрануваат со мртва органска материја (сапрофаги) и со тоа придонесуваат за побрзо разградување на органската материја, правејќи ја полесно достапна за редуцентите - бактериите. Со својата хетеротрофност, животните всушност вршат природна контрола врз бројноста на популациите од живи организми во природата.
Животинската клетка, како и растителната, е изградена од универзалните органели: клеточна мембрана, цитоплазма, јадро, рибозоми, митохондрии, ендоплазматичен ретикулум и други. Меѓутоа, за разлика од растителната клетка, животинската не е толку компактна поради отсуството на клеточен ѕид. Исто така, во животинската клетка не се сретнати вакуоли, сферозоми и пластиди.
Кај животните се разликуваат четири основни видови на ткива: епително, сврзно, мускулно и нервно. Покрај овие ткива, некои клеточни наслаги во телото на животното се одликуваат со посебен изглед и имаат специјални улоги. Тие, според своите морфолошки белези, не би можеле да се наречат ткива, но, сепак, се ткива. Тоа се половите производи, крвта и лимфата. Половите производи од половите жлезди стојат во тесна врска со епителот (герминативен епител), а крвта и лимфата како телесни сокови со неповрзани клеточни елементи, обично се доведуваат во врска со сврзното ткиво (иако можат да бидат толкувани и како посебни творби).
Органските системи се доста добро развиени кај животните. Всушност, секој орган во животинскиот организам не функционира самостојно, туку секогаш е во некаква врска со други, слични по форма или функција органи. Се среќаваат неколку органски системи:
Најмалата група од многу слични организми се вика вид. Слични видови на животни, како на пример: домашната мачка, дивата мачка, лавот, тигарот се групираат во поголема група - род мачки. Домашното куче (Шарпланинец, леси, пудлица, далматинец и др.), лисицата и волкот и баџето го градат родот кучиња. Покрај разликите меѓу овие два рода - мачки и кучиња, животните имаат и сличности. Еве некои од нив:
- Се исхрануваат со месо, имаат добро развиени кучешки заби и канџи на прстите.
- Имаат добро развиени сетила за: мирис, вкус, слух и вид.
- Тие се брзи и снаодливи животни.
Родот мачки и родот кучиња чинат поголема сродна група - фамилија ѕверови. Повеќе фамилии како на пример: фам. ѕверови, фам.папкари, фам.копитари и други спаѓаат во редот плацентни цицачи. Редовите плацентни и безплацентни цицачи ја даваат класата цицачи.
Фосилните остатоци на изумрените животни потекнуваат во период од пред околу 570 милиони години, па сè до денес. Со проучување на различните групи фосили се дошло до сознание дека повеќе од основните групи на животни се појавиле уште од најстарите периоди на создавањето на животот на Земјата. Се претпоставува дека првите животни се појавиле во древните океани, можеби, пред 700 милиони до една милијарда години. Како резултат на прилагодувањето на условите кои владееле во тоа време, а сè со цел што подобро да опстојат, кај првобитните животни се појавувале различни видови на измени, така почнувале да настануваат различни видови животни. Оние животни кои немало да се прилагодат постепено изумирале.
Фосилните остатоци ни даваат само делумен приказ на животните кои ја населувале нашата планета. Тие, исто така, ни го покажуваат начинот на живеење на живите суштества и животната средина во која живееле фосилните видови животни. Но, се забележува дека најстарите фосилни остатоци не ни кажуваат ништо за потеклото на животинското царство, за градбата на првите животни, или за едноставните предци од кои различни групи животни се создавале. Имајќи ги предвид сите фосилни остатоци, за животните може да се заклучи дека има фосили кои ги поврзуваат редовите и фамилиите. За разлика од тоа, има малку, или речиси и нема, фосилни облици кои поврзуваат различни класи, а нема ниеден облик кој ги поврзува типовите. За таквите непознати облици на животни во врска со потеклото на одредени групи животни се вели дека се “алки што недостасуваат”.
Животните се подвижни, повеќеклеточни, хетеротрофни организми. Повеќеклеточната градба мора да произлегла од едноклеточната, па така предци на животните мора да била некоја група едноклеточни, хетеротрофни организми слични на денешните праживотни. Повеќеклеточните животни се развиле од едноклеточните животни како резултат на промените на условите во средината и промените кои се јавувале кај тогашните организми.
I. Од праживотното кое во својата цитоплазма имало многу јадра со внатрешна поделба на цитоплазмата може да се образуваат толку клетки колку што имало јадра. На тој начин, од прастарите едноклеточни организми со повеќе јадра се создале повеќеклеточни организми. Меѓу живите праживотни покриените со голем број трепки, обично, имаат повеќе од едно јадро. Тоа наведува на помислата дека тие би можеле да бидат предците од кои се развиле сплесканите црви. Според тоа, сплесканите црви биле првите повеќеклеточни праживотни. Но, сепак, не е толку едноставен ваквиот развоен пат на сплесканите црви.
II. Второто можно потекло на повеќеклеточната градба на животните би можело да биде со поделба на клетките во колонијата. Овој предлог денес е многу пошироко прифатен. Овие праживотни би морало да бидат колонијални видови, со камшичиња. Во почетокот, секоја клетка од колонијата била слична и ги изведувала сите функции, како размножување, движење, хранење и др. Со поделбата на работата, клетките станале специјализирани за различни функции. Барањето на групи праживотни кои имаат колонијални облици од кои би можело да потекнува повеќеклеточната градба на животните, често водело до волвоксот.
Сличностите и разликите во градбата на органите и органските системи кај животните се најлесни за одредување и затоа тие широко се користат како докази за поврзувањето на животните. При проценувањето на сличностите, најмногу се бараат делови на телото кои се со исто потекло и функција. Меѓутоа, многу од сличностите не се резултат на истиот предок, туку се резултат на подоцнежниот развој на животните, односно приспобувањето кон условите на надворешната средина.
Со проучување на начините на размножување на животните и развојот на новите млади единки во текот на ембрионалниот стадиум и стадиумот на ларва можат да се добијат важни докази за заедничкиот предок. Во почетокот на развојот ембрионите на цицачите во многу нешта се слични со оние на рибите. Ваквата градба се задржува и кај возрасните риби, но како се одвива развојот на ембрионот на цицачите истиот сè повеќе ги добива особините на цицачи. Присуството на овие докази во раниот развој на цицачите укажува на заеднички предок на цицачите и рибите.
Основна одлика на животните со двострана симетрија е присуство или отсуство на простор меѓу цревата и ѕидот на телото, наречен телесна празнина. Сплесканите црви, на пример, немаат телесна празнина Најголемата група, во која спаѓаат сите посложено градени животни, како што се прстенестите црви, мекотелите, иглокожите и ’рбетниците, имаат вистинска телесна празнина.
Првите праживотни, веројатно, имале една оска на симетрија, односно биле зрачно симетрични. Два типа животни, сунѓери и копривкари, имаат зрачна симетрија. Сите други типови животни имаат двострана симетрија. Исклучок се иглокожите кај кои ембрионалниот развој јасно покажува дека овие животни потекнуваат од предци со двострана симетрија на телото.
Според сите добиени сознанија, од сите горенаведени извори, како најприфатлив и најцелосен, денес се применува системот кој е наречен систем на двојно именување. Тој е предложен од шведскиот природонаучник Карл Лине. Лине ги поврзувал организмите со слична градба во една иста група, која ја нарекол вид. Сличните видови, ги групирал во поголема група наречена род, а сличните родови во фамилија. Сличните фамилии ги групирал во ред, а сличните редови во класа. Сличните класи Лине ги групирал во тип. На крајот типовите ги групирал во пет царства. На овој начин многу се олеснило групирањето на живите организми. Наместо да се наведуваат сите седум категории при именувањето, Лине предложил да се користи само името на видот и на родот. Така, човекот е групиран во родот хомо, а видот е сапиенс. Или родот е куче, а видот шарпланинец, родот е мачка, а видот домашна. Токму поради користењето на ваквиот систем на две имиња овој систем за групирање на живите организми е наречен двојно именување.
Денес се познати 32 типа животни. Некои од ним им биле познати на луѓето уште пред тие да ги добијат своите имиња. Други типови, станале познати по пронаоѓањето на првите микроскопи.
Повеќето животни имаат одредени заеднички одлики, како: подвижност, создавање глава, стомачна празнина и слична основна градба на ткивата. Но, животните се разликуваат според симетријата и внатрешната градба, како и според ембрионалниот развој. Овие сличности и разлики имаат свое значење во поврзувањето на животинските типови.
Животните се приспособиле да се движат со посебни органи и на посебен начин во сите животни средини: во водата на копното и во воздухот. Органи за движење кај животните се: нозе, крила, перки и друго. Движењата се должат на коските и на мускулите. Коските им даваат цврстина и потпора на телото. За нив се прицврстени мускулите, како меки и еластични делови. Тие имаат особина да се стегаат и отпуштаат, со што ги движат коските и целото тело. Коските на нозете кај животните се поврзани со зглобови - подвижно. Мускулите за својата работа трошат енергија која ја добиваат со согорување на органските материи во клетките. Во водната средина живеат и се движат претставници од најпростите едноклеточни животни до најсложените ’рбетници - цицачите.
Жабата како и другите копнени ’рбетници освен птиците, имаат два пара крајници (предни и задни нозе). Задните нозе имаат поактивна улога во движењето, па затоа тие се подобро развиени. Нозете на ’рбетниците се изградени од долги и кратки коски, зглобно кои се подвижно поврзани. Коските се покриени со мускули кои имаат особина да се стегаат и отпуштаат, со што ги движат нозете.
Градната коска (кобилицата) е добро развиена. На неа се поврзани градните мускули што ги движат крилата. Коските на птиците летачи се пневматични (шупливи), исполнети со воздух. На копно птиците се движат со задните нозе. Бројот на прстите на нозете е различен зависно од начинот на живеење. Најчесто имаат 3 до 4 прсти, но африканскиот ној има два прста, добро развиени кои наликуваат на стапало.
Крајниците на цицачите се развиени во зависност од условите за живот и начинот на движење. Како на пример: зверовитe се брзи животни, тие имаат силни и јаки нозе со кои побрзо доаѓаат до пленот. На предните нозе имаат четири прсти со канџи, и задни подолги и посилни нозе со пет прсти и каџи на нив. Копитарите пак имаат долги нозе, најчесто со еден прст препокриени со рожна материја - копито.
Исхрана е внесување на храна неопходна за живот. Животните со храната внесуваат готови органски материи: шеќери, белковини, масти, масла и витамини и неоргански материи: вода и минерални соли. Растенијата сами си создаваат храна па затоа се наречени произведувачи, а животните кои користат готова органска храна и се наречени потрошувачи. Според начинот на исхраната и според видот на храната што ја земаат животните се групирани во три групи: тревојади, месојади и сештојади.
и заби за полесно ловење на пленот. Во оваа група спаѓаат: лавот, тигарот, куната, волкот, лисицата и други.
Животните храната ја внесуваат во телото на повеќе начини. Некои ја внесуваат жвакана, а некои ја голтаат. Внесената храна во организмот (органот) претрпува две битни промени и тоа: механичка или дробење (ситнење) на храната и хемиско варење или разложување на храната од посложени органски материи до попрости, под дејство на сокови - ензими.
Разликуваме два вида на варење на храната: клеточно и вонклеточно.
Клеточно варење. Клеточното варење го среќаваме кај едноклеточните организми и просто градените повеќеклеточни организми. Амебата при движењето испушта клеточни продолжетоци наречени лажни ножиња, со нив ја внесува храната (хранливите честички) во цитоплазмата. Околу хранливата честичка во цитоплазмата се создава хранителна вакуола во која храната се вари - разложува под дејство на ензими(сокови за варење). Излачувањето на несварените или непотребните материи кај амебите се врши преку меурести творби - контрактилни (пулсативни) вакуоли.
Парамециумот при движење весла со трепките. Со подолгите трепки, кои се наоѓаат на вдлабнатата страна, ја прифаќа храната. Како храна ги користи бактериите, едноклеточните организми и органските честички. Храната ја внесува преку клеточната уста во клеточното ждрело. Потоа околу храната се создава хранителна вакуола во која се вари храната. Несварените материи се исфрлаат преку контрактилна (пулсативна) вакуола. Контрактилната вакуола е меурче со додатни странични каналчиња кои се полнат и празнат и на тој начин ги исфрлаат непотребните материи и водата. Кај мешестите организми храната која доаѓа низ усниот отвор се вари во мешето. Храната се лови со пипалата, а со копривните клетки се умртвува пленот.
Во мешето храната се ситни и разложува под дејство на ензимите. Потоа хранливите честички се прифаќаат од клетките на ендодермот, се внесуваат во цитоплазмата каде продолжува варењето. Значи кај мешестите организми има комбинирано варење: вонклеточно во мешето и клеточно во клетките.
Кај поголемиот дел црви (дождовниот) системот за варење е цевчест и се состои од уста, голтка, желудник и црево со заден анален отвор. Храната се вари во желудникот и цревото. Дождовниот црв како храна ги користи изгниените листови од растенијата.
Членконогите (инсекти и ракови) имаат најсложен систем за варење. Во зависност од видот на храната усниот апарат може да биде: за боцкање - кај комарците, за грицкање - кај лебарките, за лижење и цицање - кај пеперугите и пчелите. Системот за варење е цевчест, сличен како кај дождовниот црв. Се состои од уста, голтка и жлездест желудник во кој се натопува храна со сокови богати со ензими. Потоа храната преминува во мускулестиот желудник во кој се ситни. Потполното варење на храната се одвива во цревото со помош на цревните сокови богати со ензими (ферменти) и соковите од црниот дроб.
Телото на животните постојано е изложено на различни влијанија од надворешната средина, како што се топло, ладно, механички удари, каснувања, потоа од навлегување на бактерии, ултравиолетово зрачење и друго. Покривката на телото им овозможува на животните заштита од сите негативни надворешни влијанија. Исто така, покривката на телото ја одделува нивната внатрешна од надворешната средина. Кај различни видови на животни таа е различно изградена. Нејзината сложеност зависи од градбата на животното, неговата големина, начинот на живеење и условите кои владеат во срединатта во која што живеат. Таа може да биде едноставно градена, само од еден слој на клетки или пак во нејзината градба учествуваат повеќе слоеви на клетки. Освен тоа кај некои видови на животни телесната покривка може да стане и доволно цврста и да служи како главна потпора или скелет на животното, како што е, на пример, черупката на полжавот или оклопот на ракот
Покривката на телото им повеќе функции:
Телесната покривка кај безрбетниците се состои од еден слој од цилиндрични епителни клетки и е наречена епидермис. Овој слој се наоѓа над слој од клетки наречен базална мембрана. Кај прстенестите црви горниот слој на клетките во епидермисот е задебелен и создава заштитен слој наречен кутикула. Кај мекотелите, како што се полжавите и школките, телото е заштитено со варовита черупка.
Кај членконогите животни телото е прекриено со посебен вид обвивка наречена хитинска обвивка. Оваа обвивка има и заштитна и потпорна улога. При растење на животните оваа обвивка не може да се растегнува, па затоа периодично се отфрла, односно животното се преслекува. Ваквото преслекување кај некои членконоги се врши во текот на целиот живот (ракови). Спротивно на нив, кај инсектите и пајаците преслекувањето се врши на одредено време.
Телото на иглокожите е прекриено со кратки или подолги иглички. Ваквите иглички можат да бидат подвижни или неподвижни.
Телесната покривка кај сите ’рбетници е составена од покривен слој епидермис кој се состои од повеќеслоен епител. Овој слој на клетки ја покрива вистинската кожа. Кога одредени делови на овој дел се зајакнуваат се создава крзно, како што е случајот кај добитокот. Кај некои ’рбетници епителните клетки создаваат и складираат рожна белковина која е нерастворлива во вода. Кај најпросто градените хордови животни, туники, телото им е покриено со обвивка, или туника, која ги прави овие животни единствени во царството на животните. Епидермисот кај рибите е тенок и не содржи рожна белковина. Повеќеклеточните жлезди во овој слој излачуваат слуз со што нивната кожа станува мазна и лигава. Тоа на рибите им помага полесно да пливаат. Кожата кај рибите создава коскени крлушки. Надворешните крлушки често се преобразуваат во лушпи. Кожата кај водоземците е слична на кожата кај рибите, а се разликува само по отсуството на коскени лушпи и создавањето на рожна белковина. Таа е набрана, растеглива и влажна. Како што ’рбетниците се приспособувале кон копнените услови за живеење, така количеството на рожнатиот слој се зголемувало и добивал сè поголема заштитна улога. Овој дел на кожата кај влекачите создава тенок слој од рожни плочки. Кај повеќето од влекачите создаваат рожни лушпи или плочки кои го штитат телото од штетните зрачења и повреди и ја намалуваат загубата на водата од телото. Новите клетки што се развиваат во подлабоките слоеви на епидермисот, во вид на рожни слоеви кај желките се носат на себе, а кај змиите и некои гуштери се преслекуваат. Во кожата на влекачите имаат само неколку жлезди и поради тоа кај нив кожата е сува. Кај некои змии и гуштери има жлезди кои излачуваат материи, кои имаат предупредувачко обојување, што обезбедуваат заштита од напаѓачите. Пердувите се најкарактеристичен дел за препознавање на птиците. Пердувите се израстоци на кожата. Тие претставуваат издолжени и распердушени рожни лушпи. Пердувите се составени од централна оска, што е навлезена во вдлабнатини на кожата На горниот дел на оската има многу странични гранчиња. Секое странично гранче има ситни куки кои се спојуваат со куките на соседните гранчиња. На овој начин пердувите создаваат целина. Птиците кои се добри летачи, на своите крилја имаат збиен распоред на пердувите кој им овозможува полесно да летаат. Бидејќи пердувите се неживи творби со нивното стареење се отфрлаат и се заменуваат со нови.
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.